Комисијата за заразни болести препорача да се прогласи епидемија на голема кашлица на територијата на град Скопје. Предлогот доаѓа по појавата на 18 потврдени случаи со голема кашлица од коишто 14 се во Скопје, соопшти на прес-конференција претседателот на комисијата Александар Петличковски.
„Ова звучи малку страшно, но реално треба да ни олесни во справување со ризикот кој доаѓа со болеста големи кашлици. Во таа насока моментално го подготвуваме, односно очекуваме да излезе подготвено упатство за постапување во услови на епидемија од страна на Институтот за јавно здравје и клучните активности треба да бидат насочени на пополнување на промашените вакцини,“ рече тој.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонските компании ќе добијат обврска да известуваат за ЕСГ
ЕСГ-стандардите (од англиски ESG - environmental, social and governance) влегуваат во македонската регулатива, открива „Блумберг Адрија“. Во новиот предлог-закон за сметководство, кој Министерството за финансии го работеше заедно со Европската Унија, е вметната одредба што ги обврзува големите компании за известување во согласност со ЕСГ-стандардите.
Од Владата за „Блумберг Адрија“ велат дека законот ќе биде донесен во текот на оваа година, а обврската за ЕСГ-известување односно поднесување нефинансиски извештај заедно со годишниот финансиски извештај ќе важи за сите компании што имаат над 500 работници. Ваква обврска за компаниите во Европската Унија е воведена во 2021 година.
Висок старт на Македонската берза на почетокот од 2024 година
Вкупниот промет на Македонската берза во јануари 2024 година изнесувал 453,3 милиони денари (7,3 милиони евра), што е зголемување од 38,9 проценти во однос на остварениот промет во декември 2023 година којшто изнесувал 326, 2 милиони денари(5,3 милиони евра).
Во јануари има пораст од 33,4 проценти во тргувањето со акции во однос на декември, а во истиот период има зголемување од 23,7 проценти во тргувањето со обврзници. Кај пазарната капитализација има зголемување од 5,1 проценти.
На листата најтргувани акции предводат „Комерцијална банка“ со остварен промет во јануари од 2,1 милиони евра, „НЛБ Банка“ со промет од 1,5 милиони евра и „Алкалоид“ со промет од 881.000 евра.
Златото како сигурно засолниште од инфлацијата
Инфлацијата и геополитичките случувања во текот на изминатата година доведоа до рекорден раст на цената на златото поради зголемената побарувачка од централните банки и, воопшто, од инвеститорите.
Некои од трговците сметаат дека овој тренд ќе продолжи и во 2024 година, посочувајќи дека и во актуелните кризи златото се покажа како сигурно засолниште од инфлацијата.
„Гледајќи ги геополитичките случувања и несигурноста во светот во однос на војната Русија - Украина и во Израел, сите инвеститори сакаат безбедност на нивните инвестиции, во вакви ситуации сите се наклонети кон инвестирање во злато и сребро. Во такви ситуации нормално дека побарувачката се зголемува и нормално дека и цената на златото расте“, вели во интервју за „Блумберг Адрија ТВ“, Неби Хоџа, сопственик на златарницата „Смарагд“.
Како компаниите на Балканот користат блокчејн
Блокчејн-технологијата се смета за едно од најиновативните достигнувања на 21 век и клучна компонента за трансформирање на начинот на кој спроведуваме деловни трансакции, споделуваме податоци и гарантираме интегритет на дигиталните информации. Иако почетокот на оваа технологија е поврзан со криптовалутите, поради неговите карактеристики, примената на блокчејнот се прошири и во многу други сектори и индустрии.
Технологија обезбедува приватност, трајност и можност за проверка на податоците, односно транспарентност, а во магазинот „Блумберг бизнисвик Адрија“ можете да прочитате и неколку примери за примена на оваа технологија кај компании од регионот.
Податоците покажуваат дека ЕЦБ не треба да ги намалува стапките прерано
Најновите економски показатели и поагресивните пазари, кои очекуваат централните банки да почнат брзо да ги намалуваат каматните стапки, ни кажуваат дека Европската централна банка (ЕЦБ) треба да биде трпелива во спуштањето на цените за задолжување, смета членката на Извршниот одбор на ЕЦБ, Изабел Шнабел.
Таа се осврна на инфлацијата во услужниот сектор и отпорниот пазар на труд, олабавувањето на условите за финансирање и тензиите во Црвено Море и рече дека „тоа бара претпазливост кога се зборува за непосредна промена во монетарната политика“.
„Тоа значи дека треба да бидеме трпеливи и претпазливи бидејќи од искуство знаеме дека инфлацијата може повторно да се разгори“, изјави Шнабел за „Фајненшл тајмс“ (Financial Times).