text size
Во наредниот период се очекува да биде готов Законот за алтернативни инвестициски фондови, кој ќе овозможи воведување нови видови фондови, покрај отворените и затворените инвестициски фондови, рече министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочоска, говорејќи на отворањето на 23. Годишна конференција на Македонска берза која се одржува во петок и сабота во Охрид. Во услови на делумно зауздана инфлација, отпочнат процес на намалување на каматите, до крајот на оваа година се очекува да продолжи позитивниот тренд на глобалниот пазар на капитал. Биковскиот пазар се преслика и на регионалните и на македонскиот пазар, но има уште доста предизвици за кои се говори на конференцијата. Главниот извршен директор на Македонска берза Иван Штериев на почетокот ги презентираше податоците кои го одразуваат оптимизмот - прометот на Македонската берза во деветте месеци годинава изнесува приближно сто милиони евра што е за речиси 70 проценти зголемување споредбено со минатата година. Зголемениот промет е проследен со раст на цените, главниот берзански индекс МБИ-10 оваа година е зголемен за дополнителни 41 процент.