Платите ќе се зголемуваат, работниците ќе се иселуваат. На самиот старт на годината веќе почнуваат дебатите за зголемувањето на минималната плата во март и нејзиното влијание врз економијата. Самиот раст на миниманата повлекува и зголемување на останатите плати но, колку овие плати ќе успеат да ги задржат работниците во земјава.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Прогноза: Ни историски најголемите плати нема да ги задржат работниците во земјава
Ако не се промени ништо, во следните педесетина години земјава ќе остане без дополнителни половина милион жители. Или со истите параметри што важеа во 2022 година, во 2070 година бројот на жители во земјава ќе се намали од сегашните 1,8 на 1,3 милион.
Кога на овие потенцијални 500.000 жители што ќе ги нема во земјава во наредниот период ќе се додадат уште околу 700.000 илјади македонски државјани што во моментов престојуваат во странство, излегува дека ќе се изедначи бројот на лица со македонско државјанство во Македонија и надвор од неа.
Растот на минималната плата носи и ризик од инфлаторна спирала
Минималната плата низ годините е предмет на дебата меѓу економистите, работодавците, синдикатите и владејачката гарнитура од која било провениенција. Уште пред стартот на 2024 година владините претставници се пофалија дека согласно нивните пресметки од март годинава минималната плата ќе изнесува 22.500 денари или ќе се биде зголемена за 2.325 денари.
Животниот стандард на најниско платените работници со самиот раст на минималната плата се подобрува, и нејзиниот раст служи како основа за зголемување на останатите плати. Сепак не се исклучува инфлаторниот ризик, кој може да се контролира со механизмите на монетарната политика, сметаат економските експерти.
Пораснаа казнените камати, највисоки се од 2010 година
Со стартот на годината граѓаните ќе плаќаат и повисоки казнени камати. Зголемувањето е поради тоа што од 1. јануари референтната стапка за пресметување на стапката на казнена камата изнесува 6,30 проценти. Тоа е всушност основната камата или каматата по која банките купуваат благајнички записи во Народната банка.
Пресметките се прават двапати годишно, на секое полугодие, или еднаш од јули, еднаш од јануари. Ако во периодот од шест месеци немало промени на основната камата, не се менува и казнената, но овој пат тоа не е случај. Во услови на висока инфлација, Народната банка во повеќе наврати ја зголеми основната камата, што доведе до ситуација на крајот на годината стапката да е највисока во последните 13 години.
Има најмалку две причини за растот на цената на европскиот гас
Загриженоста за снабдувањето со енергија на бродовите што транзитираат низ Црвеното Море повторно се појави оваа недела, додавајќи поддршка за растот на цените на нафтата и на гасот. Милитантите Хути тврдеа дека нападнале друг трговски брод во областа, додека Иран рече дека експлозиите во кои загинаа речиси 100 луѓе во централниот дел на земјата биле извршени за да го санкционираат ставот на земјата против Израел.
Референтните договори се зголемија за дури 5,2 проценти на највисоко ниво за една недела, бидејќи температурите ширум западна Европа треба да се спуштат под сезонските норми во следните неколку дена, зголемувајќи ја побарувачката на гас за греење и за потребите на електраните што го согоруваат ова гориво.
Сомнежот околу одобрувањето на биткоин ЕТФ фондови го потопи криптопазарот
Токенот падна под 41.000 долари во одредени моменти, губејќи до 3.000 долари во вредност за само два часа. Забележан е пад на најниско ниво од 40.700 долари од тогашниот максимум од 45.600 долари, со стабилизација на 42.300 долари.
Сето ова се случува на 15-годишнината од денот на „битието“ (Genesis), кога беше ископан првиот блок во блокчејнот. Остриот пад на цената на водечката криптовалута дојде откако дигиталната финансиска платформа „Матрикспорт“ (Matrixport) ја повлече својата неодамнешна прогноза дека американската Комисија за хартии од вредност (SEC) потенцијално би можела да ги одобри првите биткоин фондови за тргување на берза