Иако Израел повеќе од една година води борба на седум фронта, како што рече Бенјамин Нетанјаху, нема знаци дека ќе застане или дека е исцрпен. Напротив, според „Си-ен-ен“ (CNN), неименуван израелски функционер изјавил дека земјата ќе ги интензивира нападите со недели, не со денови.
Како што покажа повикот на Нетанјаху до Иранците да ги искористат нападите за востание против режимот, целта на Израел не е спречување на нуклеаризацијата на Иран, туку соборување на исламскиот режим во Техеран.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Иселениците лани испратиле помалку пари во Македонија
Лани, во 2024 година, македонските иселеници во странство испратиле помалку пари во земјава одошто годината претходно. Според податоците на Народната банка, вкупната сума на девизни дознаки во годината изнесува 2,018 милијарди евра, што е за околу 70 милиони евра помалку одошто во 2023.
Причината за падот лани веројатно се должи на зголемувањето на трошоците на животот во земјите каде што најчесто се иселуваат македонските граѓани, па и ним им опаѓа животниот стандард. Втората причина е растечкиот тренд на иселување на цели потесни семејства, што значи двајцата родители со сѐ децата си одат од државава, за разлика од порано, кога едниот родител, а поретко и двајцата прво заминувале во странство, а потоа ги земале со себе и останатите членови.
Ребалансот на буџетот пред министрите - од каде ќе се крати
Владата најверојатно в четврток ќе го разгледа ребалансот на буџетот за оваа година, изјави министерката за финансии Гордана Димитриоска Кочоска.
Таа вели дека со ребалансот нема да бидат сменети проекциите за движењето на бруто домашниот производ и инфлацијата.
Владата за годинава проектира дека економијата ќе порасне за 3,7 отсто, а оптимизмот го темели на реализацијата на капиталните проекти. За нив во државната каса се преведени 823 милиони евра.
Сепак, реализацијата на капиталните трошоци оди многу побавно и после априлското забрзување во мај повторно активностите замреле. Заклучно со 12 јуни потрошени се само 23,46 отсто од предвидените средства.
Купувајте акции на „Виза“ и „Мастеркард“, препорачуваат од Волстрит
Наодите за тоа дека големи мултинационални трговци разгледуваат начини како да ги заобиколат традиционалните провизии за кредитни картички, според аналитичари од Волстрит, претставува можност за инвеститорите да купат акции од „Мастеркард“ (Mastercard Inc.) и „Виза“ (Visa Inc).
Акциите на „Мастеркард“ во петокот паднаа за 6,2 отсто, додека „Виза“ загуби повеќе од 7,1 отсто — најлош пад за еден ден за двата гиганта во последниве два месеца. Акциите на други компании за плаќања, како што се „Америкен Експред“ (American Express Co.), „Пејпал“ (PayPal Holdings Inc.) и „Кепитал Уан“ (Capital One Financial Corp.), исто така се лизнаа во текот на тргувањето.
Секторот се соочува со притисок по извештај на „Волстрит журнал“ (Wall Street Journal), кој повикувајќи се на неидентификувани извори, наведува дека „Волмарт“ (Walmart Inc.) и „Амазон“ (Amazon.com Inc.) се меѓу компаниите што неодамна разговарале за издавање сопствени т.н. стабилни монети (анг. stablecoins) во САД. Освен големите трговци, и други мултинационални корпорации како авиокомпании и „Експедија“ (Expedia Group, Inc.) размислуваат да издадат свои крипто токени за да ги заобиколат издавачите на картички.
Фед не сигнализира дека ќе попушти
Со оглед на тоа што претставници на Федералните резерви сигнализираат дека каматните стапки ќе останат непроменети подолг период, инвеститорите и економистите оваа недела ќе го следат гувернерот Џером Пауел во потрага по насоки за тоа што би можело конечно да ја поттикне централната банка да преземе чекори — и кога.
Четврти состанок по ред без намалување на стапките би можел да предизвика нов напад од претседателот Доналд Трамп. Но, креаторите на политиките се јасни: пред да можат да дејствуваат, Белата куќа треба да ги реши големите неизвесности поврзани со царините, имиграцијата и даноците. Нападите на Израел врз ирански нуклеарни објекти, исто така, носат нова доза на неизвесност за глобалната економија.
Во исто време, иако американската економија останува генерално здрава, таа полека се лади, па малкумина очекуваат брза промена во каматните стапки. Инвеститорите, според цените на фјучерсите, очекуваат дека централната банка нема да ги намали трошоците за задолжување пред септември — во најдобар случај.
Кој сака да купи луксузен механички уред?
Многу компании денес произведуваат роботи, но малкумина го прават тоа како во 18 век. „Ван Клиф и Арпелс“ (Van Cleef & Arpels), еден од најголемите светски брендови за накит, сега произведува автомати - механички, генијално изработени, самонавивачки уреди што некогаш ги собирале европските монарси и благородници. (Сетете се на мистериозното момче што навива часовници во филмот „Хуго“ од 2011 година.) Овие фасцинантни машини, од кои секоја е единствена, се украсени со злато, дијаманти и скапоцени камења.
Во „Ван Клиф“ ги нарекуваат „исклучителни предмети“ уште откако ја отворија својата прва продавница во Париз во 1906 година. Првиот таков предмет е изработен по нарачка од богат њујорчанец, кој сакал минијатурна реплика на својот брод „Варуна“, изработена од злато и украсена со разнобоен емајл. Макетата на едрилица е поставена на масивна основа од полускапоцен камен јаспис во форма на високи бранови и крие дискретно копче за повикување батлер. Набрзо биле направени и други предмети од скапоцени материјали, како што се часовник и кафез за птици, кои станале вредни колекционерски предмети.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...