Туризмот одамна ги урна сите бариери и излезе од шаблоните и вообичаените патувања, кои најчесто подразбираа туризам покрај вода и на планина или посета на поголемите градови. Алтернативниот туризам од година на година зема сè поголем замав, бидејќи луѓето одамна бараат нешто повеќе од само патување и одмор. Таквиот вид патување станува сè поатрактивно во сите негови форми, почнувајќи од градски туризам, рурален, спортски, религиозен, креативен, етнотуризам, потоа гастрономски туризам, бањски, велнес, медицински, па до културниот туризам и сите негови подвидови, вклучувајќи го и археолошкиот, на кој го ставаме фокусот во оваа наша анализа.
Со промените што ги направи новата власт во однос на секторската поделба по министерства, секторот туризам сега се всели во куќата на културата. Според министерот за култура и туризам, тоа е идеален спој што нуди полн погодок за развој на културниот туризам, следствено и на археолошкиот. Тој смета дека дури 70 проценти од туристите во земјава доаѓаат поради културата, а потенцијалот за развој е огромен.
„За нас ќе биде многу важен археолошкиот туризам, а од друга страна во последниве седум години буџетот, особено за археологијата, е екстремно намален и е многу тешко сега да се вратите наеднаш на нешто што се случило пред толку години и затоа во овој период не треба да отвораме нови работи, туку треба да го истражиме сето она што го имаме откриено на времето и сите оние потенцијали што ги имаме, а се девастирани во овие седум години“, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Прочитај повеќе
Расте бројот на туристи во земјава, до октомври ја посетиле 92.000 повеќе од лани
До октомври Македонија ја посетиле за 8,8 проценти или 92.166 повеќе туристи на годишно ниво, а бројот на ноќевања е зголемен за 5,5 отсто.
11.12.2024
Гастротуризмот е сė позначаен во Адрија: Колку придонесува водичот „Мишелин“?
Гастрономската и енолошката понуда се клучни за развој на туризмот.
22.10.2024
Ем сметките растат ем масите полни: Кој троши во македонските меани?
Според податоците од ДЗС, во ноември годинава цените на угостителските услуги се зголемиле за шест отсто споредено со истиот месец лани.
05.12.2024
„Културата претставува еден од најважните столбови на една држава како главен носител на културниот и историскиот идентитет за развој на едно општество, а секако културното наследство, во кое е вклучено и археолошкото, преку институционалните механизми ги штити национални интереси и ги става во функција на унапредување на општеството како интегрирачки фактор, кои истовремено носат и економска бенефиција преку промоција како атрактивна туристичка дестинација“, вели нашиот соговорник м-р Горан Патчев, директор на националната установа Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид.
„Археологијата и туризмот се две спротивни општествени гранки, кои ако се поврзат, прават вистински бум дополнувајќи се една со друга. За туристите тоа се атрактивни археолошки дестинации, а пак за археологијата е нејзина самопромоција“, вели нашиот соговорник Ѓорѓи Кипровски, магистер по археологија. „Сите ние сонуваме за скриени богатства, тајни одаи, сите го имаме гледано ’Индијана Џонс’, што значи дека археологијата како таква е навистина популарна и е вистински магнет за туристите. Македонија е лулка на археолошките локалитети. Во археолошката карта се регистрирани 5.000, но ви гарантирам дека се 15.000 локалитети“, вели Кипровски.
Охрид неприкосновено е златната кокошка во археолошкиот туризам
НУ Завод и музеј-Охрид директно управува со неколку локалитети и објекти, а во случајов ги анализираме комплексот Робевци, Галеријата на икони, Самоиловата тврдина и Музејот на вода.
„Според анализите, може да се каже дека од 2010 до 2019 година имало постојан раст на посетеноста, а со тоа и поголеми профити и од продадени билети и од продажба на трговска стока, сė до 2020 година и проблемите со ковид-кризата, каде што има нагло опаѓање на посетеноста и продажбата, всушност како и во другите сегменти во општеството во тој период“, вели директорот Патчев, кој напоменува дека по 2020 година одново се забележува постепен пораст на продадени билети, но 2019 година е запишана како најдобра и тешко се надминува.
