text size
Глобалните цени на основните прехранбени производи пораснаа во јули. Најголемо влијание имаа прекинот на црноморската иницијатива за житни култури и новите трговски ограничувања за оризот, објави денеска Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО). Цените на храната пораснале за 1,3 отсто. На месечно ниво цените на храната се зголемуваат, но на годишно ниво се пониски за 11,8 отсто. Порастот на цените е поттикнат од растот на растителните масла. „Меѓународните цени на сончогледовото масло се зголемија за повеќе од 15 отсто месецов, главно поради обновената неизвесност во однос на извозот по одлуката на Руската Федерација да ја прекине имплементацијата на црноморската иницијатива за житни култури“, се наведува во извештајот. Индексот на ФАО за цените на житарките падна 0,5 отсто во однос на јуни. Падот на овој индекс е предизвикан од значителниот пад на меѓународните цени на крупните житарки поради зголемената сезонска понуда на пченка, поради континуираната жетва во Аргентина и Бразил и потенцијално поголемото производство од очекуваното во Соединетите Американски Држави.