Летните горештини од година на година стануваат сѐ помалку подносливи, а тоа го отежнува и одењето на плажа бидејќи целодневното седење на сонце ја губи убавината во услови кога неговите зраци буквално ја пржат кожата. Освен тоа, метежот одамна веќе не е во мода кога станува збор за вистински одмор, па сѐ помногубројни се туристите што бараат поинаков начин за одмор, рекреација, па дури и примена на активен одмор. Се трага по поинакво, незаборавно искуство, окото станува желно за нови видици, не само хоризонт со море и планини во недоглед. Па, често душата знае да одмори во некој спа-центар, телото да се радува на слободен лет, белите дробови да се преродат меѓу планинските дрвја, а окото да ги улови и најситните детали на природните убавини.
Ако сте едни од авантуристите и сакате да избегате од асфалтот барем на еден ден и да се вратите како нови, со полна душа и максимална енергија, тогаш продолжете со читање. Разгледавме неколку можности за незаборавно бегство од реалноста.
Птичја перспектива за човечкото око
Тандем параглајдинг е една од опциите достапни за авантуристите што уживаат во алтернативен туризам, а токму тоа е еден од адутите на Македонија. Важно е што за да одите на параглајдинг-тура не се потребни претходно искуство и знаење бидејќи се лета тандемски со професионални инструктори.
Прочитај повеќе

На плажа во Грција или по патот на Инките - каде на одмор годинава?
Туристичките агенции нудат аранжмани речиси за сечиј џеб: почнувајќи од еднонеделен одмор во Грција, преку крстосување, до луксузни долги одмори на егзотични локации или необични патувања низ светот.
08.05.2025

Зошто хотелите „само за возрасни“ наеднаш станаа толку популарни?
Овие сместувачки капацитети кои на гостите им гарантираат мир и приватност стануваат голем тренд во патувањето.
08.06.2025

Странските туристи се враќаат, но сѐ пократко седат во Македонија
Бројот на туристи, особено странски, се нормализира на нивото од пред пандемијата.
26.12.2024

Туризмот во Македонија може да живее само од археологија?
Најмалку 70 отсто од туристите ја посетуваат земјава од културолошки мотиви, а потенцијалот за раст на археолошкиот туризам е огромен.
24.12.2024

Планински картинг во Македонија: Еден поинаков адреналин налето
Во време на екстремни горештини, планинскиот картинг станува просперитетен бизнис.
06.07.2024

Според искуството на инструкторите за летање, интересот за параглајдерство е сė поголем и поголем, особено од странските туристи, додека кај нас уште има стереотипи за летањето со параглајдер.
„Охрид е особено атрактивен за странците, а интерес има речиси кај секоја возраст, од 18-20 години, па до авантуристи од 60-70 години. Интересот на повозрасните е изненадувачки за нас“, вели Борјан Јованоски, инструктор за параглајдерство. За него ова е како семеен бизнис, бидејќи освен него, дел од тимот за обуки за параглајдерство се и неговиот татко и брат. Нивниот успех во оваа спортска дисциплина е видлив низ светот. Борјан бил трет, а неговиот брат Мартин во својата биографија има запишано прво место на светската ранг-листа на параглајдеристи.
За тандем параглајдинг, опција наменета и за тие без искуство бидејќи летаат заеднички со лиценцирани инструктори, се нудат тури за летање од Водно, Прилеп, Крушево, Попова Шапка и Галичица – Охрид. Времетраењето на турите е два часа, освен на скопската, која трае три часа. Но тоа се однесува на целата тура, од приемот на клиентите, подготовката, летот со параглајдер и транспортот на клиентите назад до собирното место, додека самиот лет зависи од временските и термичките услови и вообичаено трае од 10 до 20 минути (доколку има добри термички услови, времетраењето на летот може да се зголеми). Цените на турите се движат од 4.600 до 5.600 денари, во зависност од локацијата. Турите се достапни од март до декември, а дента пред да се одржи закажаното летање, се потврдува дали таа ќе се одржи во зависност од временските услови. |
За тандем параглајдинг, опција наменета и за тие без искуство бидејќи летаат заеднички со инструкторите, се нудат тури за летање од Водно, Прилеп, Крушево, Попова Шапка и Галичица – Охрид.
Во разговор за „Блумберг Адрија“ Јованоски вели дека турата од Галичица - Охрид, над Охридско Езеро, дефинитивно е најбарана поради феноменалниот поглед, а, разбирливо, интересот е најголем во периодот на летната сезона.