„Од анализата на профитот од продадена трговска стока се забележува слаб напредок од 2020 година наваму поради две поголеми причини: првата е дека се повлекоа од продажба голем број сувенири, копии што го имаат симболот на сонцето од Кутлеш, не се продолжија договорите за нивно производство и се затворија типските сувенирници, кои по ковид-кризата беа нерентабилни“, објаснува Патчев.
„Ако, пак, ја анализираме табелата со профитот од продадени билети, видливо е дека 2024 година, и покрај статистиката направена заклучно со октомври, ги надминува сите други години, но тоа е благодарение на зголемената цена на билетите“, потенцира директорот на НУ Завод и музеј-Охрид.
„Од потенцијалите што ги имаме, Охрид неминовно е една од најголемите туристички атракции. Не дека другите градови немаат што да покажат, но се неоткриени, а има толку многу заштитено културно наследство и може да се прават многу приказни“, вели министерот за култура и туризам.
Тој како успешен пример за профитабилен објект го посочува Музејот на вода во Охрид, кој, според него, и покрај лошото менаџирање и запуштеноста на објектот, постојано е меѓу најпосетуваните туристички атракции во земјава.
„Во наредниот период ќе направиме една добра анализа да видиме кои се потенцијалите, но она што го видов јас летоска беше како еден објект што е тотално запуштен, сепак беше полн со туристи. Имате две работи: носи пари и е самоодржлив, но сликата што ја оставаме како држава е страшно лоша. Замислете музејот да може сите објекти што ги има да ги направи таква туристичка атракција и Охрид е веќе затворена приказна“, вели министерот Љутков, посочувајќи дека сега веќе се работи на обнова на Заливот на коските.
Не за повеќе туристи во Охрид, но да за побогата понуда
Третманот на археолошките локалитети е пропишан според разни меѓународни конвенции за заштита на културното наследство (на кои и Македонија е потписничка), а нивното користење не треба да ги загрозува нивниот интегритет, автентичност и значење.
„Тоа значи дека туристичката оптовареност треба да биде онолку колку што еден локалитет може да поднесе, а се определува во согласност со специфични студии или планови за управување. Иако имаме голем број споменици на културата и заштитени археолошки локалитети, сепак товарот паѓа на неколку позначајни комплекси, како што се Музејот на вода–Залив на коските и Самоиловата тврдина, кои носат и директен профит, а тука се Античкиот театар и локалитетот Плаошник, кои во иднина треба да се искористат повеќе, како и некои помали и понепознати локалитети“, вели директорот на НУ Завод и музеј-Охрид.
Да не заборавиме дека во три од четирите критериуми со кои природното и културно наследство на Охридскиот Регион е впишано во УНЕСКО е богатото културно наследство со концентрација на археолошки остатоци и урбани структури во старото градско јадро на Охрид и покрај брегот на Охридско Езеро. Директорот на НУ Завод и музеј-Охрид фокусот во неговиот регион го става не на зголемување на бројот на посетители туку на збогатување на понудата на сувенири и разни дополнителни услуги и содржини, што ќе донесе поголема додадена вредност.
По пандемијата, бројот на туристи во земјава континуирано расте
Годинава Македонија ја посетиле за 8,8 проценти повеќе туристи на годишно ниво. Новите податоци од Државниот завод за статистика се однесуваат на периодот од јануари до октомври и покажуваат дека во десетте месеци Македонија ја посетиле 1.138.353 туристи, односно за 92.166 туристи повеќе од истиот период лани.
„Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека туристите, традиционално, најмногу ги посетуваат главниот град и езерските места. Конкретно во октомври земјава ја посетиле 107.672 туристи, од кои нешто над 41.000 биле во Скопје, а речиси 42.000 ги посетиле езерските места.
Туризмот во Македонија има капацитет да живее само од археологијата?
И министерот за култура и археологот со кого разговаравме се согласни дека Македонија може многу добро да живее од археолошкиот туризам, со оглед на огромното и богато наследство што го поседува од минатото.
„Ако зборуваме генерално за целиот археолошки туризам, навистина имаме толку голем капацитет што ние како земја може да живееме само од археолошкиот туризам. Но ако таа археологија ние ја чуваме, не ѝ дадеме некогаш и комерцијална димензија, тогаш не сме успеале ништо да направиме“, вели министерот за култура.
