Американскиот индекс S&P 500, по две последователни години на раст – кога се зацврсти повисоко за 23 односно 24 проценти, што е значително над долгогодишниот просек од околу 10-11 проценти – од почетокот на годинава веќе изгуби шест проценти. Инвестициската банка „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) кон крајот на ноември минатата година предвиде дека индексот ќе продолжи да расте и трета година по ред. Тие тогаш ја засноваа својата прогноза на солидниот економски раст и стабилниот раст на профитите, предвидувајќи вредност на индексот од 6.500 поени до крајот на 2025 година.
Но со царинските политики на претседателот Доналд Трамп, над берзите се надвиснаа црни облаци, а американскиот индекс забележа остар пад од рекордните нивоа. Во најлошите денови беше оддалечен од врвот за речиси една петтина. По потресите во март, „Голдман Сакс“ направи ревизија на првичната прогноза и ја намали очекуваната вредност на индексот на 6.200 поени до крајот на 2025 година. За споредба, во понеделникот индексот, кој претставува кошничка на американски акции, ја заврши берзанската сесија на 5.529 индексни поени (на последниот трговски ден од 2024 година вредноста беше 5.882 поени).
Прочитај повеќе

Криптовалути, инфлација, обврзници - водич за инвестирање во година на ризик
На експертите им поставивме осум прашања за тоа како најдобро да управувате со личните финансии во 2025 година.
16.04.2025

Историски најдобар ден за милијардерите, Маск убедлив победник
Директорот на „Тесла“ го зголеми своето богатство за 36 милијарди долари бидејќи акциите на производителот на електрични возила скокнаа за 23 проценти.
10.04.2025

Волстрит ги намали прогнозите за S&P500, но сѐ уште очекува раст
Неколку водечки аналитичари од банките на Волстрит ги намалија прогнозите за S&P500, но очекуваат раст до крајот на годинава.
01.04.2025

И македонските инвестициски фондови „ранети“ во царинската војна на Трамп
Турбуленциите на светските пазари ги погодија и домашните инвестициски фондови.
пред 8 часа

И покрај намалувањето на вредноста – по околу 19-процентниот пад од февруарскиот врв, индексот навистина закрепна малку – сѐ погласни се скептиците што сметаат дека S&P 500, и по корекцијата, сè уште е преценет. Стратезите на Банката на Америка (Bank of America“ (BofA) деновиве, според „Блумберг“, истакнаа дека не се исполнети условите за одржлив раст и дека инвеститорите треба да продаваат додека американските акции и доларот растат. Инвестицискиот менаџер од компанијата „Џи-ем-оу“ (GMO), Бен Инкер, во почетокот на април, според „Бизнис инсајдер“ (Business Insider), изјави дека индексот S&P 500 сè уште е преценет за околу 30-40 проценти. Уште од 2022 година коосновачот на „Џи-ем-оу“, Џереми Грантам, редовно предупредува дека цените на акциите се надувани.
Честа тема се и разговорите за рецесија преку Атлантикот. Статистиката на „Голдман Сакс“ покажува дека кога дошло до рецесија, индексот во просек паѓал за 24 проценти во однос на врвот. Ако не дошло до рецесија, тогаш тие падови често претставувале добра можност за купување – доколку економијата и профитите продолжеле да растат. Ова сценарио останува нивна основна прогноза. А што мислат словенечките познавачи за евентуалната преценетост на американскиот индекс S&P 500?
Поголема јасност ќе донесат деловните резултати
„Во моментов сме сведоци на значителна неизвесност околу насоката на американската политика, што предизвикува големи флуктуации на берзите, бидејќи пазарите не ја поднесуваат неизвесноста. Американскиот претседател Доналд Трамп се обидува целосно да ги трансформира американската надворешна политика, правилата на меѓународната трговија и глобалните геополитички односи. Дополнителен предизвик е нејасната комуникација, која им го отежнува на инвеститорите разбирањето на целите од политичките потези на Трамп“, оценува Рок Брезигар, независен управител на средства во „НЛБ фондови“ (NLB Skladi). Тој додава дека во такво опкружување краткорочното предвидување на пазарните трендови е особено тешко, бидејќи Трамп е познат по својата непредвидливост и способност за брзи промени на однапред најавени мерки: „Поголема јасност очекуваме со објавата на деловните резултати на американските компании, кои сега се во тек. Иако влијанието на царините сè уште не е целосно видливо, компаниите ќе мора да ги земат предвид овие ефекти во своите прогнози за следната година“.
Вишиот менаџер на инвестициски фонд во „Триглав фондови“ (Triglav Skladih), Гашпер Довч, проценува: „Вредноста на американскиот индекс S&P 500 може малку да се намали, но тоа не го менува нашето основно сценарио“. Тој очекува трговските тензии донекаде да се намалат во иднина, што ќе има позитивно влијание врз целокупната доверба и очекувањата за идниот економски раст: „Пазарните процени значително се намалија поради неодамнешната корекција, а очекувањата за идните заработки остануваат поволни. Инфлацијата би можела да остане донекаде висока, но не доволно за да ја промени очекуваната полабава монетарна политика, што дополнително ќе ги поддржи движењата на пазарот на капитал“.
Што ќе направи Трамп пред изборите за американскиот Сенат?
Брезигар дополнително посочува дека во последно време се забележува дека Трамп не е имун на надворешни притисоци. Имено, поради зголемувањето на трошоците за задолжување и падот на берзанските индекси, тој веќе ја ублажи својата реторика, што позитивно се одрази на американските берзи: „Затоа можеме да очекуваме дека случувањата на американските пазари и натаму ќе бидат турбулентни на краток рок, додека Трамп на среден рок нема да може да си дозволи продолжување на таквата нестабилност, особено со оглед на изборите за американскиот Сенат, кои следуваат наредната година и кои би можеле суштински да ја променат политичката рамнотежа на моќта“.