Некаде во истото време додека во Скопје деновиве едночудо професионалци од технолошкиот свет дискутираа на самитот „AI Tech“ околу тоа дали роботите наскоро ќе ни ги земат работните места и слични „жешки“ теми околу вештачката интелигенција (ВИ), на околу 2,5 илјади километри северно од македонската метропола, во Стокхолм, Шведска, одборот за доделување на Нобеловите награди се подготвуваше да му соопшти фантастична вест на Џефри Хинтон.
Хинтон, инаку, нема никаква врска со настанот во Скопје, освен што е веројатно идол или омилен научник на барем половината учесници на самитот, затоа што е познат, меѓу другото, и како кумот или таткото на вештачката интелигенција. Британско-канадскиот научник целата своја кариера му ја посветил на развојот на вештачките невронски мрежи и ги поставил практично темелите за денешните апликации за машинско учење, без кои не би се случил и бумот на ВИ, чии сведоци сме секојдневно. За целиот свој придонес кон развојот на ВИ, Швеѓаните решија годинава да му ја доделат Нобеловата награда за физика, која ја споделува со својот колега научник Џон Хопфилд.
Ако ве напаѓа вештачка интелигенција, вештачка интелигенција и ќе ве штити
Но организаторите на самитот, чешката компанија „ТБМ груп“ (TBM Group), во соработка со едукативниот центар М6 од Скопје, се погрижија на панелите и на презентациите да биде застапен и оној помалку „розов“ аспект на ВИ, а тоа се опасностите што ги носи и етичките дилеми околу нејзиниот развој и примена.
Па така, Франц Брачун, главен за ВИ-решенија во словенечката банкарска групација НЛБ (NLB), рече дека банките и другите организации секојдневно се изложени на ризици, од кои веројатно најголем е кибербезбедноста. „Она што е карактеристично во последно време е тоа што тие хакерски и други видови кибернапади сѐ повеќе се поддржани од ВИ, а луѓето, човечкиот ум, не можат доволно ефективно да се справат со ВИ. Затоа, мораме да користиме ВИ во борба против ВИ, и тоа е правецот во кој мора да се движат банките и другите финансиски институции во периодот што следува“.
Еден од најголемите предизвици во развојот на ВИ е етичката димензија во целата приказна. Системите за вештачка интелигенција се добри само колку и податоците со кои се хранети и за кои се обучени. Ако тие податоци ги рефлектираат општествените предрасуди, моделите на вештачка интелигенција може да ја применат или дури и да ја засилат дискриминацијата. „На пример, технологијата за препознавање лица покажа повисоки стапки на грешки за луѓето што не се од белата раса, а алгоритамското донесување одлуки при вработувања се покажа дека фаворизира одредени демографски групи пред другите. Обезбедувањето дека системите за вештачка интелигенција се правични, транспарентни и одговорни допрва ќе биде критичен предизвик за развој на ВИ“, рече Јорис Кријгер, главен за етика во технологијата и ВИ при холандската банка „Де Волксбанк“ (De Volksbank).
Тој објасни и дека системите со вештачка интелигенција се потпираат на огромни количества на податоци за да функционираат ефективно, но собирањето, складирањето и користењето на овие податоци претставуваат сериозни ризици за приватноста. Личните податоци, како што се здравствени досиеја, финансиски трансакции и интеракции со социјалните медиуми, често се користат за обука на модели со вештачка интелигенција. „Ако не се постапува внимателно, ова може да доведе до злоупотреба на податоците, кражба на идентитетот и други опасности. Иднината на вештачката интелигенција зависи од развојот на силни заштитни мерки за приватност, методи за шифрирање и политики што им даваат приоритет на согласноста и безбедноста на корисниците“.
Преголема регулација ќе ја убие иновативноста
Бидејќи вештачката интелигенција се развива со невидено брзо темпо, оваа динамика ги надминува капацитетите на постојните правни и регулаторни рамки. Поради сите горенаведени опасности, владите и меѓународните организации се борат да останат во чекор со напредокот на ВИ, а најдалеку отиде Европската комисија, која ја донесе првата во светот сеопфатна регулатива за вештачка интелигенција, фамозниот Закон за вештачка интелигенција (AI Act), кој стапи во сила на први август 2024 година. Законот е обемен, на 360 страници, има 113 члена и ги покрива сите типови на ВИ во широк спектар на области, со исклучок на ВИ-системите што се користат исклучиво во воениот сектор, националната безбедност, научните истражувања и некомерцијални цели. Но, како што истакна Малте Фирлус, задолжен во технолошкиот гигант „Амазон“ (Amazon) специјално за усогласување со регулативите на ЕУ, многу е важно да се најде баланс помеѓу желбата да се внимава ВИ да не направи некаква штета и слободниот развој на иновациите од друга страна.
Скопје на 3ти и 4ти октомври, повторно ќе биде домаќин на најголемиот собир на професионалци и ентузијасти за вештачка интелигенција во Југоисточна Европа.
Мрежата 6Г (6G) претставува следниот голем чекор во телекомуникациите, кој ветува дека ќе го промени начинот на кој се поврзуваме и комуницираме со технологијата.