Љутков вели дека Министерство за култура редовно ги поддржува сите активности што се случуваат во римскиот град Скупи. Имено, како резултат на капитални проекти во периодот од 2008 до 2016 година се направени големи археолошки истражувања, кога се откриени многу значајни објекти, меѓу кои големиот термален комплекс, големата ранохристијанска базилика, градскиот југоисточен беден, како и делови од градскиот домус, и на крајот подробно се истражи Римскиот театар. Оттогаш, вели Љутков, е сė помал обемот на финансиски средства за таа намена.
„Одлична идеја беше да се реконструира Античкиот театар во Скупи. Тоа ќе значеше прилив на гости на самиот локалитет, одржување претстави, концерти итн., во еден исклучителен амбиент, кој сигурно ќе му даваше дополнителна вредност на самиот настан. Нешто слично како активниот Антички театар во Охрид. Тоа ќе значеше и нови средства за доистражување на фантастичниот локалитет Скупи и негова промоција“, вели археологот Кипровски.
За министерот за култура и туризам добра е идејата за спојувањето на Скупи со аквадуктот.
„Блиску се и, да бидеме реални, тоа е одлична тура доколку се затвори убаво целиот комплекс Скупи и се доистражи и се отвори аквадуктот. Но таму сега има еден суштински проблем, а тоа експропријација на земјиштето каде што се наоѓа аквадуктот и за таа намена ние секоја година одвојуваме средства ама тешко оди комуникацијата со луѓето што го имаат земјиштето“, вели министерот, кој напоменува дека во моментов се работи со намален обем на средства, а се отворени многу фронтови. Затоа, приоритетите се Скупи, Скопско Кале и Стоби.
Спој на археологијата со угостителството е предуслов за добра туристичка понуда
Несомнено е дека Македонија има многу да понуди во делот на археологијата, со што може да го зголеми овој вид на алтернативен туризам. Земјава не само што има над 5.000 регистрирани локалитети (кои во голем дел само се регистрирани, но не и истражени), што ја прави исклучително богата со античка култура и приказни за начинот на живот во дамнешното минато, туку многу од веќе истражените локалитети се богати со драгоцени, ретки или уникатни движни предмети и недвижен имот, што може да биде причина за раст на само на индивидуалниот алтернативен туризам туку и на колективниот наменски туризам, кој на пример би опфатил школски или универзитетски тури, па дури и семинарски тури на историската, археолошката и архитектонската фела.
Не случајно го побаравме нашиот соговорник Кипровски за темава. Освен што е магистер по археологија и историја на уметност, сегмент во кој е активен на терен, тој истовремено и самиот е угостител и води сопствен ресторан како семеен бизнис под брендот „Занзибар“ веќе 33 години.
„Новото министерство отвара можност да се реализира потребата од прави центри, кои на пример може да бидат лоцирани во Овчеполието, Тиквешијата, па, ако сакате, и на запад во Пелагонија, во кои ќе се носат туристите. Ќе има место за престој, угостителски објекти, сали за едукација, промоција итн., што значи дека треба да се создадат тимови од вистински експерти, кои нема да имаат само ефемерна улога туку ќе работат баш на оваа проблематика, односно археолози, историчари на уметност, туристички водичи, чија примарна и единствена цел ќе биде привлекување туристи, едукација низ археолошките локалитети и заштита на самите локалитети од туристичката инвазија“, вели Кипровски. Тој како пример го посочува патот од Скопје до Гевгелија, кој изобилува со десетици археолошки локалитети покрај самата патна траса од кои имаме афирмација, а табла има само на еден - Стоби.
„Тие центри што ги спомнуваме може да се користат и како прави центри за студентски групи, каде што едукацијата и промоцијата би биле на повисоко стручно ниво, што би значело презентација на целокупната инфраструктура во регионот, согледување на центрите и нивната гравитација до главниот културен и политички центар. Тоа би значело посета и на археолошки локалитети што не се отворени, односно истражени, со што би биле многу провокативни во затварањето на имагинацијата за самиот простор кај студентите“, вели археологот.
„Секој поатрактивен археолошки и друг културен објект од минатото треба да живее сам од себе, односно тие кадри за кои зборувавме треба да ја создадат неговата приказна, да ги повикаат туристите, да ги едуцираат и, што е најважно, да го зачуваат локалитетот од самата таа туристичка инвазија. Носењето туристи значи внесување материјални средства што ќе се употребуваат за таа темелна конзервација на објектите, но и ќе претставуваат средства за откривање нови содржини во локалитетот“, посочува археологот Кипровски.
