Економската активност во Кина во август забави повеќе од очекуваното на сите фронтови, зголемувајќи ја веројатноста дека креаторите на политиките ќе воведат нови стимулативни мерки за да ја постигнат официјалната цел за раст.
Индустриското производство и потрошувачката го имаа најслабиот месец досега годинава, по остриот пад во јули – слабо остварување што може да изврши дополнителен притисок врз кинеските преговарачи на разговорите за трговија со претставници на САД оваа недела. Производството во фабриките и рудниците во август пораснало за 5,2 отсто во однос на минатата година, што е најмал раст од август 2024 година, покажуваат денеска податоците на Државниот завод за статистика.
Продажбата на мало пораснала за 3,4 отсто на годишно ниво, што е пад во однос на 3,7 отсто во претходниот месец. Растот на инвестициите во фиксни средства во првите осум месеци од годинава нагло забавил на 0,5 отсто – најслаб резултат за овој период, од пандемијата во 2020 година.
Прочитај повеќе

Кина разгледува пакет за помош на локалните власти, кои должат 1 трилион долари
Кина подготвува план за отплата на огромните долгови на локалните власти кон приватниот сектор, кои се проценети на над 1 трилион долари, во обид да се зајакне довербата во институциите.
11.09.2025

Трамп се закани со нови царини кон Кина и Индија за притисок врз Русија
Трамп бара заеднички настап со ЕУ за зголемување на притисокот врз Русија и завршување на војната.
10.09.2025

Кинеската БЈД со двојно повеќе модели на возила ја освојува Европа
БЈД, „Икспенг“ и „Липмотор“ го користат саемот во Минхен за проширување во Европа, заканувајќи им се на позициите на европските гиганти.
09.09.2025

Кина сака да стави контрола врз ризичното тргување со акции за стабилен раст
Загриженоста од нов балон по примерот од 2015 година ја натера Кина да воведе проверки на кредити, лимити за тргување и насоки за воздржаност на онлајн платформите.
04.09.2025

