Вкупните депозити на домаќинствата во јуни месец се речиси непроменети на месечна основа и изнесуваат 411,7 милијарди денари (6,69 милијарди евра). Ако земеме предвид дека во Македонија има околу 1,8 милиони жители според последниот попис, секој македонски граѓанин во просек во банка има по околу 3.700 евра.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Како криптовалутите го напаѓаат вашето портфолио, дури и ако не сакате
Дури и ако некој инвеститор не е директно изложен на криптовалути, сепак може да поседува криптосредства на пазарот индиректно преку класичното берзанско тргување односно преку фондовите со кои се тргува на берза - ЕТФ (ETF), но и преку класични заемни фондови на компании за управување, инвестициско осигурување што го нудат осигурителните компании, па дури и пензиски заштеди и/или осигурување.
Затоа, инвеститорите повеќе не се „безбедни“ од таканареченото „криптолазење“ (од англиски crypto-creep), т.е. постепениот влез на дигитални средства во нивните традиционални портфолија.
Акциите на некои криптокомпании веќе се дел од широко распространети индекси како што се американскиот S&P 500 или Nasdaq 100 или дури и глобалниот индекс MSCI World (кој покрива 70 проценти од американскиот пазар) или, на пример, специјализирани фондови со инвестициска политика за вложување во технологија. Тоа значи дека инвеститорите што инвестираат во диверзифицирани кошници преку разни инвестициски производи се исто така индиректно изложени на криптопазарот без да знаат за тоа.
Долгот на САД и силата на американскиот долар. Кои се ризиците?
Прашањето за „плафонот на долгот“ (од англиски: debt ceiling) на САД редовно станува тема од глобален интерес поради неговите последици за финансиските пазари, особено пазарот на државни обврзници. Секојпат кога САД ќе го достигнат законски дефинираното ниво на долг, Конгресот мора да одобри зголемување за да избегне технички банкрот и да продолжи да го финансира владиното трошење.
Америка го зголемува плафонот на долгот затоа што нејзиното буџетско трошење систематски ги надминувало нејзините приходи со години, а финансирањето на дефицитот речиси целосно се потпира на издавање должнички инструменти. Сепак, растечкиот јавен долг, во комбинација со повисоките каматни стапки, го прави сервисирањето на овој долг сè поскапо. На долг рок, таквата динамика станува фискално неодржлива бидејќи сè поголем дел од буџетот оди за каматни плаќања, што го ограничува просторот за други јавни расходи, ги зголемува ризиците за инвеститорите и потенцијално ја ослабува довербата во американската фискална дисциплина.
Лавандата станува атрактивен бизнис во Македонија
Расте бројот на производители на лаванда во нашата земја. Сè повеќе македонски земјоделци се ориентираат кон оваа мирисна билка, а некои дури ја нарекуваат и „новата златна кокошка“ поради високата побарувачка и повисоките цени на светскиот пазар. А, тоа го покажуваат и бројките. Глобалниот пазар на екстракт од лаванда беше проценет на 240 милиони долари во 2023 година, а до 2032-та се очекува да достигне над 360 милиони долари, со годишен раст од речиси пет отсто.
Силниот раст најмногу се должи на сè пошироката примена на оваа мирисна билка во прехранбената, фармацевтстката и козметичката индустрија, но и на зголемениот интерес на потрошувачите за природни производи од лековити билки. Но лавандата станува моќно „оружје“ и во кулинарскиот свет и добива сè позначајно место во гастрономијата, особено во медитеранската кујна. Локален пример за ова е и Марија Георгиевска, која страста кон лавандата успеа да ја преточи во одржлив локален бизнис.
Компанијата на Џек Дорси влегува во индексот S&P 500
Компанијата на Џек Дорси, „Блок“ (Block Inc.), ќе биде вклучена во индексот S&P 500, што претставува значаен чекор што ја нагласува растечката улога на дигиталните плаќања и криптовалутите во мејнстрим финансиите.
Оваа финтек-компанија ќе ја замени „Хес“ (Hess Corp.) во индексот, по аквизицијата на енергетската компанија од страна на „Шеврон“ (Chevron Corp.), вредна 53 милијарди долари.
Промените ќе стапат во сила пред почетокот на тргувањето на 23 јули, според соопштението од S&P Dow Jones Indices објавено во петокот. Акциите на „Блок“ пораснаа и до 14 отсто во надворешното (after-hours) тргување.
„Блок“, порано познат како „Сквер“ (Square), се трансформираше од секторот за плаќања во поширок финтек-играч, нудејќи директни трансфери меѓу корисници, услуги за трговци и сè повеќе - потрошувачко кредитирање.
Како Баерн Минхен заработува повеќе, а наплаќа помалку
Во време кога елитните европски клубови наплаќаат и над илјада евра за сезонски билети, Баерн Минхен води сосема спротивна филозофија. Најевтиниот сезонски билет за места за стоење чини само 170 евра. Стадионот е редовно пополнет 99,8 отсто, а листата на чекање надминува 300.000 навивачи.
Парадоксално, овој „попуст“ не ги намалува приходите. Напротив - ги зголемува. Баерн е петтата најбогата фудбалска институција во светот, со годишни приходи поголеми од 740 милиони евра. Аналитичарите истакнуваат дека нивниот модел не е грешка, туку деловен шаблон што ги менува правилата на играта.
Федерико Мари, предавач на ПФА (PFA Business School), смета дека политиката на ниски цени на Баерн е потенцијално најпаметниот бизнис-модел во европскиот спорт и вели дека другите клубови, особено оние со долгорочна визија, треба да обрнат внимание.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...