Германските власти планираат намалување на прогнозата за раст на економијата до крајот на годината. Според ревидираните планови, најголемата економија во Европа се соочува со стагнација, наместо со минимален раст од 0,3 отсто како што претходно беше предвидено.
Ситуацијата во Германија која е најголем економски партнер на земјава се пресликува во македонските податоци. Вчера, државната статистика објави дека индустриското производство во Македонија во август се намалило за 1,6 отсто на годишна основа. Кумулативно, од јануари до август падот во индустријата изнесува 3,6 отсто споредено со истиот период лани.
Добро утро, ова се останатите пет важни вести на денот.
Поплави, пожари, суши, а во Македонија осигурувањето имот е само трошок
Климатските промени имаат сериозно влијание на осигурителната индустрија. Зголемената фреквенција и интензитет на екстремни временски настани како поплави, пожари и топлотни бранови значително го зголемуваат ризикот за осигурителите, вели во разговор за „Блумберг Адрија“ Ѓорѓе Војновиќ, главен извршен директор на „Триглав осигурување“.
Штетните настани имаат влијание на зголемувањето на интересот за осигурување во земјава, но тој интерес е краткотраен и не води кон фундаментална промена на начинот на кој се гледа осигурувањето имот.
„Имотните осигурувања во 2023 година во однос на 2022 година бележат раст од 10,8 отсто, што е сè уште малку во однос на обемот што го имаат овие осигурувања, како и фактот дека другите класи на неживотно осигурување за истиот период бележат раст од 25 отсто“, вели Војновиќ.
Староста за пензионирање мора нагоре: Како стои Македонија во регионот?
Пензиското осигурување во поранешна Југославија е воспоставено во 1922 година со донесување на Законот за осигурување на работниците. Предвоеното пензиско осигурување, како што рече Никола Алтипармаков, член на Фискалниот совет на Србија, на конференцијата „100 години пензиски систем на Бизмарк во поранешна Југославија: минатото, сегашноста и иднината во 21 век“, во голема мера изгледаше како приватно осигурување со капитализација на приход. Старосната граница беше 70 години и немаше можност за предвремено пензионирање.
Сега, од земјите во регионот, граѓаните на Македонија најбрзо стигнуваат до пензија, а најстарите граѓани во Словенија имаат економски најстабилен живот во пензија.
Инвестициите на пензиските друштва во Македонија ќе се врзат за животниот циклус?
Можно е многу наскоро во приватниот, втор, пензиски столб на пензискиот систем на државата да се воведе таканаречен модел на мултифондови, сличен на тој што постои во Хрватска и Словенија, но и во Словачка. Станува збор за модел што всушност значи дека инвестициската стратегија на приватните пензиски друштва може да се врзе за животниот циклус, па за помладите членови на фондовите средствата ќе се инвестираат во поризични хартии од вредност.
Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), потврди на годишната берзанска конференција, која се одржа во Охрид, дека на воведувањето на овој модел работеле со Светската банка, а дополнително треба да биде одобрен. Саздов додаде и дека во иднина е можно да се дозволи мал процент од средствата да се инвестира во акции од брзорастечки економии, во недвижности и во некои деривативни инструменти. Тоа значи дека регулаторот МАПАС конeчно ќе прифати дел од забелешките на приватните пензиски друштва. Тие веќе извесен период ја заговараат оваа идеја.
По неуспешното преземање, промени во Надзорниот одбор на „Стопанска банка Битола“
„Стопанска банка Битола“ извести преку Македонската берза за промени во органите на управување. Имено, според објавата за член на Надзорниот одбор на банката е избран Игор Камбовски.
Народната банка издала и Решение за издавање претходна согласност со кое за член на Надзорниот одбор е назначен Стевчо Јолакоски. Во актуелниот состав на одборот покрај него се и Гордана Гацева, Борислав Атанасовски и Антони Пешев.
Како правилно да ги чувате клучевите за криптовалути?
Криптоклучевите се долги низи знаци што се користат за пристап до криптовалути и вршење трансакции. Обично содржат комбинација на броеви и букви, вклучувајќи мали и големи букви. Постојат два вида клучеви:
Приватен клуч кој е таен и овозможува контрола врз криптовалутите и јавен клуч кој поврзан со приватниот клуч, кој може да се споделува со други.