Расте бројот на производители на лаванда во нашата земја. Сè повеќе македонски земјоделци се ориентираат кон оваа мирисна билка, а некои дури ја нарекуваат и „новата златна кокошка“ поради високата побарувачка и повисоките цени на светскиот пазар. А, тоа го покажуваат и бројките. Глобалниот пазар на екстракт од лаванда беше проценет на 240 милиони долари во 2023 година, а до 2032-та се очекува да достигне над 360 милиони долари, со годишен раст од речиси пет отсто.
Силниот раст најмногу се должи на сè пошироката примена на оваа мирисна билка во прехранбената, фармацевтстката и козметичката индустрија, но и на зголемениот интерес на потрошувачите за природни производи од лековити билки. Но лавандата станува моќно „оружје“ и во кулинарскиот свет и добива сè позначајно место во гастрономијата, особено во медитеранската кујна. Шефовите често ја комбинираат со мед, ванила и лимон за слатки јадења, но ја користат и за маринади и сосови за разни видови месо, како арома за одредени сирења, но и како мелен зачин за печива.
Приватна архива/Билкилајф
Во меѓувреме, големите гастрономски водичи ја прогласија лавандата за перспективно цветно растение што станува важен дел од таканаречената велнес-кујна (wellness cuisine), па како сетилно доживување, но и како врвен деликатес, почнавме сè почесто да ја гледаме и на домашното мени.
„Современите кулинарски трендови се враќаат кон природното и автентичното, а јадливите цветови, меѓу кои е и лавандата, се симбол на таа филозофија. Нејзината арома додава длабочина во десерти и пијалаци, па дури и во солени јадења, што ја прави омилен избор кај врвните готвачи“, вели Марија Георгиевска, која страста кон лавандата успеа да ја преточи во одржлив локален бизнис.
Приватна архива/Билкилајф
Таа е сопственичка на хербалната куќа „Билкилјаф“ (Bilkilife), која нуди рачно изработени колачи со цветови, меѓу кои се и оние со лаванда, за кои вели дека се создадени по оригинална рецептура што со нејзиниот тим ја усовршувале со години.
„Користиме цветови од лаванда од чисто подрачје и други одбрани состојки, меѓу кои рачно направен мед од глуварче, брашно од овес и путер. Секое колаче е украсено со јадливи цветови, што му дава уникатен визуелен печат. Производот е креиран како спој на традиција и модерни вештини, автентичен, но истовремено софистициран, кој дава релаксирачко и гастрономско уживање“, раскажува таа за „Блумберг Адрија“.
Георгиевска вели дека интересот за овој деликатес расте. Нејзините колачи се барани и како дел од персонализирани сетови за подароци, а сè почесто се служат и на корпоративни настани. Лавандата ја користи и во приготвување други производи, како што се галетите со разни додатоци на јаткасти плодови и суво овошје и белото чоколадо за бонбониери. Таквите десерти може да ги пробате на организирана дегустација во селото Бродец, на Скопска Црна Гора, каде што на посетителите им се нуди целодневно искуство преку организирани чајанки, работилници за храна и специјални хербални тури.
Depositphotos
Малите насади од лаванда што Георгиевска ги одгледува на околу 1.000 метри надморска височина се дел од поширокиот концепт на „Билкилајф“, кој освен како хербална куќа, дејствува и како социјално претпријатие што се залага за циркуларна економија и инклузивност.
„Лавандата се наметна како природно и вредно дополнување на нашата работа за да ги доближиме и јадливите цветови до луѓето. Нејзиниот мирис, естетика и смирувачките својства дефинитивно го збогатија нашето билкарско искуство“, вели нашата соговорничка.
Иако лавандата важи за скромна билка, Георгиевска вели дека одгледувањето планинска лаванда бара внимание и постојано следење на природните услови.
„Наша предност се почистата почва и воздухот, но се соочуваме со подолги зими и постојани ветрови, кои знаат да го забават растот. Наш пристап е природно одржување, без употреба на хемиски средства, што го прави процесот потежок, но затоа финалниот производ е целосно природен. Токму како резултат на променетите климатски услови, во последните години загубивме дел од насадите и сега работиме на обновување. Но, тука се преостанатите лековити билки, кои исто така се вредно природно богатство“, вели таа.
Во регионот, лавандата станува сѐ поголем тренд и во туризмот. Луѓето сакаат да уживаат во убавата глетка и пријатниот мирис, а некои сопственици на плантажи почнаа да наплаќаат и влезници. На пример, организирана пешачка тура по препознатливите виолетови полиња се нуди и низ Буковац на падините на Фрушка Гора, трае 7,5 часа и чини околу 2.000 денари.
Кај нас, пак, производителите на лаванда сè уште работат со помали, експериментални насади, иако во неа гледаат атрактивна алтернатива, која со добра стратегија може да им донесе и една ваква дополнителна вредност на нивниот труд.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...