„Турата во Охрид е најбарана, и тоа најмногу од холандските туристи, поради тоа што има два туроператори од Холандија што носат туристи во Охрид. Во последниот период интерес има и од туристи од Турција, кои од пред две години ги има во многу зголемен број“, вели Борјан Јованоски.
„Националниот парк Галичица и Охридско Езеро се наоѓаат во југозападниот дел од Македонија и можеме да кажеме дека ова е еден од најубавите предели во нашата држава. Оваа локација нуди одлични термички услови за летање. Охридско Езеро е едно од најдлабоките и најстарите езера во Европа, со уникатен воден екосистем од светско значење, со 200 различни ендемски вида на организми. Водата е кристално чиста, со провидност и до 25 метри, која овозможува одлични услови за пливање, кајакарство, суп-штици и друго. Градот Охрид е сместен на самото крајбрежје на Охридско Езеро и изобилува со историски и културни знаменитости“. |
Освен во приватна режија за авантуристите, параглајдинг-турите се достапни и за фирмите, кои често ги користат за тимбилдинг-активности. Јованоски вели дека ИТ-компаниите и маркетинг-агенциите се нивни најчести клиенти, поточно фирми каде што вработените се претежно затворени во канцеларии и постојано седат пред компјутер, па сакаат да поминат малку време на планина.
„Иако не сме многу познати за алтернативен туризам, вклучувајќи го и параглајдеризмот, сепак странците покажуваат сė поголем интерес за Македонија. Алпите и Европа се преполни и туристите веќе бараат празни места, без метеж, за вистински да ја почувствуваат природата. Ние имаме контакт со некои туроператори што укажуваат дека поради големиот метеж сѐ повеќе се бараат нови дестинации“, вели Јованоски.
Инаку, во однос на професионалното параглајдерство, што секако влијае на туризмот, Крушево е многу позната и посакувана дестинација од страна на професионалците низ светот.
Крушево/Приватна архива (https://flykrushevo.com/)
„Македонија има многу добри пилоти, познати на светската сцена, што соработуваат со инструктори од други земји, кои, пак, имаат сопствени школи и нивните ученици ги носат на обука во Македонија. Нашата земја има многу поволни временски услови, а истовремено поевтини услуги со ист квалитет како и европските, а тука е и добрата храна“, вели Јованоски, истакнувајќи дека некои европски земји дури своите национални првенства ги одржуваат во Крушево, каде што инаку во 2016 и 2019 година се одржаа Европското и Светското првенство во параглајдерство во дисциплината крос-кантри, а веќе е донесена одлука Македонија, поточно Крушево, повторно да биде домаќин и организатор на Европското и Светското првенство во параглајдерство во 2026 година.
„Неизбежно е да се потенцира дека Крушево е едно најпознатите места за параглајдерство во светот. Поволните временски услови, релјефските и географските карактеристики прават да биде и најпосетено место за параглајдерство во светот. Секоја година на оваа локација се одржуваат натпревари од светски карактер и токму тука во 2016 и 2019 година се одржаа Европското и Светското првенство во параглајдерство“. |
„Земји како Австрија, Германија и нордиските земји ги организираат своите национални првенства кај нас. Иако треба да се напомене дека тие често своите првенства ги одржуваат во други земји, сепак на пример Германија и Норвешка три години по ред ги организираат натпреварувањата тука. Освен тоа, во Крушево веќе се одржаа Европското и Светското првенство“, вели Јованоски.
Јавање коњи – бесценето искуство
Од небеските убавини се селиме на земните задоволства што ги нудат алтернативниот туризам и живописната природа во држави како Македонија, која изобилува со планински предели што нудат незаборавен поглед и бајковито уживање.
„Шерпа хорс рајдинг“ (Sherpa Horse Riding) веќе десет години го промовира туризмот за јавање. Со два ранча во планините на националниот парк Маврово, поточно во селото Галичник, како и во централна Македонија (Градско), животната страст за спортот јавање и одбивноста кон градовите и нивната бучна средина, се причина сопственикот да го поминува најголемиот дел од слободното време во планините, што подоцна, кога како професионален водич и тренер за јавање ги започна јавачките тури на ранчот „Шерпа“, тоа се претвора во негова професија.
