text size
Поголема даночна реформа за која веќе се отвори своевидна дебата, најави министерот за финансии Фатмир Бесими, а под најавените реформи, веќе е извесно, клучната поента е да се зголемат даночните приходи, со поголеми опфати, стеснување на некои бенефиции, додавање обврски кај досегашни ослободувања. Ќе бидат „реформирани“ сите даноци, а во оваа анализа се осврнуваме најмногу за Данокот на додадена вредност (ДДВ), тој што сите го плаќаме за добрата и услугите кои ги добиваме. Во услови на растечка инфлација, приходите во буџетот од овој данок се во нагорен тренд, но растот на трошоците за живот кој нема да биде стабилизиран и во следната година, ќе значи удар плус за граѓаните токму од аспект на плаќањето на ДДВ. Нема прецизни детали за кои производи ќе се зголеми стапката на ДДВ, но министерот Бесими јасно прецизираше дека ќе се стесни листата на стоки и услуги за кои сега имаме повластени стапки.