Околу 25 отсто од потрошувачите го чекаат почетокот на декември за да започнат со купување на божиќни односно новогодишни подароци и тоа се таканаречени купувачи во последен момент.
Ако и вие сте меѓу нив, веројатно ќе ве интересираат и најбараните подароци според Гугл (Google), како инспирација.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Прогноза: Македонија на трето место во регионот по раст на БДП во 2025
Од нашиот аналитички тим очекуваат раст од три проценти во Македонија, поради подобрата домашна побарувачка и инвестициите поврзани со коридорите 8 и 10, како и проектите од областа на енергетиката.
„Очекуваме и подобрување во корпоративниот инвестициски циклус, бидејќи кредитната активност е во пораст (+10 проценти на годишно ниво во октомври 2024 година)“, велат аналитичарите.
Според нив, изложеноста на Македонија кон Германија останува болна точка, меѓутоа, извозот во земјите од Западен Балкан расте.
Колку е поскапо сѐ?
Постои ли опасност повторно да бидеме сведоци на двоцифрен раст на инфлацијата во наредните месеци е дилема што добива на значење откако Државниот завод за статистика минатата недела соопшти дека таа забрзува и за ноември изнесува 4,3 проценти.
Сакајќи да истражиме зошто се загрева инфлацијата, направивме анализа на движењето на цените на производите што влегуваат во структурата на индексот на трошоците на животот.
Откривме дека ретки се производите и услугите што во ноември не поскапеле во однос на истиот месец минатата година. Зголемување на цените има буквално кај сите прехранбени производи и безалкохолни пијалаци, а тоа е најизразено кај зеленчукот, соковите, минералната вода и кафето.
Цените ги изедоа платите - со повеќе пари помалку купуваме
Според статистичките податоци, лани домаќинствата во просек располагале со нешто над 9.000 евра или околу 1.300 евра повеќе споредено со 2022 година.
Од овие пари, просечно домаќинство во 2023 година употребило 5.225 евра, а од нив 5.125 евра биле за лична потрошувачка. Ваквото трошење во 2022 година било за речиси 500 евра помало.
Понатамошната анализа на бројките покажува дека најголем дел од расположливите средства семејствата во Македонија трошат за храна.
Неодамна во разговор за ТВ „Блумберг Адрија“ професорот на Економскиот факултет во Скопје, Кристијан Кожески рече дека просечното домаќинство троши околу 40 отсто од расположливиот доход на храна.
Фудбал на нафтени долари
Се чини дека Светското првенство во Катар беше повеќе вовед во иднината на фудбалот отколку некоја аномалија. Иднината на најважната споредна работа на светот, според неодамнешните одлуки на ФИФА, ќе биде испреплетена со турнири во богатите пустински монархии на Персискиот залив.
Саудиска Арабија, која претендира да го организира Светското првенство во 2034, со привлекување на суперѕвезди како Нејмар и Кристијано Роналдо, веќе ја афирмира својата позиција како најнова фудбалска велесила.
Длабоките џебови на нафтената монархија ги опфаќаат и купувањето на големи фудбалски клубови, па така во последните години државата, на пример, го купи англискиот фудбалски клуб Њукасл Јунајтед.
„Оземпик“ може да предизвика загуба на видот, покажа нова студија
Блокбастер инјекцијата „оземпик“ (Ozempic) на компанијата „Ново Нордиск“ (Novo Nordisk A/S) е поврзана со зголемен ризик од редок облик на губење на видот, според една студија која ги потврдува истражувањата на Харвардскиот универзитет објавени претходно годинава.
Пациенти со дијабетес кои го користеле „оземпик“ имале повеќе од двапати поголема веројатност да бидат дијагностицирани со ретката состојба наречена НАИОН (NAION), отколку оние кои користеле друг вид лек за дијабетес, според тим од истражувачи кои анализирале повеќегодишни податоци за пациенти од Данска и Норвешка.
НАИОН се појавува кога губењето на проток на крв го оштетува оптичкиот нерв и најчесто се јавува кај луѓе над 50 години. Самиот дијабетес, срцевите заболувања, апнејата при спиење и други состојби, исто така, можат да го зголемат ризикот.