Неделава ја обележи годишната конференција на „Блумберг Адрија“. Овој пат фокусот беше на финансиите, довербата и развојот. Лидерот на нашиот аналитички тим, Михаел Блажековиќ, направи вивисекција на состојбите во земјава и ги откри причините зошто таа заостанува.
„Државните средства на Северна Македонија за истражување и развој се дури осум пати пониски од просекот на Европската Унија“, констатира Блажековиќ и порача дека земјава ќе стигне побрзо до европски стандард преку инвестиции во знаење, дигитализација и енергетска транзиција.
Нашите соговорници зборуваа за хроничниот проблем со недостигот од работна сила во услови на слаба продуктивност и вештачки раст на платите. Разговаравме и за можностите за одржлив раст преку јавно-приватни партнерства.
Наша гостинка беше и вицегувернерката Ана Митреска, која рече дека на среден рок инфлацијата ќе се врати на историскиот просек, но на крајот стапката е над очекувањата. И владата во новиот буџет прогнозира дека стапката на инфлација и следната година ќе биде над 2 отсто. Во еврозоната, пак, стапката е близу два отсто, но во исчекување на ефектите од трговската војна, ЕЦБ ја задржа каматната стапка на два отсто третпат во низа, а Фед вторпат по ред ја намали основната камата.
Прочитајте повеќе:
Македонците штедат ли штедат - за пет години нови 3,5 милијарди евра депозити
Македонска компанија има решение: Како од стартап до глобален успех
Неделата помина во знакот на посетата на американскиот претседател Доналд Трамп на Азија. На средбата со новата јапонска премиерка тој ѝ понуди сè што ќе посака. По средбата со кинескиот претседател Шји Џјинпинг, пак, тој се пофали со успехот за ретките метали, иако кинеските извозници не веруваат дека царинското примирје меѓу Шји и Трамп ќе трае долго.
Додека трае примирјето, цената на бакарот урива рекорди. Тоа е еден од металите со кои земјава располага, а ние ги прашавме експертите со кои други критични елементи располага Македонија и дали може да профитира од нив.
Ги анализиравме и скриените дијаманти на берзите во регионот Адрија, а проверивме и зошто во регионот врие од преземања и спојувања, а Македонија е на дното.
Европа преговара со инвеститори за формирање фонд за критична технологија од пет милијарди евра, а германскиот канцелар Мерц повика на создавање „европски Волстрит“ за заедничко тргување со акции. „Дојче телеком“ и „Енвидија“ вложуваат една милијарда евра во германски дата-центар. Оваа недела беше добра за американската компанија, чии акции скокнаа по најавите на Трамп за продажба на чиповите „блеквел“ во Кина. Пораснаа и акциите на „Алфабет“, а акциите на „Мета“ и на „Мајкрософт“ паднаа. Индексот Nikkei оствари најголем месечен раст во последните 35 години. Неделава „Опен еј-ај“ му додели на „Мајкрософт“ удел од 27 отсто, со што целосно премина во профитна компанија.
Прочитајте повеќе:
Европска автоиндустрија: Како да не се доволна грижа кинеските конкуренти, сега фалат и чипови!
Следната година ќе биде предизвикувачка: Ќе преживее ли автомобилскиот сектор во Македонија?
Средбата меѓу Трамп и Шји ја турка цената на златото, а пазарот на среброто се смирува по историскиот ценовен скок. Високата цена на среброто станува проблем за производителите на соларни панели, а со тоа и за зелената агенда.
Во Европа се зголеми продажбата на автомобили поради поевтините електрични возила, а рекордна продажба оствари „Тојота“ во првото полугодие.
„Амазон“ најави дека ќе отпушти 14.000 работници затоа што е насочен кон вештачка интелигенција. Анализиравме дали ВИ навистина ги одзема работните места?
Проверивме и кои се најбогатите спортисти во регионот и зошто во спортот е најважно од каде си, а не колку победуваш.