Редовниот годишен собир на светската елита во Давос, Швајцарија, во втората половина на јануари почнува денеска, а оваа година вообичаеното шоу на богатите, моќните и влијателните е засенето од стравот од војна и мрачните очекувања за глобалната економија. Светскиот економски форум, институција која ја собира елитата со децении, објави два извештаи пред почетокот на конференцијата во кои се сумира невообичаено високо ниво на песимизам, барем кога станува збор за очекувањата за 2025 година.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте важни вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Инаугурација: Свечениот настан во кој бизнис елитата ќе го устоличи Трамп 2.0
Кога денес во Вашингтон „проблематичното „лошо дете“ на американската политика, Доналд Трамп, ќе ја стави левата рака на Библијата и ќе изрецитира точно 35 зборови, тој и официјално ќе стане 47-ми претседател на Соединетите Држави откако ќе положи заклетва. По неколку недели нетрпеливо чекање, расправии на социјалните мрежи, најави за „исцедување на мочуриштето во Вашингтон“, олабавување на регулацијата на пазарот и додворување на американските сојузници, во комбинација со најавите за територијална експанзија на САД, дојде моментот за трансфер на извршната власт во економски најмоќната земја во светот.
Инаугурацијата на 47. американски претседател поради студот ќе се одржи во Капитол, но сепак ќе биде токму како самиот Трамп – грандиозна, екстравагантна, луксузна и секако најскапа досега. Според извештаите на американските медиуми, неговиот комитет за инаугурација собрал рекордни 170 милиони долари, можеби дури и 200 милиони долари.
Македонија на ниво на африкански Бенин и Албанија за нови задолжувања
Македонската Влада годинава ќе мора да продолжи да се задолжува за да се исплатат старите долгови и за да се финансира буџетскиот дефицит. Иако „Блумберг“ објави дека Министерството за финансии се подготвува за издавање нова еврообврзница, оттаму за „Блумберг Адрија“ велат дека задолжувањето во странство, како и задолжувањето на домашниот пазар, во текот на 2025 година ќе се реализира согласно планираното со усвоениот Буџет за 2025 година.
„Согласно усвоениот Буџет во текот на оваа година планирано е задолжување на пазарот во странство преку повлекување средства од втората транша од заем од ЕУ за макрофинансиска поддршка во износ од 50 милиони евра, билатерален заем во износ од 500 милиони евра, како и преку повлекување средства од други кредитни линии од странски финансиски институции наменети за финансирање одделни проекти и/или буџетски дефицит. Притоа, одлуката за изворите на надворешно финансирање за 2025 година е заснована на анализата на пазарот, а целта е да се постигнат најповолни услови, односно најниски трошоци во Буџетот при оптимално ниво на ризик“, велат од Министерството.
Преглед на пазарите: Берзанска забава, рекордни достигнувања и златна треска
Минатата недела податоците за инфлацијата ги објавија САД, Обединетото Кралство и некои членки на Европската унија и еврозоната. Изданијата беа проследени со радост на берзите на двете страни на Атлантикот, бидејќи аналитичарите очекуваа попесимистички макроекономски бројки. Во САД, декемвриската инфлација беше пониска од очекуваното и изнесуваше 2,9 отсто, откако неколкумесечните порасти на потрошувачките цени ја убедија американската централна банка да објави пауза во намалувањето на каматните стапки.
„Ова е добра вест за Банката на федерални резерви, но со оглед на силата на пазарот на трудот, тешко е да се очекува намалувањето на каматните стапки да се врати во игра“, напиша сениор уредникот на „Блумберг“, Крис Енстеј. Индексите на Њујоршката берза станаа зелени по најавите. Инвеститорите ги поздравија податоците на американското Министерство за труд за декемвриската инфлација во САД и извештаите за профитот на големите банки.
Тикток згасна во САД, платформата отстранета од продавниците на „Епл“ и „Гугл“
Тикток (TikTok) ги суспендираше своите услуги за корисници со седиште во САД, додека „Епл“ (Apple Inc.) и „Гугл“ (Google) ја отстранија платформата од нивните продавници за мобилни апликации за да избегнат казни според новиот закон, додека компанијата за социјални медиуми чека можно одложување на новата регулатива од новоизбраниот претседател Доналд Трамп за да продолжи со работа.
„Во САД е донесен закон за забрана на Тикток“, соопшти компанијата во известувањето на платформата до корисниците доцна во саботата. „За жал, тоа значи дека засега не можете да го користите Тикток“. „Епл“ и „Гугл“го отстранија Тикток од нивните продавници за мобилни апликации во САД како што налага законот што стапи на сила во неделата. Тикток не успеа па правен пат да ја спречи мерката, која беше донесена минатата година за да се решат грижите за националната безбедност.
Дали доларот сè уште е крал на светските финансии или се ближи крајот на неговата доминација?
„Доларот е крал“ е популарна фраза која ја опишува доминацијата на таа валута во светот. Во плаќањата во меѓународната трговија, за чување девизни резерви, за инвестирање и штедење - доларот е навистина неспоредлив. Практично од кога постои доминацијата на доларот, постојат и теории дека тој наскоро ќе престане да биде доминантна валута. Оваа доминација трае околу сто години, т.е. од 1920-тите кога доларот ја презеде од фунтата улогата на светска резервна валута.
Сепак, според некои показатели, улогата на доларот е во опаѓање во последните години. Некои ова го толкуваат како еден вид почеток на крајот на американскиот долар како главна светска валута, којашто е најдоверлива, најтргувана и споре која другите земји ги приспособуваат своите валути. Земјите од БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка) се оние кои најмногу повикуваат да се стави крај на доминацијата на доларот.