„Ранчот се наоѓа на околу еден километар оддалеченост од селото Галичник, на 1.500 метри надморска височина. Опкружен е со недопрената природа на националниот парк Маврово. Нашите коњи живеат тука во текот на летото. Ресторан и тоалети се достапни на локацијата и сместување во блиските села“. |
„Ние нудиме вестерн-стил на јавање. Вие ќе јавате балкански планински коњи, издржливи и стабилни за стрмен терен, а исто така и полурасни арапски коњи“, се наведува на интернет-страницата на „Шерпа хорс рајдинг“, каде што се напоменува дека турите се приспособуваат на секое ниво на јавач, од почетник до напреден. „Пред да започне јавањето, секој јавач од групата добива индивидуални инструкции со професионален водич“.
Патека Клепа/Приватна архива (https://horseriding.com.mk/mk/)
Во разговор за „Блумберг Адрија“, еден од членовите на тимот на „Шерпа хорс рајдинг“ вели дека нема правила во однос на нивните клиенти, односно интересот е голем и кај странците и кај домашните туристи.
„Има еднакво многу странски туристи како и домашни, иако за еднодневните тури има многу наши туристи, почнувајќи од фамилии со дечиња (најмала возраст за јавање е осум години), па до повозрасни јавачи со искуство“, вели нашиот соговорник, кој посочува дека периодот од мај до септември е најактуелен кога станува збор за јавањето коњи.
Патека Русин/Приватна архива (https://horseriding.com.mk/mk/)
Тури со јавање коњи од годинава се достапни во текот на целата година и има неколку патеки што се на располагање во Тиквешкиот Регион и во Галичник, но не се сите достапни во секој период од годината. Сепак, од „Шерпа хорс рајдинг“ велат дека патеката Русин е најактуелна бидејќи е панорамска и особено погодна за луѓе без искуство.
ПАТЕКА КЛЕПА (Планинско јавање низ зелени овоштарници и разгранети лозја, патека што води до прекрасниот врв Клепа, со неверојатен поглед кон тиквешките лозја.) • Цена по лице: 2.000 денари ПАТЕКА РУСИН (Планинско јавање преку бескрајните пасишта на планината Бистра до традиционалната фарма со овци „Русин“. На оваа тура ќе имате можност да го видите највисокиот врв Меденица - 2.136 метри на планината Бистра, со неверојатен поглед кон најживописниот дел од масивот Стогово - 2.218 метри.) • Цена по лице: 2.690 денари ПАТЕКА САЛТАНИЦА (Ексклузивно планинско јавање низ бескрајните пасишта на планината Бистра, па сė до фармата со овци „Салтаница“. На оваа тура ќе имате можност да го видите највисокиот врв Меденица - 2.136 метри на планината Бистра и да ја почувствувате свежината на дивиот планински дух.) • Цена по лице: 3.400 ден АДРЕНАЛИНСКО ИСКУСТВО (Адреналинска тура низ највисоките врвови на планината Бистра, масивот Кораб - 2.764 метри и уживање во прекрасните панорамски погледи на Мавровско Езеро и одличниот планински хоризонт.) • Цена по лице: 4.200 ден
|
Адреналинско искуство/Приватна архива (https://horseriding.com.mk/mk/)
„Блумберг Адрија“ често посветува внимание на можностите што Македонија ги нуди во однос на алтернативниот туризам и различните понуди за авантуристите што сакаат да избегаат од плажите и метежите и да се одморат можеби во некој спа-центар или под крошните на планинските дрвја.
Освен тоа, пишувавме и за можностите што ги нуди археологијата за развој на туризмот и кои археолошки локалитети и знаменитости се најпосетени.
Секако, веќе направивме преглед и на понудите од македонските туристички агенции, со краток преглед на тоа какви аранжмани се нудат за класичен летен одмор, кои се лесно достапните дестинации и по која цена.
Летото е тука, можностите и понудите за одмор се шаренолики, а одлуката за уживање е само ваша. Имајте пријатно и опуштено или можеби, сепак, активно лето!
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...