Цената на електричната енергија на берзите постојано расте, поради големите горештини и се поистакнатата неизвесност во снабдувањето со гас. Токму од тие причини натамошниот развој на ситуацијата е непредвидлив, а наесен може да има ново поскапување, предупреди вчера Штефан Цах, портпарол на австрискиот енергетски концерн ЕВН. Тој истакна дека поскапувањето на струјата на енергетскиот пазар достигна историски димензии. Високите температури во Европа се одразуваат и врз водостојот на реките, што има индиректни последици за производството на електрична енергија, а индиректно го отежнува и транспортот на јаглен. Топлотниот бран деновиве ја зафати и Македонија и секако ќе придонесе кон намалување на хидропотенцијалот за производство на струја преку празнење на вештачките акумулации, кои веќе подолг период се под саканите граници.
Уриваме неславни рекорди
Нашата земја во изминативе години стана сериозен зависник од увоз на струја, главно поради намалувањето на производството од државните компании. Покрај тоа, во Македонија се уште не се користи доволно огромниот потенцијал на сончевата енергија за производство на струја. Наместо да му се радуваме на јулското сонце како ресурс кој може да ни ги поевтини сметките и да ни ја намали зависноста од увоз, станува извесно дека граѓаните и деловниот сектор поради погрешните политики во енергетиката повторно ќе бидат жртви на ново поскапување на струјата.
Прочитај повеќе
Средба во Владата: Стопанството не може да ја издржи скапата струја
Азески соопшти дека вечерва претставници од Комората ќе имаат средба со премиерот Димитар Ковачевски
21.07.2022
Државата да бара гаранции од соседите за проток на струја на зима
Стопанството бара и Владата да ја врати Уредбата со која целокупната произведена енергија од обновливи избори беше насочена само за индустријата
18.07.2022
Допрва ќе поскапува: Нè очекуваат поголеми проблеми со струјата
Домашното производство на струја паѓаше од 2006 година до лани
15.07.2022
Најдобар показател за лошите чекори во енергетиката е значителниот пад на домашното производство на струја, односно од 6.744 GWh во 2010 година до 5.284 GWh во 2021 година, со најмало производство на електрична енергија во 2020 година, кога истото изнесувало 5.128 GWh. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, најголемо влијание врз ова намалување има производството на АД ЕСМ Скопје, државна компанија која е најголем производител на струја во земјава. Имено, производството на ЕСМ во 2010 година изнесувало 6.476 GWh, додека во 2021 изнесува 3.274 GWh односно има намалување од 3.202 GWh или 50 проценти.
Има намалување на производството на електрична енергија и кај хидроелектроцентралите и кај термоелектроцентралите. Производството на електрична енергија кај хидроелектроцентралите најмногу зависи од хидролошките услови и во разгледуваниот единаесетгодишен период варира од максималните 2.185 GWh во 2010 година, па сè до минималните 816 GWh во 2017 година. Меѓутоа, во последните 12 години, никогаш не е достигнато производството на електрична енергија од 2010 година, иако во 2012 година започнува со работа и хидроелектроцентралата „Света Петка“.
Во 2021 година е забележан историски пад на производството на електрична енергија од термоелектроцентралите на ниво од 2.078,3 GWh.
Неискористен потенцијал
Производството на електрична енергија во Македонија се одвива преку термоелектричните централи, кои како примарен извор на енергија користат: лигнит, мазут и природен гас, како и електроцентралите кои користат обновливи извори на енергија: енергијата на водата, ветерот, сончевата енергија, биомасата и биогасот. Вкупниот инсталиран капацитет на електроцентралите во 2021 година изнесува 2.117,4 MW, што е за 14,2 MW поголем од инсталираниот капацитет во 2020 година. Во вкупниот инсталиран капацитет, термоелектроцентралите имаат најголемо учество со 48,84 проценти, потоа следуваат хидроелектроцентралите со 33,35 проценти, комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со 13,58 проценти и сите преостанати со 4,23 проценти.
Во производството на електрична енергија во 2021 година најголемо учество имаат термоелектроцентралите со 39,83 проценти, потоа комбинираните постројки за производство на електрична и топлинска енергија со учество од 28,70 проценти, хидроелектроцентралите со 27,51 проценти, по што следуваат и сите преостанати со учество од 3,96 проценти. Овие бројки јасно покажуваат дека учеството на таканаречените сончеви електрани во вкупното производство на струја е незначително иако Македонија важи за земја која има речиси 300 сончеви денови во годината.
Во годишниот извештај, Регулаторната комисија за енергетика укажува дека во Македонија лани имало значителен интерес за изградба на големи паркови од ветерни електроцентрали и фотонапонски електроцентрали во согласност со Законот за стратешки инвестиции.
„Плановите за развој на големи електроцентрали, коишто користат обновливи извори на енергија, пред сè на ветерните електроцентрали, треба да бидат поддржани и од планови за развој на големи хидроелектроцентрали или термоелектроцентрали на природен гас, коишто треба да бидат поддршка на електроенергетскиот систем и да даваат одредени услуги на операторот на електропреносниот систем за правилно водење на системот и преземање на потребни активности со цел да се одржи неговата стабилност. Но, за жал, интересот за изградба на вакви големи електроцентрали е многу мал, не само во нашата држава, туку и во поширокиот регион, односно нови големи електроцентрали не се во изградба ниту во регионот“, велат од РКЕ.
Оттаму укажуваат дека поради ова потребно е надлежните институции да преземат конкретни мерки за привлекување на инвестиции во овој дел од енергетиката, затоа што, како и кај другите енергетски објекти, временскиот рок за изградба на големи електроцентрали е значително долг, односно е повеќегодишен.