Владата вчера преку аукција на тригодишни и петгодишни обврзници се задолжи во вкупен износ од 3,8 милијарди денари (62 милиони евра). На првата аукција беа понудени и реализирани петгодишни државни обврзници во износ од 52 милиони евра со купонска каматна стапка од 3,9 проценти. На втората аукција беа понудени и реализирани тригодишни обврзници во износ од околу 10 милиони евра со купoнска каматна стапка од 3,65 проценти. Според проспектот за аукциите, износот на државни хартии од вредност што достасува за исплата во февруари 2025 година е 159,6 милиони евра.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги идзвоивме за почеток на денот.
Бојкот, ограничени маржи, обвинувања: Цените пак високи
Откако граѓаните организираа бојкот на трговските синџири во изминативе две недели револтирани од високите цени во маркетите, Владата реши да ги ограничи маржите на некои основни производи на 10 проценти, во трговијата и на мало и на големо. Владата и претходно ги замрзнуваше маржите на некои основни прехранбени продукти, како мерка за зауздување на цените и за заштита на стандардот на граѓаните.
Ефектите од сите овие акции до ден-денес остануваат во најмала рака дискутабилни, за што сведочеа и самите носители на мерките. Министерот за економија во претходната влада, Крешник Бектеши, летото 2022 година рече дека замрзнувањето на маржите не ги дало ефектите како што очекувале и дека се можни мерки за замрзнување на цените.
ББА коментар: Паѓа цената на шеќерот и пченицата
Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) на почетокот на овој месец објави дека цените на храната во јануари се намалиле значително повеќе во споредба со крајот на 2024 година. Најзабележителен е падот на цените на растителните масла и шеќерот. Цените на житото останаа на нивото од крајот на минатата година.
Во регионот растот на цените на храната продолжува што резултира со бојкот кај потрошувачите и обиди на властите да воведат ред. Како ќе се движат цените на светките берзи во следниот период и како тоа ќе се одрази на домашниот пазар? Според аналитичарот на „Блумберг Адрија“, Михаел Блажековиќ, цените на овие суровини и ќе се намалуваат и во следниот период.
Кои се победници, а кои губитници во преодниот рок на НБА?
Ноќта во понеделникот спроти вторникот словенечкиот кошаркарски ас Лука Дончиќ дебитира во култните бои на клубот Лос Анџелес лејкерс (Los Angeles Lakers) и го делеше паркетот со легендарниот кошаркар Леброн Џејмс. Дваесет и петгодишниот кошаркар од Љубљана го заврши натпреварот со 14 постигнати поени, пет скока и четири асистенции, а на теренот мина 24 минути.
Лејкерси ја совладаа Јута џез (Utah Jazz) и сега се на четвртото место во Западната конференција. Иако се чини дека удобно се сместил во својот нов дом во Калифорнија, трансферот на Дончиќ во Лос Анџелес продолжува да бранува во НБА. Турбулентниот преоден рок на најголемата кошаркарска лига во светот, кој заврши минатата недела, донесе нова пресвртница.
Вртоглави милијарди во вештачката интелигенција: Во кои акции вреди да се инвестира?
Технолошките гиганти како „Мета“ (Meta), „Мајкрософт“ (Microsoft), „Амазон“ (Amazon) и матичната компанија на „Гугл“ (Google), „Алфабет“ (Alphabet), планираат да одвојат 325 милијарди долари за развој на вештачката интелигенција (ВИ) во 2025 година, пресмета „Јаху фајнанс“ (Yahoo Finance). Тоа е зголемување за 46 отсто, од околу 223 милијарди долари што компаниите ги потрошиле минатата година.
Инвеститорите сега се прашуваат дали вреди да се обложуваат на акциите на овие компании што инвестираат милијарди во вештачка интелигенција. Најголем раст на трошењето за вештачка интелигенција во апсолутна вредност направи е-трговецот „Амазон“, кој за годинава ќе одвои рекордни 105 милијарди долари. Тоа е за 34 отсто повеќе од лани.
Раст на акциите на „Сименс“ на крилата на зголемените приходи и профитабилност
Во првиот квартал од фискалната 2025 година (фискалната година завршува на 30 септември), „Сименс“ забележа рекордни резултати и ги надмина очекувањата на инвеститорите. Приходите пораснаа за 3 проценти во сите деловни сегменти освен „мобилност“ (ентитет фокусиран на железнички возила и инфраструктура).
Следствено, вкупните нарачки за „Сименс“ паднаа за 7 отсто, главно поради остриот пад од 53 отсто на нарачките во „мобилити“, поради високата база во првиот квартал од 2024 година (големи нарачки прифатени во тој период). Другите ентитети во групацијата „Сименс“ бележат едноцифрено зголемување на нарачките. Крајниот резултат е дека „Сименс“ има заостанати нарачки во вредност од 118 милијарди евра и сооднос нарачки/сметки (book to bill) од 1,09.