И министерот за култура смета дека покрај позначајните археолошки објекти мора да се обезбеди простор за дополнителни атрактивни содржини.
„Потребно е да имаат и комерцијални содржини во делот на ресторански услуги, да има сместувачки капацитети во близината на археолошките локалитети, на секој археолошки локалитет да има некаква културна манифестација и на тој начин регионално да се формираат неколку клучни центри“, вели министерот Љутков.
Според него, станува збор за интересен принцип на регионална поделба на културата, но тој смета дека е потребна голема соработка и со општините, кои секако би имале корист. Тој не се сомнева во профитабилноста од таквите проекти и дека повеќекратно ќе ги вратат вложените пари, не сметајќи ги тука подобрувањето на репутацијата на земјава и дополнителната промоција како туристичка дестинација. Проблемот, сепак, е што мора да се вложат многу средства уште на самиот почеток, за што пред сè е потребна сериозна стратегија.
„Културата е секако скапа работа, но, од друга страна, може да биде многу исплатлива кога е споена со туризмот“, смета министерот за култура.
Македонија има многу приказни, но нема кој и како да ги раскаже за да се продадат
Сите наши соговорници на темава се согласни дека земјава има неброено многу приказни, но недостига да се раскажат, промовираат и рекламираат за да се привлечат повеќе посетители, а со тоа да се зголемат и економските бенефиции.
„Денешното практикување туристите да се носат по музеи каде што ги гледаат археолошките предмети знае да биде многу досадна работа за нив, бидејќи освен првото впечатливо визуелно воодушевување, туристот не ја знае утилитарната употреба, уметничката вредност или, пак, технолошката обработка на истите тие“, вели археологот Кипровски. „За да биде тоа поатрактивно, во раните години на минатиот век во Данска под терминот експериментална археологија се создадени т.н. скансен музеи од отворен карактер, односно тотална реконструкција на местата за живеење, мебелот, кустоси облечени во адекватна облека што работат на приготвување храна, одгледуваат растенија, чуваат добиток, па дури и се изведуваат занаети карактеристични за времето што се претставува. Една блага форма на овие отворени музеи кај нас се Заливот на коските и реконструкцијата на неолитската населба Тумба Маџари“, вели Кипровски.
„Туризмот е дојден во култура токму од овие причини, затоа што досега немаше кој да ни ја продава приказната“, вели министерот Љутков, според кого, статистички, најголемиот број туристи што доаѓаат во Македонија доаѓаат заради културниот туризам. Но тој потенцира дека за реализација на таквите проекти е потребно навистина многу време.
Кружните тури се главен адут
Дека Македонија мора да понуди нешто повеќе за да ја зголеми атрактивноста за туристите е нешто за што се зборува со години. Тоа што земјава не излегува на море е недостиг што, според експертите, лесно се надоместува со добра понуда за нејзино интегрирање во кружни тури.
„Неодамна потпишавме договор со туроператор што ќе носи околу 35.000 туристи на годишно ниво, и тоа е дел од кружна тура во чии рамки ќе доаѓаат во Скопје, па ќе одат во Охрид, па ќе одат малку во Албанија и ќе се вратат, а некои, пак, се врзани за Црна Гора. Важно прават кружна тура и остануваат некаде околу седум-осум дена, од кои четири дена се во Македонија, два дена во Скопје и два дена во Охрид“, вели министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Според директорот на НУ Завод и музеј-Охрид, има и други два сегмента што се исклучително значајни за развој на археолошкиот туризам, а тоа се добра инфраструктура и дигитализација на институциите.
„За да се дојде до локалитетите е потребна добра инфраструктура, и во однос на физички пристап и на пристап до соодветни и квалитетни информации, за што е потребна дигитална трансформација на институциите, односно да се користат современи техники и технологии за презентација на културното наследство. Потоа прекугранична соработка заради промовирање на поширокиот Охридско-Преспански Регион, на пример со своите пештерни цркви и ликовите на светителите Климент и Наум што можат да се најдат во цркви во соседните земји Албанија и Грција, чии територии ги поврзувала охридската црковна дијацеза“, вели Горан Патчев, според кого презентацијата на културното наследство е заеднички предизвик за сите чинители во туристичката промоција.