Просечната исплатена нето-плата во ноември минатата година изнесувала 41.999 денари, пресмета Државниот завод за статистика. Според податоците, просечната нето-плата во ноември е за 9,5 отсто повисока на годишно ниво, иако реално е зголемена за пет отсто. Во однос на претходниот месец, просечната исплатена плата е намалена за 0,3 отсто.
Прочитај повеќе
Административците бараат зголемување на платите за 6.000 денари
Денеска се одржаа протести пред повеќе министерства и институции.
14.01.2025
Близу 70.000 работници не зеле ноемвриска плата навреме
Од вкупно 552.030 вработени лица до 15 декември бруто-плата била исплатена на 482.276
29.12.2024
Прогноза: Трендот на раст на платите во регионот ќе продолжи
Очекуваме дека во 2025 година платите ќе продолжат да растат, со двоцифрени стапки на раст.
26.12.2024
Процентуално нето-платата во ноември 2024 во однос на истиот месец од 2023 година најмногу пораснала во секторите уметност, забава и рекреација за 15,3 отсто, во транспорт и складирање за 12,7 отсто, во преработувачка индустрија за 11,2 отсто и во образование за 10,4 проценти.
Иако раст се забележува во најголем дел дејности, сепак има и такви каде што просечната нето-плата на годишно ниво се намалила. Во градежништвото, во делот изградба на згради, платата за една година се намалила за 8,8 проценти. Кај воздухопловниот транспорт, пак, месечните приходи на вработените се намалиле дури за 24,9 проценти, со што платата паднала на 60 илјади.
„Блумберг Адрија“ неодамна пишуваше за тоа дека „Евростат“ и другите големи статистички служби пресметуваат медијална плата. Тоа е средна плата и во практика е пониска од просечната плата што ја пресметува македонската статистичка служба.
Медијалната или средна плата е подобар индикатор за движењата на пазарот на трудот и за животниот стандард. Пресметките на аналитичарите покажуваат дека само третина од работниците земаат повеќе од просечната плата од 42.000 денари.
Како и вообичаено, така и во ноември, месецот што го анализираме, највисока плата земаат програмерите, 96.576 денари, а далеку под нив се другите најплатени професии, односно тие што се занимаваат со научно истражување и развој во ноември зеле во просек 65.635 денари плата, вработените во складирање и помошни дејности во превозот зеле 61.915 денари и тие што работат во производство на основни фармацевтски производи и препарати во просек во ноември зеле плата од 61.329 денари.
Сепак, поголемиот дел дејности имаат потпросечна плата, а најмалку се платени тие што се занимаваат со заштитни и истражни дејности, чија плата е 22.291 денар. Малку подобро се платени тие што работат со одржување згради и животна средина, со плата од 26.440 денари, вработените во кожарската индустрија земаат плата од 27.711 денари, во производството на облека месечниот надоместок е 28.112 денари, во рибарство и аквакултура е 26.290 денари, а просечната плата кај ветеринарните дејности е 28.901 денар.