Ако денот по утрото се познава, денешниов ќе биде полн со предизвици, за кои ви нудиме информации во пет издвоени вести за успешен ден.
Огласи за Македонци: Во „Мекдоналдс“ за 900 евра, бравари за 2.600 евра
Анализирајќи ги огласите за работа, наидовме на повеќе огласи за постојано вработување во странство, не само за сезонска работа. Очигледно проблемот со работници не е привремен и не е само во нашата земја.
Меѓу најбараните работници дефинитивно се стручно квалификуваните кадри, кои се бараат и во земјава, но и во странство.
Mногу од огласите имаат цела листа на вештини и квалификации што апликантот треба да ги поседува за да биде конкурентен за работното место, додека за условите што ги нуди компанијата информациите често се општи и штури. На пример, има компании што во опцијата „што нудиме“ набројуваат редовни месечни примања, регрес за годишен одмор или дополнителна платена прекувремена работа, нешта што се задолжителни според законот и не се сметаат за конкурентна предност на компанијата.
Виена станува епицентар на станбените проблеми во Европа
Виена стана најслабиот пазар на недвижности меѓу главните европски метрополи, забележувајќи двоцифрен пад, што го надмина дури и тешко погодениот Стокхолм, според инаугуративниот „Блумберг сити тракер“ (Bloomberg City Tracker). Спротивно на тоа, Мадрид, Милано и Цирих покажаа добивки.
Пазарите на станови во Европа се фрлени во превирања од крајот на ерата на евтини пари. Зголемувањето на каматните стапки од страна на централните банки ги зголеми хипотеките исто како што притисокот на трошоците за живот ги погодува потрошувачите. Сепак, влијанието на повисоките трошоци за задолжување е нерамномерно.
„Тојота“ предупредува за прерано отфрлање на бензинците
„Субвенциите и ограничувањата насочени кон одредени погонски единици може да ги направат електричните возила попривлечни за клиентите што можат да си го дозволат тоа, но за другите тоа може да има спротивен ефект“, изјави денеска Гил Прат, главен научник на „Тојота“ и главен извршен директор на Институтот за истражување на „Тојота“.
Тоа е често повторуван аргумент на светскиот број еден производител на автомобили, дека преминот кон целосно електрични возила ќе трае подолго отколку што очекуваат луѓето и дека повеќеслојниот пристап што ги прифаќа хибридите и алтернативните горива ќе биде подобра опција и за околината и за автомобилската индустрија.
Бајден уверен дека ќе се реши проблемот со долгот, републиканците велат дека се крие
Џо Бајден изрази уверување дека тимовите ќе постигнат договор за подигнување на горната граница на долгот.
Мекарти и другите републикански пратеници го критикуваа Бајден за неговата одлука да патува, при што претседателот на Претставничкиот дом го означи поведението како „голема пречка“ за договорот.
Монтана е првата држава во САД што воведува забрана за Тикток
Од 1 јануари идната година Монтана ќе воведе забрана за користење на Тикток за широката јавност поради загриженоста од можна злоупотреба на корисничките податоци од страна на кинеските власти, бидејќи апликацијата е сопственост на кинеска компанија.
Тикток ќе биде казнет со 10.000 долари за секој ден активност на платформата во Монтана откако законот ќе стапи во сила, исто како што ќе бидат казнети и продавниците што ќе го нудат Тикток за преземање во државата. Корисниците нема да бидат одговорни за пристап до апликацијата.