text size
Недовербата кон банкарскиот сектор, стравот и паниката, се уверивме, може да бидат погубни за банките. Не помина многу време од случајот со американската банка „Силикон валеј“ (Silicon Valley Bank), а за можните реакции сè уште се зборува. Поради последиците, Федералните резeрви (ФЕД) на САД ја преиспитуваат свoјата идна монетарна политика. На европско тло стравот го донесе „Кредит Суис“(Credit Suisse), а турбуленциите сè уште не се завршени. Експертите со кои разговаравме се согласуваат дека европските банки во овој момент се подобро регулирани од американските, а со тоа се согласуваат и гувернерите на централните банки во регионов. Македонската редакција на „Блумберг Адрија“ веќе пишуваше дека, според оцените на Народната банка, домашниот банкарски систем е стабилен и ликвиден, но во овој текст анализираме што покажало последното стрес-тестирање на банките (најсвежото е за третиот квартал лани, но показателите не се променети драстично). Во оваа анализа носиме и сведоштво на банкар што бил во високото раководство на една регионална банка со странски капитал, чиј идентитет ни е познат, кој ни раскажа што се случува во банката откако кај неа се лоцирани извесни проблеми. Однесувањето на регулаторот односно на централната банка е во согласност со строго утврдени критериуми и слично во сите земји.