Инфлацијата се намали од 19,8 на 4 проценти, како резултат на монетарното затегнување и нормализацијата на цените на храната и енергијата, се наведува во заклучоците од годинашниот економски и финансиски дијалог на Европската Унија со земјите од Западен Балкан. Европската комисија ги нотирше мерките што Народната банка ги презеде во изминатиот период, со цел да ги стабилизира инфлацијата и инфлациските очекувања и да ја поттикне денаризацијата.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонија се уште не разменува даночни информации: Колку не чини тоа?
Македонија не е дел од системот за известување кој се однесува на даночни прашања на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Овој систем се нарекува стандард за заедничко известување – ЦРС (The Common Reporting Standard – CRS) и претставува меѓународна правна рамка развиена уште во 2014 година.
Размената на информации се врши само меѓу земјите кои го прифатиле стандардот. Според листата објавена во март годинава на веб-страницата на ОЕЦД, 125 земји се вклучени во овој систем. Земјите членки на Европската унија се вклучени во системот од 2017 година.Од земјите во регионот, освен членките на Европската унија, стандардот од 2021 година го применува и Албанија, а од лани и Црна Гора. На листата освен Македонија, не се ниту Босна и Херцеговина и Србија.
Македонскиот даночен систем не ги препознава фриленсерите
Во Македонија фриленсерите не се опфатени во Законот за работни односи, туку со Законот за облигациони односи и тоа како даватели на услуги. Оттука тие немаат работнички права кои би произлегле од работниот однос како регрес за годишен одмор, но и самиот годишен одмор, боледување, загарантирана заработувачка на крајот на месецот и платени придонеси. Од друга страна немаат ниту обврски за тоа колку ќе плаќаат осигурување и дали ќе ги извршат даночните обврски.
За да излезат од сивата зона за овие луѓе се потребни нови законски решенија. Фриленсерите поминуваат низ низа административни процедури за плаќање на данокот на личен доход при остарување на приходи од странство и низ комплексен пристап до приватното здравствено осигурување.
Раст во фиксната, пад во мобилната телефонија во Македонија
На македонскиот пазар лани има раст на бројот на фиксни линии за 2,11 проценти споредено со претходната година, а истовремено има пад на бројот на активни претплатници во мобилната телефонија за 0,63 проценти. На пазарот на фиксна телефонија најголем удел од 51,14 проценти имал операторот „Македонски Телеком“, по што следува „А1 Македонија“(42,67 проценти). Од друга страна, „А1 Македонија“ имал најголем удел во вкупниот број активни пртплатници на мобилна телефонија (48,11 проценти), а зад него е „Македонски Телеком“ (47,13 проценти).
Значителен раст од 3,93 проценти лани има на вкупниот број претплатници на пристап до интернет со широк опсег, како и раст од 4,96 проценти на вкупниот број претплтаници на интернет со широк и со тесен опсег преку мобилни мрежи. Во минатата година има зголемување на вкупниот број претплатници на ТВ услуги за 1,10 проценти споредено со претходната година.
Платите во еврозоната би можеле да ја забават динамиката на намалување на стапките
Забележливото зголемување на платите на почетокот на годината во еврозоната веројатно ќе ја задржи нервозата кај претставниците на Европската централна банка (ЕЦБ), која веројатно ќе ја намали каматната стапка за 25 базични поени следниот месец, но прашање е дали тоа ќе продолжи со оваа динамика веднаш.
Главниот негативец, ако може да се каже така, во таа приказна е Германија, каде што претходните договори, кои вклучуваат еднократни плаќања, нагло ги зголемија платите. Претставниците на ЕЦБ тешко дека ќе се утешат со индициите дека растот на платите на други места во еврозоната сè уште покажува умереност.Во секој случај, речиси е извесно дека првичното намалување на каматната стапка ќе се случи во јуни, но слаби се надежите дека вака ќе продолжи веднаш и во наредните месеци.
Цената на бакарот е највисока во последните две години
Цената на бакарот достигна највисоко ниво од 2022 година, а тој скок на вредноста се случи по прогнозите дека оваа суровина ќе ја има помалку на пазарот во иднина.Вредноста на оваа стока скокна речиси за 20 отсто од почетокот на годината, а растот на цената им пркоси на типичните показатели за слабата побарувачка на бакар, особено во Кина.
Една од причините е што инвеститорите гледаат дека ограничената понуда од рудниците ќе создаде недостиг од метал уште годинава.Бакарот се тргуваше за 10.205 долари за тон во вторникот, во 12.38 часот по шангајско време, откако металот порасна за 0,5 отсто, на највисокото ниво во последните две години од 10.239 долари.