Просечната плата во јуни продолжи да расте. Статистика измери дека стигнала до 36.527 денари нето. Власта е задоволна од брзиот и стабилен раст на платата, затоа што така се подобрува животниот стандард на граѓаните. Но пресметките дома и на пазар не се исти. Па, граѓаните немаат многу причини за задоволство. Лани со просечната плата (31.869 денари) три месеци се јаделе полнети пиперки (91 приготвување). Годинашната зголемена просечна плата стигнува за 81 тава од ова македонско традиционално јадење.
Најубавите полнети пиперки ги прават бабите. Но тие сè потешко можат да си ги дозволат намирниците за ова јадење, дури и со најавеното покачување на пензиите. Бараат повеќе, а експертите предупредуваат дека тоа може да биде опасно за сите.
Неделава Народната банка ги објави и најновите податоци за кредитите и депозитите. Ефектите од мерките веќе се гледаат: каматите за кредитите соборуваат рекорди, а и штедењето расте. Но растат и цените. Земјоделците велат дека храната веќе никогаш нема да биде евтина, а како што доаѓа зимата така расте стравот и од цените на енергентите.
Во еврозоната забрзува падот на активноста на приватниот сектор. Услугите престанаа да бидат светла точка и му се приклучија на индустрискиот сектор, кој исто така забележа пад. Паѓа и Македонија на листата на 100 земји рангирани во новиот извештај Глобален стартап-екосистем за 2023 година. Од земјите во регионот Адрија, подобри од нас се сите, освен Босна.
На телеком-индустријата во овој регион добро ѝ оди. Во 2022 година телекомуникациските оператори од регионот, кои се предмет на анализа на нашиот аналитички тим, остварија вкупни продажби од 3,3 милијарди евра, што е раст од 4,9 проценти на годишно ниво. Карактеристично е дека продажбата забрзано расте со текот на годините. Повеќе анализи од нашите аналитичари можете да прочитате овде.
Деновиве ги обележуваат случувањата од Далечниот Исток. Индија слета на Месечината. Јапонија почна да ги испушта пречистените води од нуклеарката Фукошима во водите на Тихи Океан. Кина се налути и го забрани увозот на морска храна од островот.