Главното ветување на сегашната власт во изборната кампања беше линеарно покачување на пензиите за 5.000 денари. Половина од ветеното е остварено и следната недела пензионерите ќе ја добијат третата пензија зголемена за 2.500 денари. Другите 2.500 денари ќе ги добијат напролет.
Во земјава има 342.170 пензионери, кои остваруваат право на пензија по повеќе основи: семејна, старосна, инвалидска, воена и земјоделска пензија. Најголем дел пензионери, над 120.000, имаат пензија до 19.400 денари (со последното линеарно зголемување).
Просечната исплатена пензија во октомври изнесувала 23.727 денари. Просечната старосна пензија е повисока и изнесувала 25.366 денари. Таа се добива за најмалку 15 години работа и со наполнети 62 години за жени и 64 години за мажи.
Прочитај повеќе
Зошто лидерите тешко го препознаваат моментот кога треба да си заминат
Да можете да го препознаете моментот кога треба да заминете е уметност.
23.10.2024
Кои играчи ќе заминат во пензија по Евро 2024?
Очите на спортската јавност главно се насочени кон младите таленти
15.06.2024
Американците ги трошат пензиските заштеди
Се повеќе лица подигаат кредити врз основа на своите пензиски сметки
20.11.2023
За пензија треба заштеда од најмалку три милиони долари, велат инвеститорите
Едно од поинтересните финансиски прашања е секако колку пари се доволни за удобен живот во пензија.
27.02.2023
Највисоката исплатена пензија во октомври изнесувала 82.780 денари и ја добиле 27 лица. Најниската пензија изнесувала 15.692 денари и минатиот месец им била исплатена на 2.370 лица.
Вистинска пресметка може да ви направи само ПИОМ
Сите ние сме се обиделе да пресметаме колкава ќе ни биде пензијата. Растот на платите од последните години делумно го зголемува оптимизмот дека еден ден ќе имаме повеќе од сегашните пензионери. Читајќи ги јавно достапните документи, желбата за пресметка кај многумина брзо поминува поради тоа што станува збор за многу сложен процес на множење, собирање, делење.
„Блумберг Адрија“ денеска прави обид да го демистифицира системот за пресметка на пензиите. Обидот не е воопшто лесен иако добивме драгоцена помош од лицата во Фондот за пензиско, кои цел живот токму тоа го работат – ги пресметуваат туѓите пензии.
Првото нешто што го кажаа во оваа служба е дека вистинската пензија може да ја пресметаат само во Фондот затоа што станува збор за многу податоци. Освен платата и стажот, важни се и процентите, кои се различни во зависност од годините поминати на работа, како и од тоа дали работникот има или нема втор столб, а во пресметката влегуваат и варијабли што ПИОМ ги добива од Државниот завод за статистика на годишно ниво.
Просек од сите плати
Првиот чекор за пресметка на пензијата е да се утврди пензиската основица. Тоа е просекот од сите исплатени плати во текот на работниот век. Значи, во просекот нема да влезат само платите од последниот период на забрзан раст. Во просекот влегуваат и некогашните минимални плати на кои бевме пријавени, додека остатокот го добивавме во плик или најчесто и без плик, директно на рака.
Откако ќе се утврди основицата, следува сложениот дел. Работниот век на идниот пензионер се дели на периоди за кои важат различни проценти што се значајни за пресметка.
Највисоки се процентите што се земаат предвид за лицата што работеле до 2001 година и не се дел од вториот пензиски систем. Тие добиваат најголеми проценти од основицата.
За стаж од 15 години процентот изнесува 40 отсто за жени и 35 отсто за мажи. За лицата што имаат повеќе стаж, процентот расте и стигнува до 80 отсто за 40 години стаж за мажи и 35 години стаж за жени (Закон за пензиско и инвалидско осигурување, член 228).
Примерот што го разгледувавме е за лице што остварува право на старосна пензија со стаж од над 38 години. Лицето има наполнето 15 години стаж пред 2001 година и не е член на вториот столб. По овој основ остварува 65,60 отсто од пензиската основица.
Понатаму, на овие 65,60 отсто се додаваат процентите што законот ги дава за следните периоди. Лицето од примерот, кога ќе завршат сите пресметки и ќе се додадат варијаблите што ги утврдува државната статистика, добива право на пензија што изнесува 82,60 отсто од утврдената основица.
Вториот пример е понеповолен затоа што лицето (над 35 години стаж, без втор столб) немало полни 15 години стаж до 2001 година. Во овој случај лицето остварува право на пензија од 74,64 отсто од основицата.
Мажите во понеповолна положба
Забележавте дека процентите по кои се утврдува пензијата се различни за мажи и за жени. Пресметките за мажите се прават по пониски коефициенти и на прашањето зошто е тоа така нема конкретен одговор.
Разликата останала од периодот кога услов за пензија беше стажот, па мажите се пензионираа со 40, а жените со 35 години работен стаж. Пониските проценти можеби тогаш имале смисла затоа што мажите работеле пет години подолго. Сега, кога главно сите одат во пензија со 64 години старост, ваквото решение нема логика.
Вработените во војската, полицијата и безбедносните служби се привилегирани
Освен што одат во пензија многу млади, некои дури и помлади од 50 години, поради бенефицираниот стаж, вработените во безбедносните служби, МВР и АРМ можат да си одберат кои години ќе им влезат во просекот. Имено, во нивната основица влегуваат десетте најповолни години, односно годините кога имале највисоки плати.
Освен за оперативците со бенефициран стаж, од годинава ваквото решение важи и за цивилите вработени во службите.
Најголемата нелогичност во ова решение е тоа што важи и за припадниците на ЈНА. Тие како најповолни години ги земаат годините кога работеле во претходната држава, што значително им ја зголемува пензијата.
Задолжителните пензиски фондови во Македонија ја надминаа сумата од 2,6 милијарди евра акумулирани средства кои се поделени на личните пензиски сметки на повеќе од 600 илјади граѓани, вели Коста Ивановски, финансиски аналитичар. Пензиските фондови се сè уште во фаза на акумулација односно уште немаат членови кои примаат пензија. Ако се погледне статистиката, два отсто од членовите на задолжителните пензиски фондови имаат помалку од десет години рок до остварување право на пензија. |