Државната статистика денеска ќе објави колкава била стапката на невработеност во првиот квартал од оваа година. Очекувањата се дека трендот на намалување на бројот на невработени продолжил и на почетокот на 2023 година од две причини, прво БДП бележи раст во тој период, а носител е градежништвото, и второ хроничниот недостиг на работна сила.
Добро утро, еве кои се останатите пет вести кои треба да ги знаете денеска.
Блага рецесија во еврозоната
По Германија и еврозоната влезе во техничка рецесија откако втор квартал по ред растот е негативен. Заедничката економијата на 20 земји се намалила за 0,1 отсто меѓу јануари и март, покажаа ревидираните податоци што се надоврзува со падот во четвртиот квартал со иста големина и резултира со првата шестмесечна контракција од пандемијата Ковид-19.
Иако рецесијата е многу блага сепак, овој исход е удар откако политичарите и претставниците на Европската централна банка (ЕЦБ) постојано изјавуваа дека падот може да се избегне дури и кога инфлацијата се искачи на највисокото ниво од воведувањето на еврото.
Чекорот на Саудиска Арабија „бонбона“ за останатите производители на нафта
Планот на Саудиска Арабија да го намали производството на нафта за околу 10 отсто може тешко да ги погоди нејзините финансии. Фискалната перспектива на кралството се влошуваше и пред овој викенд. Буџетот е во дефицит во последните два квартала, бидејќи цената на нафтата падна, додека трошоците за платите и огромните проекти во туризмот и инфраструктурата вртоглаво пораснаа.
Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) проценува дека на Ријад ќе му треба цена на нафтата од речиси 81 долар за барел за да ги балансира своите финансии оваа година, што е над сегашното ниво на Брент од околу 77 долари.
Има ли плафон за македонскиот долг?
САД применуваат плафон за долгот од 1917 година за да ги поедностават процедурите за задолжување. Сепак, наместо поедноставување земјата влегува во мачни преговори кога треба да се интервенира за да се спаси од банкрот. Македонија нема вакво законско ограничување за задолжување, но земјава ги прифати критериумите од Мастрихт за јавен долг во висина од 60 отсто од БДП и три отсто дефицит.
Во услови на криза лани беше пробиен лимитот, а според Стратегијата за управување со јавниот долг за периодот од 2023 до 2025 (со изгледи до 2027) на Министертсвто за финансии, овој плафон ќе биде пробиен и годинава и догодина. Фискална консолидација по ковид и енергетската криза се очекува во 2026 и 2027 година.
Србин, Бошњак и Хрват - кога пријателството победува се, па и војната
Можеме да живееме подобро, дури и во конфликтни зони, но само ако така одлучиме. Ви претставуваме пример за соживот на различни етнички групи во селото Баљвине во Босна и Херцеговина, дури и за време на војната.
Селото остана недопрено за време на војната во Босна и Херцеговина, додека Србите, Бошњаците и Хрватите се судрија во околните градови. Ова село е пример за заеднички опстанок и меѓусебна поддршка меѓу соседите без разлика на етничкото потекло и религијата. Луѓето во ова село се собираат на заедничка молитва, која е посветена на желбата за подобар живот.
Ќе тргне ли Меси по стапките на Пеле?
Дејвид Бекам трпеше пораз по пораз во неговиот речиси децениски долг обид да го претвори Мајами во фудбалски град. Сега, поранешната ѕвезда на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид има можност за голем пробив на ова поле: Благодарение на договорот кој вклучува милиони долари од „Епл“ (Apple Inc.) и „Адидас“ (Adidas AG), Бекам е блиску до тоа да го убеди Лионел Меси да игра за неговиот тим Интер Мајами (Inter Miami).
„Бекам беше голем, а Меси е поголем“, вели Стив Дејвис, фудбалски новинар и аналитичар на ФК Далас (FC Dallas). „Доаѓањето на Меси ќе додаде многу вредност на договорите со медиумите, клубовите, додава вредност во купувањето играчи. Ако Меси е таму, тоа ќе биде поголема мотивација и за други фудбалери да дојдат во лигата“.
Трансферот на Меси може да биде позначаен за американскиот фудбал дури и од периодот кога бразилската легенда Пеле излезе од пензија на 34 години и во 70-тите мина три сезони во Њујорк Космос (New York Cosmos).