Секој жител на Македонија за периодот 2021-2023 година платил во просек по 1.426 денари данок на имот. Во однос на периодот 2017-2020 година сумата по овој основ се зголемила за 66 отсто, покажува последната студија „Колкава е самоодржливоста на единиците на локалната самоуправа?“ на „Фајненс тинк“.
Споредбата на двата периода покажува дека реализацијата на сопствените приходи е зголемена од 46 отсто во 2017 до 86 отсто во 2023 година. Заслуга за тоа има подобрената наплата на данок на имот, но, според „Фајненс тинк“, во овој дел „има простор за подобрена наплата на даноците на имот, со оглед на половичната евиденција и индивидуалниот пристап што го имаат ЕЛС во овој процес“.
Подобрената наплата не ја намали зависноста на општините од централната власт и таа остана на исто ниво во анализираните периоди „со медијана од 66 отсто, што укажува дека, севкупно, растот на трансферите од други нивоа на власт го следи растот на сопствените приходи“.
Прочитај повеќе

Општините го добија првиот дел од 250 милиони евра за капитални инвестиции
Склучени се договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4,1 милијарди денари (66,6 милиони евра).
27.10.2024

Државното земјиште како државна тајна
Лани било продадено државно земјиште во вредност од 13,7 милиони евра.
09.10.2024

Побогатите во Македонија плаќаат поголем данок на имот, ама ако пријават сами
Вчера истече рокот за поднесување даночна пријава за данок на имот.
01.02.2024

Колку чини квадрат во Скопје: Стан во Центар или два во Чаир?
За период од три години цените во некои скопски општини се зголемиле над 50 отсто.
25.09.2024
Со измените на Законот за финансирање на единиците за локална самоуправа во 2022 година се зголемија стапките на дотација од ДДВ и персонален данок од централната власт кон општините. Стапката на дотација по основ на ДДВ се зголемуваше за 0,5 процентни поени секоја година и лани стигна до шест отсто. Кај приходите од данок на личен доход во согласност со местото на живеење, дотацијата во износ од 3 отсто од приходите по оваа основа постепено се зголеми и лани исто така стигна до шест отсто.
Иселувањето ги топи парите за помалите општини
Измените во законот за ДДВ имаа цел да ги стимулираат општините да ја подобрат наплатата на сопствените приходи. Подобрената наплата го зголемува делот што го добиваат од централната власт.
Затоа, според Благица Петрески, една од авторките на студијата „Колкава е самоодржливоста на единиците на локалната самоуправа?“, измените во ДДВ, иако се мали, сепак се значајни за општините.
„Воведувањето варијабилни елементи во дотациите од ДДВ, конкретно делот за перформансот во наплата на сопствени приходи, придонесува кон унапредување на управувањето со јавните финансии на локално ниво. Стапката на реализација на сопствените приходи се зголеми од 46 во 2017 година до 86 отсто во 2023 година, што укажува на успешно стимулирање на ЕЛС да ги подобрат своите перформанси“, објаснува таа.
Сепак, иако варијабилниот дел од дотациите покажа одреден успех, за 2023 година не се забележува директна корелација помеѓу реализацијата на сопствените приходи и нивото на трансфери од централната власт. Причина за тоа е бројот на жители, кој е значаен фактор при одредувањето на трансферите.
Иселувањето, кое е поизразено во некои региони, особено во руралните локални самоуправи, ги остава овие општини со помалку пари од претходно.
„Бројот на жители продолжува да биде значаен фактор во одредувањето на висината на трансферите, што може да биде ограничувачки фактор за помалите единици на локалната самоуправа. Во иднина општините со висока ефективност во наплатата на сопствените приходи треба да бидат наградени со повисоки трансфери, при што овој критериум треба да добие повисок пондер“, вели Петрески.
Повеќе пари од персонален данок
Зголемените дотации не влијаеја да се намали задолженоста на општините. Според податоците на Министерството за финансии, на крајот на 2024 година општините и нивните претпријатија имале достасани, а неплатени обврски во висина од над 180 милиони евра.
Според градоначалниците, решението за хроничниот недостиг од пари кај општините е во зголемувањето на дотациите по основ на персонален данок. „Блумберг Адрија“ пред две години пишуваше дека ставот на ЗЕЛС е дека овој данок треба да биде општинска изворна давачка по примерот на други земји.
Градоначалниците бараат процентот од данокот на личен доход што се слева кај општините од сегашните шест да се искачи на 30 отсто за општините да станат самоодржливи.
Присилна наплата на данокот на имот
Според студијата на „Фајненс тинк“, финансиската состојба на општините може да се подобри ако се воведе унифициран механизам за евиденција и наплата на даноците на имот, вклучувајќи присилна наплата и електронски систем за наплата. „Блумберг Адрија“ пишуваше дека начинот на кој сега е поставен системот ги кочи општините во собирањето на оваа изворна давачка.
Понатаму, треба да му се даде поголем приоритет на зголемување на буџетските средства за капитални инвестиции, за да се поттикнат локалниот економски раст и развој.
„Во завршните сметки на општините да се наведат потставките на категоријата ’други градежни активности‘. Ова ќе овозможи поголема транспарентност и подобар увид во видот на капиталните инвестиции кон кои се насочуваат средствата, како што се инвестиции за изградба на патишта, мостови, системи за водоснабдување, енергетска инфраструктура и слично. Непродуктивните трошоци, како што се купување возила и мебел, да се намалат или целосно отстранат од категоријата капитални расходи“, препорачува „Фајненс тинк“.
.