Се раѓа свет под доминација на Кина, а не на Западот
Пораката на Шји од неговата повеќедневна вежба на мека политичко-економска и тврда воена моќ е јасна: Кина е суперсила која сака да ги ресетира глобалните правила.
03.09.2025
Приносот на 30-годишните државни обврзници на Кина се намали за еден базичен поен, на 2,17 отсто, најверојатно поради очекувањата дека централната банка ќе мора да ја олесни монетарната политика со оглед на забавувањето на растот. Акциите на кинеските компании бележат благо зголемување по објавата на податоците, при што индексот CSI 300 порасна за 0,9 отсто до пладневната пауза.
Bloomberg
„Веројатно ќе видиме значително забавување на растот на БДП во третиот квартал,“ изјави Серена Жоу, главен економист за Кина во „Мизухо Секјуритис Азија“ (Mizuho Securities Asia Ltd.). „Високата споредбена база од четвртиот квартал на 2024 година сугерира дека веројатно ќе има уште поизразено забавување на растот во четвртиот квартал, што може да ја доведе во прашање целта на владата за раст од 5 отсто доколку не се преземат значајни стимулативни мерки.“
Со заладување на бумот кај извозот, многу аналитичари и инвеститори очекуваа забавување на кинеската економија во последните месеци од 2025 година, откако во првата половина таа забележа раст од 5,3 отсто. Степенот на оваа забавеност во Кина – земја што треба да биде најголем придонесувач во глобалниот раст во наредните пет години – ќе биде клучен за светската економија, која веќе забавува под притисок на тарифите на Доналд Трамп.
Во меѓувреме, дипломатијата меѓу двете најголеми економии во светот се засилува, бидејќи 90-дневното примирје за тарифите истекува на почетокот на ноември. Претставници на САД и Кина во неделата во Мадрид разговарале за „ТикТок“ (TikTok), трговијата и економијата, изјави висок претставник на американското Министерство за финансии.
Проекции на ММФ за растот во 2025 година
Bloomberg
Неочекувано добрите резултати на економијата во првата половина од годината им влеваат доверба на кинеските лидери дека ќе ја постигнат целта за раст, дури и со забавување во остатокот од годината.
Иако, според прогнозите на економистите, растот на бруто-домашниот производ во третиот квартал може да биде блиску до 5 отсто, изгледите за последните три месеци се помалку поволни. Причината е повисоката споредбена основа, бидејќи креаторите на политиките во септември 2024 година лансираа голем пакет стимулативни мерки што го засили растот.
Додека се подготвуваат да обезбедат дополнителна поддршка за економијата во наредните месеци, моментот за преземање на следните чекори е предмет на дебата. Народната банка на Кина ќе има повеќе простор за намалување на каматните стапки без грижа од притисок за девалвација на јуанот, доколку Федералните резерви оваа недела продолжат со намалување на трошоците за задолжување.
Сепак, постојниот бум на берзата во Кина би можел да ја одложи следната рунда олеснување, поради страв од создавање пазарен балон.
„Креаторите на политиките може да ги прилагодат мерките откако ќе бидат објавени податоците за БДП во третиот квартал во октомври,“ изјави Жанг Жјивеи, претседател и главен економист на „Пинпоинт Асет Менаџмент“ (Pinpoint Asset Management). „Не очекувам да биде објавен голем стимул, освен ако целта за раст од 5 отсто не стане тешко достижна.“
Инвестициите во Кина се движат кон една од најлошите години во историјата
Забавувањето на инвестициите во фиксни средства се забрза во август
Bloomberg
Економистите бараат дополнителни мерки за стабилизирање на пазарот на недвижности, кој повторно ослабна во август, бидејќи цените, инвестициите и продажбите се намалија во однос на претходниот месец. Според Жоу од „Мизухо“, владата може и да го забрза спроведувањето на инфраструктурните проекти порано од планираното.
Инвестициите во август нагло се намалија во повеќе индустрии, меѓу кои фармацевтската и машинската индустрија, производството на хемиски суровини, како и образованието и здравството.
Растот на инвестициите во инфраструктурата – традиционално користени од Пекинг за поттикнување на економијата во периоди на забавување – ослабна на само 2 отсто во првите осум месеци од годината, бидејќи владата станува сѐ повнимателна околу тоа кои проекти ќе ги финансира.
Растот на инвестициите во производството, исто така, се забави поради падот на набавките на опрема и инструменти, што го одразува стивнувањето на ефектот од владините субвенции за обновување на старите производни средства.
Инвестициите во производството во Кина забавуваат
Трошоците за инфраструктура, исто така, ослабуваат
Bloomberg
Продажбата на субвенционирани потрошувачки производи, како што се апарати за домаќинство, мебел и телекомуникациски уреди, забави во однос на претходниот месец, делумно поради статистичкиот ефект од високата споредбена основа во 2024 година, кога властите ја засилија програмата за замена на старо за ново приближно во истиот период.
Кина мора да се „фокусира на стабилизирање на вработеноста, компаниите, пазарите и очекувањата,“ се наведува во соопштението на Државниот завод за статистика. „Сè уште постои значителна нестабилност и неизвесност во надворешното опкружување, а економијата и натаму се соочува со бројни ризици и предизвици.“
Дури и пред последниот пакет податоци, серија разочарувачки извештаи во изминатите недели веќе укажуваше на сè поголема слабост во економијата.
Широкиот показател за кредитната активност забави минатиот месец за првпат годинава, додека растот на извозот беше послаб од прогнозите и падна на 4,4 отсто во август. Пазарот на труд, исто така, веројатно ослабнал во последните месеци, според анкетите на индексот на менаџери за набавка и приватни истражувања.
Што велат економистите на „Блумберг Економикс“ (Bloomberg Economics)...
„Слабите податоци втор месец по ред сугерираат дека брзото забавување на растот во Кина е предизвикано од структурни, а не од привремени фактори. Најјасното предупредување доаѓа од падот на инвестициите, што укажува и на новата слабост на пазарот на недвижности и на ограниченото влијание на државните трошоци како механизам за раст.“
— Чанг Шу и Дејвид Ку.
Друг извор на притисок за економијата е владината кампања против „инволуцијата“, која има цел да ја намали прекумерната продукција и преголемата конкуренција меѓу компаниите. Овој процес се засили на почетокот на јули и можеби придонесе за пад на производството кај производи кои се движат од челик до бакар.
Иако трговците ги зголемија цените на акциите во очекување дека мерките ќе ја вратат профитабилноста низ економијата, владата сè уште ризикува да ја загрози вработеноста и потрошувачката во отсуство на голем стимулативен пакет за побарувачката. Стапката на невработеност во урбаните средини, според анкетите, се влоши на 5,3 отсто.
Како ќе се развива кампањата останува крајно неизвесно, што го отежнува прогнозирањето кога Кина би можела да се ослободи од стегите на вкоренетата дефлација.
Како можен знак на последици од мерките за ограничување на капацитетите, производството на јаглен се намали втор месец по ред во однос на лани. На месечно ниво, вкупните инвестиции се влошија во споредба со јули и паднаа за повеќе од 6 отсто во август во однос на претходната година, покажуваат проценките на „Голдман Сакс груп“ (Goldman Sachs Group Inc.) и „Кепитал Економикс“ (Capital Economics Ltd.).
Падот на капиталните расходи најверојатно ја одразува комбинацијата од фактори кои се движат од екстремни временски услови и политиките против „инволуцијата“ до ограничувањата на градежните активности пред воената парада во Пекинг, наведуваат од „Голдман Сакс“.
„Поостро забавување би можело да поттикне монетарни стимули во четвртиот квартал,“ изјави Карлос Касанова, главен економист за Азија во „Јнион Банкер Приве“ (Union Bancaire Privee) во Хонг Конг. „Ситуацијата може да се влоши пред да се подобри, потенцијално предизвикувајќи нов бран на намалување на прогнозите за профит и доведувајќи ја во ризик кревката берзанска еуфорија.“
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...