Претседателот на САД, Доналд Трамп, се закани со истрага која може да доведе до нови царини како одговор за казната што Европската Унија ѝ ја изрече за „Гугл“ на „Алфабет“, поради злоупотреба на доминантната позиција преку фаворизирање на сопствените платформи за рекламирање.
Претседателот ја објави својата закана преку објава на социјалните мрежи во петокот, откако ЕУ соопшти дека ќе ја казни „Гугл“ со речиси 3 милијарди евра (3.5 милијарди долари) и ќе ѝ нареди да престане со фаворизирање на сопствените технолошки услуги за рекламирање.
„Ова е една од многуте други казни и даноци што се изречени против „Гугл“ и други американски технолошки компании,“ напиша Трамп. „Многу неправедно, и американскиот даночен обврзник нема да го толерира тоа! Како што реков претходно, мојата администрација нема да дозволи овие дискриминаторски постапки да продолжат.“
Прочитај повеќе

„Гугл“ избегна продажба на Хром, но мора да ги сподели податоците
Судијата му наложи на „Гугл“ да споделува податоци од пребарувањата со конкуренцијата, но избегна најстроги казни и присилна продажба на Хром.
03.09.2025

Трамп со нова стратегија за вештачката интелигенција: „Мета“ вложува 600 милијарди долари
Технолошките гиганти на вечера со Трамп, најавени големи инвестиции и соработка за иднината на вештачката интелигенција...
05.09.2025

Сите очи кон Врховниот суд: Ќе стане ли „Денот на ослободувањето“ најголемо фијаско на Трамп?
Трамп официјално побара Врховниот суд брзо да се изјасни по жалбата поради што конечната судбина на повеќето од царините би можела да се знае многу побрзо од очекуваното.
05.09.2025

Лагард: Обидот на Трамп за контрола врз Фед е закана за светската економија
Може ли политиката да ја урне економијата? Претседателката на ЕЦБ вели да, ако Фед падне под притисок.
01.09.2025
Трамп претходно користеше т.н. 301 истраги за да ги таргетира увозите од Бразил, поради судењето на поранешниот претседател Жаир Болсонаро. Тој долго време ја критикува Европа за казните против американските технолошки фирми, а овој месец предупреди дека ќе воведе „значајни“ царини за земјите што применуваат дигитални даноци, правила или регулативи што ги погодуваат американските компании.
Претседателот изјави дека темата за дигиталните даноци и казни се појавила на вечера во Белата куќа во четвртокот вечерта, со водечките технолошки директори, меѓу кои и Сундар Пичај („Aлфабет“), Марк Закерберг („Мета“) и Тим Кук („Епл“).
„Не се жалеа за Кина. Не се жалеа за други места. Се жалеа за Европската Унија,“ рече Трамп во петокот. „Не можеме да дозволиме тоа да се случува.“
Европската комисија во петокот изјави дека „Гугл“ ја искористила својата предност над конкурентите и мора да ги прекине тие практики.
„Кога пазарите не функционираат, јавните институции мора да дејствуваат за да спречат злоупотреба на моќта од страна на доминантни играчи,“ рече еврокомесарката за конкуренција Тереза Рибера. „Вистинската слобода значи рамноправни услови, каде секој се натпреварува под исти правила, а граѓаните имаат вистински избор.“
„Гугл“ веднаш најави жалба. Потпретседателката за регулаторни прашања, Ли-Ен Малхоланд, изјави дека казната е „неоправдана“ и дека промените што се бараат „ќе им наштетат на илјадници европски бизниси, отежнувајќи им да заработуваат.“
Казната од 2.95 милијарди евра е една од најстрогите санкции од Брисел и втора по големина против „Гугл“ за наводна злоупотреба на доминантна позиција. Претходно беа изречени казни од 4.125 милијарди евра за Андроид, 2.42 милијарди евра за уништување на конкуренцијата во пребарувањето за шопинг, а казната од 1.49 милијарди евра за Адсенс беше поништена минатата година. Вкупно, обврските на „Гугл“ кон ЕУ се ближат до 10 милијарди евра, што е далеку повеќе од казните против „Епл“, „Мета“ и „Мајкрософт“.
Според проценките за 2025 година од истражувачката фирма „Емаркетер“, „Гугл“ не број еден на глобалниот пазар за дигитално рекламирање, вреден 757.5 милијарди долари. Се очекува компанијата да оствари 205.04 милијарди долари приходи од дигитални реклами, од кои 171.72 милијарди од пребарувачки реклами, а 33.33 милијарди од дисплеј реклами. „Гугл“ управува со платформи за купување реклами за маркетери, продажба реклами за издавачи, и размена каде двете страни склучуваат трансакции преку брзи аукции.
Анџела Милс Вејд, извршна директорка на Европскиот совет на издавачи, кој ја поднесе жалбата до Европската комисија, изјави: „Казната нема да го поправи расипаниот пазар за рекламна технологија во Европа. Без силна и решителна примена на правилата, „Гугл“ едноставно ќе ја третира казната како дел од трошоците за работење, додека ја консолидира својата доминација во ерата на вештачката интелигенција. Европа ризикува да ги поткопа сопствените правила и да го ослаби секторот за медиуми и издаваштво.“
Казната од ЕУ доаѓа во напнат момент за трговските односи меѓу ЕУ и САД, при што претседателот Трамп постојано ги критикува напорите на ЕУ за ограничување на технолошките гиганти од Силициумската долина.
Иако „Гугл“ се соочува со антимонополски истраги ширум светот, оваа недела доби олеснување кога американски судија пресуди дека не е потребно да се раздвојува нејзиниот пребарувачки бизнис за да се решат штетите наведени од Министерството за правда.
Сепак, рекламните технологии на „Гугл“ остануваат под закана и во САД. Министерството за правда треба да предложи решенија подоцна, во друг случај, пред рочиштето закажано за 22 септември. Претходно, се разгледуваше можноста „Гугл“ да биде принудена да го продаде својот Адменаџер за да се решат наводните антиконкурентски ризици.
Комесарката на ЕУ, Тереза Рибера, посочи дека можно е американска пресуда да го принуди „Гугл“ да ја раздвои својата рекламна платформа. „Во оваа фаза, изгледа дека единствениот начин „Гугл“ ефективно да го реши конфликтот на интереси е преку структурна мерка, како што е продажба на дел од својот бизнис за рекламирање“.
ЕУ уште во 2023 година го предупреди „Гугл“ дека ја злоупотребува својата доминантна позиција во рекламната технологија, нанесувајќи штета на онлајн издавачите. Тогаш, Европската комисија со седиште во Брисел изјави дека „Гугл“ го фаворизира сопствениот програм за размена на реклами во однос на конкурентите, зајакнувајќи ја својата централна улога во синџирот на снабдување со рекламна технологија.
Претходничката на Рибера, Маргрете Вестагер, тогаш изјави дека само „задолжителна продажба“ на дел од бизнисот на „Гугл“ би ги решила проблемите. Таа, како Данка, помина една деценија во Брисел, каде што му изрече на „Гугл“ казни од над 8 милијарди евра во три различни случаи — иако една казна беше поништена, а друга намалена од страна на судиите на ЕУ.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...