Градежниот сектор влегува од еден во друг предизвик од почетокот на годинава наваму. Ненавременото донесување на измените во Законот за енергетска ефикасност ги остави енергетските контролори без лиценци. Тоа значеше дека од март до крајот на минатиот месец не се издаваа енергетски пасоши, што значи дека не се издаваа ни одобренија за градба.
Следниот позначаен предизвик доаѓа веќе од септември. Сите објекти оттогаш ќе се проектираат со примена на еврокодови, кои во Европската Унија се задолжителни од 2010 година.
Првиот човек на Градежната комора Андреа Серафимовски неодамна изјави дека од есен завршува паралелната примена на досегашните стандарди во градежништвото и еврокодовите и дека инженерите ќе работат по европски стандарди.
Прочитај повеќе
Растот на цените на становите во Скопје забрза на 11,5 проценти
Кредитите за набавка на станбен и деловен простор бележат раст од 2,1 проценти во првото тримесечје од годинава.
06.07.2024
ББА-анализа: Како ќе се движат цените на становите во Македонија и регионот?
Растот на платите ја подобри достапноста на становите во последните неколку години во Србија и Македонија, но ја намали во Хрватска, БиХ и Словенија.
08.07.2024
Зошто тоне градежништвото, а цената на становите останува висока
Учеството на градежништвото во БДП изнесува 4 отсто во првиот квартал
17.06.2024
„Нашите градежни компании го поддржуваат процесот, кој како идеја и реализација трае над 15 години, и се подготвени од 1 септември да проектираме, а со тоа и да градиме по европски норми, кои ќе значат посигурни и потрајни конструкции“, изјави тогаш Серафимовски.
Инженерите не се чувствуваат подготвено
Градежните инженери со кои разговаравме велат дека иако посетувале обуки, не се чувствуваат подготвено за работа во согласност со еврокодовите. Тие се незадоволни од спроведените обуки преку Комората за овластени инженери и архитекти. Во целиот овој период имало малку обуки, во два наврата, последните биле во 2023 година, и траеле од пет до десет дена. Тие биле премногу теоретски и во целиот период не бил сработен ниту еден конкретен пример. Ветувањето дека ќе се одржи работилница на која ќе се работат конкретни примери сè уште не е исполнето, а за помалку од месец и половина почнува примената на еврокодовите.
„Јас работам 20 години и сега сум доведена во ситуација да брзам да ги завршам почнатите проекти до септември затоа што не се чувствувам подготвено за еврокодовите. Тоа е практично како да учиш нов факултет“, вели Марија Станковска, градежна инженерка во кумановската компанија „АРС – инженеринг“.
Станковска работи во областа армиранобетонски конструкции според правилник од 1987 година. Таа вели дека отстапувањата во овој дел и не се толку големи затоа што експертите што го правеле правилникот пред 35 години биле визионери, но проектантите што работат челични конструкции ќе имаат сериозен проблем затоа што во тој сегмент сè е различно.
„Обуките што ги поминавме се однесуваа на три дела: фундирање, бетонски конструкции и челични конструкции. За дрвени конструкции немавме никакви презентации, а во секоја градба тоа е последната фаза, тоа е покривот во 80 отсто од објектите“, вели Станковска.
Државата да интервенира за да се надмине непријатната ситуација
Мери Цветковска, раководителка на Одделението на градежни инженери во Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија и професорка на Градежниот факултет во Скопје, за „Блумберг Адрија“ вели дека обуки имало, но интересот за нив бил слаб.
„Тоа е одраз на нашиот менталитет, тешко прифаќаме сè што е ново. Така беше и порано, кога дозволените напрегања ги заменивме со нови прописи, кои се базираа на граничната состојба на носивост на конструкциите, но на крајот сепак ги воведовме и успешно работевме“, вели таа.
Професорката верува дека и овој предизвик со време ќе се надмине, но дека во моментов се наоѓаме во непријатна ситуација затоа што поголем дел компании навистина не се подготвени за работа во согласност со новите стандарди. Таа смета дека токму затоа е потребна интервенција од државата.
„Најдобро би било во септември да почне примената на еврокодовите за објекти од А-категорија. За овие објекти е важно да почне примената за нашите компании да останат конкурентни и да не губат работа и на нашиот и на меѓународниот пазар. Еврокодовите овозможуваат наши инженери да можат без проблем да работат во која било европска земја и обратно. Тие нудат усогласување на постапките за проектирање и затоа е добро да важат за крупни инфраструктурни проекти“, вели Цветковска.
За помалите објекти, до четири ката, може да се дозволи одложување, но од Комората велат дека интересот за обуките мора да се зголеми. Котизацијата за обуките изнесува 200 евра по лице, а Комората партиципира со половина од сумата.
Најинтензивни обуки, според податоците објавени на веб-страницата на Комората имало минатата година, во текот на есента. За да им се излезе во пресрет на инженерите, обуки биле спроведени во Скопје, Битола и Штип. Во Тетово и Гостивар немало интерес. Годинава поради малкуте пријавени, обуки имало само во Скопје, но заинтересираните од другите градови можеле да се вклучат онлајн. Исто така, презентациите со решени примери биле поставени на веб-страницата на Комората.
Страв без основа
За Грозде Алексовски, поранешен професор на Градежниот факултет, а сега директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени, оваа несигурност кај градежните инженери е резултат на страв од новото и е без основа.
Според него, главната цел е сите да бидат убедени дека конструкциите проектирани со примена на еврокодовите ќе бидат исто толку стабилни како и со претходните важечки прописи.
„Лично сметам дека би требало да се почне со примена на еврокодовите од септември. Секој почеток е тежок, но секое одложување ќе нè врати многу назад. Има одредена несигурност помеѓу проектантите дека ќе им бидат вратени проектите, па веројатно поради тоа не се осмелуваат да се впуштат во нешто што помалку или воопшто не го познаваат. Свесни сме за тоа и наша заложба е заеднички да ги надминеме овие, би рекол, стравови дека ќе се погреши. Кои и да се прописите што се применети, има одредени показатели за стабилноста на конструкцијата што се заеднички за сите прописи“, вели професорот.
Алексовски, кој работи на ревизија на проекти, ни посочи премиер од пред еден месец кога вршел ревизија на проект заедно со негов професор што е одамна во пензија.
„Тој никогаш не ги проучувал еврокодовите. Ми беа потребни само десетина минути да му ги објаснам принципите на кои се базираат еврокодовите и го препуштив да го прегледа проектот. На крајот на денот, тој дојде и ми кажа дека му било многу лесно да го прегледува и евалуира проектот поради тоа што принципите се многу поинженерски отколку важечките прописи. Оттаму сметам дека штом ќе се почне со примена, многу брзо сите ќе се навикнеме и за кратко ќе ги разбереме и применуваме правилно и без погрешни толкувања“, вели Алексовски.
Иако во последните години паралелно се користеа македонските стандарди и еврокодовите, ревидентите велат дека мал број од проектите што дошле за ревизија е изработен во согласност со еврокодовите. Причина за тоа е што на Градежниот факултет еврокодовите детално ги изучувале само последните неколку генерации дипломирани инженери, но овие млади кадри сè уште ги немаат овластувањата што се неопходни за изработка на проекти.