Веројатно нема дом или канцеларија во земјите од регионот Адрија во кои изминативе децении барем еднаш немало компјутер со процесори на „Интел“, американска компанија која важеше за гигант во технолошкиот свет, но која во последниве неколку години се мачи да ги следи чекорите на конкуренцијата во новата ера на вештачката интелигенција. Сепак, крајот на летото покажа дека во позадината на лошите резултати долго се работело на план за воскреснување, чиј исход би требало да се знае веќе во 2026 година, кога компанијата ќе треба да покаже дека е способна да произведе чипови кои ќе ги задоволат барањата на новото време и со кои повторно би се наметнала на пазарот. Имено, во последните денови од август Владата на САД објави дека влегува во сопственичката структура на „Интел“, потоа „Енвидија“(Nvidia) објави дека ќе инвестира пет милијарди долари во заедничко производство на процесори за компјутери и за центри за податоци со „Интел“, а според информациите на „Блумберг“ се преговара и за инвестиција од „Епл“ (Apple). Овие случувања го привлекоа фокусот на инвеститорите и во текот на неделава доведоа до значителен раст на цената на акциите на „Интел“.
Контроверзна државна инвестиција за стратешка победа на САД
„Интел“ на 22 август годинава објави договор со администрацијата на Доналд Трамп за „поддршка на континуираната експанзија на американското лидерство во технологијата и производството“. Според условите на договорот, Владата на САД се обврза да инвестира 8,9 милијарди долари во обични акции на „Интел“, што беше најавено како чекор којшто ја „одразува довербата што администрацијата ја има во ‚Интел‘ за унапредување на клучните национални приоритети и критично важната улога што компанијата ја игра во проширувањето на домашната индустрија за полупроводници“.
Прочитај повеќе

„Интел“ бара инвестиција од „Епл“ за да го забрза своето враќање
По падот на пазарната моќ, „Интел“ се обидува да се врати со поддршка од „Епл“ и други инвеститори, во обид да ја поврати изгубената предност.
25.09.2025

„Енвидија“ инвестира 5 милијарди долари во „Интел“ и планира заедно да дизајнираат чипови
„Енвидија“ ќе купи обични акции на „Интел“ по цена од 23,28 долари по акција, соопштија двете компании денеска. „Интел“ ќе ја користи графичката технологија на „Енвидија“ во чиповите за персонални компјутери.
18.09.2025
„Како единствена компанија за полупроводници што врши врвни истражувања и развој на производство во САД, ‚Интел‘ е длабоко посветена на обезбедување дека најнапредните технологии во светот се произведени во Америка“, рече тогаш Лип-Бу Тан, извршен директор на Интел. „Фокусот на претседателот Трамп врз производството на чипови во САД води кон историски инвестиции во витална индустрија што е составен дел од економската и националната безбедност на земјата. Благодарни сме за довербата што претседателот и администрацијата ја имаат во ‚Интел‘ и со нетрпение очекуваме да работиме на унапредување на американската технологија и лидерство во производството.“
Хауард Лутник, секретар за трговија на САД тогаш изјави дека „оваа администрација останува посветена на зајакнување на доминацијата на нашата земја во вештачката интелигенција, а воедно и на нашата национална безбедност.“
„Интел“ моментално презема значително проширување на својот домашен капацитет за производство на чипови, инвестирајќи повеќе од 100 милијарди долари за проширување на своите локации во САД. Се очекува најновата локација за производство на чипови на компанијата во Аризона да започне со производство во голем обем подоцна оваа година, со најнапредната технологија за производство на полупроводници на американско тло.
За Вашингтон, проблемите на „Интел“ се своевидна геостратешка слабост. Администрациите на Бајден и Трамп подеднакво ги третираа полупроводниците како приоритет на националната безбедност. Со оглед на тоа што Кина инвестира многу во сопствениот сектор за чипови, а Тајван се смета за геополитичка точка на нестабилност, американските претставници го сметаат „Интел“ за единствена компанија способна да гради врвни чипови на американска почва. Инвестицијата на американската Владата, иако контроверзна, веќе се исплати на хартија. Уделот од 8,9 милијарди долари се зголеми во вредност за повеќе од 4 милијарди долари, бидејќи акциите на „Интел“ скокнаа во септември.
„Енвидија“ инвестира во „Интел“, но ќе користи тајвански чипови
Како гром од вредно небо одекна информацијата од минатата недела дека „Енвидија“ ќе инвестира инвестира пет милијарди долари во „Интел“ и дека двете компании ќе развиваат заеднички чипови за персонални компјутери и центри за податоци. Тие го претставија својот договор како поврзување на производи што им дава можност да се префрлат во области од пазарот на компјутери што моментално не ги достигнуваат, можност што може да вреди дури 50 милијарди долари годишно, според главниот извршен директор на „Енвидија“, Џенсен Хуанг.
Bloomberg
Сепак, кога на прес-конференција за инвестицијата беше прашан дали „Енвидија“ ќе ги користи услугите на „Интел“, главниот извршен директор Хуанг рече дека ќе продолжат да биде клиенти на ТСМЦ (Taiwan Semiconductor Manufacturing Co) додека ја оценуваат технологијата на „Интел“.
Во неговиот одговор всушност се нагласува фундаменталниот проблем на „Интел“ - инвеститорите можеби се подготвени да го финансираат пресвртот во компанијата, но останува неизвесно колку таа ќе успее да се наметне на пазарот и да обезбеди купувачи односно зголемување на приходите.
Стари познаници
Според информациите на „Блумберг“ од средата, „Интел“ се обратил и до „Епл“ (Apple Inc.) со цел да обезбеди инвестиција. Договор со „Епл“, долгогодишен клиент на „Интел“ што во изминатите пет години се префрли на сопствени процесори, би претставувал дополнителна потврда за обидите на компанијата за враќање. Сепак, малку е веројатно дека „Епл“ повторно би преминал на процесорите на „Интел“ за своите уреди. Најсофистицираните чипови на производителот на ајфон (iPhone) сега ги изработува ТСМЦ.
„Епл“ и „Интел“ имаат долга и напната историја. „Епл“ со години ги користеше процесорите на „Интел“ во своите компјутери „мек“ (Mac), но од 2020 година почна да се оддалечува од доставувачот, што беше дел од пошироките напори да користи повеќе сопствени компоненти. „Епл“ исто така го презеде поголемиот дел од бизнисот со модемски чипови на „Интел“ во 2019 година.
Во последно време „Епл“ настојува да покаже дека значително инвестира во САД – иако најголемиот дел од неговото производство сè уште се одвива во странство. На настан во Белата куќа во август, компанијата најави план да потроши 600 милијарди долари за домашни иницијативи во рок од четири години, што е зголемување во однос на претходното ветување од 500 милијарди долари.
Bloomberg Mercury
Главниот извршен директор на „Епл“, Тим Кук, изјави за Си-ен-би-си (CNBC)дека конкуренцијата би била добра за индустријата за чипови. „Би сакале да го видиме враќањето на ‘Интел’“, нагласи Кук.
Акциите на „Интел“ скокнаа за 6,4 отсто и достигнаа 31,22 долари на берзата во Њујорк, откако „Блумберг њуз“ објави дека се водат разговори.
Далеку од успех?
Дали ваквите инвестиции и соработки можат да го воскреснат „Интел“ е прашање чиј одговор ќе зависи од тоа дали компанијата потоа ќе обезбеди продажба на големи клиенти кои би биле гаранција дека скапите фабрики за чипови на „Интел“ ќе работат со речиси полн капацитет. Проекциите на Волстрит за профитабилност во 2025 и 2026 година едвај се променија во текот на изминатиот месец, според просечните проценки на аналитичарите собрани од „Блумберг“. Се предвидува дека „Интел“ ќе оствари приспособена нето добивка од 640 милиони долари на приходи од 52 милијарди долари во 2025 година.
Без подобрени изгледи, вреднувањето на „Интел“ - веќе на дотком нивоа - продолжува да станува поскапо. Доколку цената на акциите остане непроменета од моменталното ниво од над 30 долари, таа би се тргувала по околу 43 пати поголема од заработката на крајот од фискалната 2026 година, врз основа на моменталните прогнози за профитот на аналитичарите. Таа бројка би паднала на приближно 24 пати поголема од заработката доколку цената на акциите остане непроменета и во текот на фискалната 2027 година.
Но, доколку цената на акциите на „Интел“ се промени или нејзината реална заработка е различна од моменталните проценки, таа бројка би можела драстично да се промени. Во сценарио каде што ќе ги исполни моменталните прогнози на аналитичарите за профитот за фискалната 2026 година и цената на акциите ќе се искачи на 50 долари - приближно таму каде што достигна врв кон крајот на 2023 година - коефициентот цена/заработка на „Интел“ во последните 12 месеци би се искачил на повеќе од 70.
Ова им отежнува на инвеститорите да го оправдаат купувањето на акциите по моменталната цена, иако „Интел“ сега ги има „Енвидија“ и Трамп на своја страна, објави „Блумберг“.
Минатата недела, аналитичарот на „Ситигруп Инк.“, Кристофер Дејнли, ја намали проценката на „Интел“ од неутрална на продажба поради превисоки вреднувања, додавајќи дека нивниот бизнис со леење „има минимални шанси за успех“.
„Постојат моменти кога можете да кажете дека вреднувањето не е важно, но тоа е обично кога сте во средина со одржлив и силен и забрзан раст на заработката, а тоа не е она што го имаме во ‚Интел‘, рече Ненси Тенглер, извршен директор на „Лафер Тенглер Инвестментс“ (Laffer Tengler Investments), која управува со 1,6 милијарди долари.
Проблемот е што капиталните трошоци на „Интел“ се проектирани да бидат околу 18 милијарди долари оваа година и 15 милијарди долари следната година, што го турка нејзиниот слободен паричен тек длабоко во негативна територија.
„Количината пари што е потребна за изградба на леарница и времето што е потребно се огромни“, рече Тенглер, додавајќи дека ќе има и прашања за тоа колку би била конкурентна. „Многу работи би морале да одат како што треба“.
Со помош на Ryan Gould, Liana Baker, Jeran Wittenstein и Ryan Vlastelica/Bloomberg
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...