Себастијан Лекорну денеска официјално ја презема функцијата премиер на Франција, во услови на масовни протести, што го нагласува тешкиот предизвик што го очекува додека се обидува да протурка непопуларни буџетски реформи.
Лекорну, кој беше министер за одбрана во претходниот кабинет, ќе стане петтиот премиер на земјата во последниве две години. Последните двајца премиери беа соборени по обидите да усвојат буџети со кои драстично би се намалил францускиот дефицит – најголем во еврозоната.
Дополнително, граѓанското движење „Да блокираме сè“ (Bloquons Tout) денеска организира протести што ќе влијаат врз училиштата и регионалните возови и ќе предизвикаат доцнења и делумни откажувања на авионските летови. Синдикатите, пак, најавуваат масовни штрајкови на 18 септември поради буџетските предлози на претходната влада, според која тоа се мерки на штедење.
Прочитај повеќе

Макрон го назначи Лекорну за нов премиер на Франција
Лекорну (39) е единствениот министер кој е дел од владата континуирано откако Макрон стана претседател во 2017 година.
09.09.2025

Француската политичка неизвесност ги крена европските акции
Европските берзи пораснаа додека Франција се соочува со политичка неизвесност и избор на нов премиер, а CAC 40 предводеше во регионот.
09.09.2025

Макрон во потрага по нов премиер по гласањето недоверба на Бајру
Емануел Макрон повторно е на мака, мора да избере нов премиер, додека економијата се соочува со најголем дефицит во еврозоната, а синдикатите најавија штрајкови.
09.09.2025

Падна француската влада
Франција без премиер – уште една политичка криза во срцето на Европа. Инвеститорите се загрижени, а парламентот поделeн како никогаш претходно.
08.09.2025

Францускиот премиер пред смена поради буџетот
Бајру ќе се соочи со гласање за доверба, кое самиот го иницираше, за да изврши притисок врз пратениците да ги поддржат неговите предлози за буџетот.
08.09.2025

Иднината на Франција е на коцка поради високиот јавен долг
Париз има трет највисок јавен долг во Европската Унија, веднаш по Атина и Рим, што би можело да знаци недоверба за актуелниот француски премиер — особено во земја која веќе има највисоко даночно оптоварување во Европа.
06.09.2025
Пратеници од целиот политички спектар ја отфрлија можноста за продолжување на политиките на претседателот Емануел Макрон и побараа нови парламентарни избори. Малцинската влада на Лекорну ќе има потреба од премолчена поддршка од левицата или десницата за да го донесе буџетот за 2026 година и да преживее евентуална интерпелација за недоверба.
„За секој премиер ова би било предизвик“, изјави во интервју Гезине Вебер, аналитичарка со седиште во Париз од германскиот Маршалов фонд.
„Се соочуваме со ист проблем како и минатата година, кога ривалските партии покажуваат мала подготвеност за компромис.“
Во насока на тоа како функционира коалициската политика во некои парламентарни демократии, Макрон му довери на Лекорну „да се консултира со политичките сили во парламентот со цел да се усвои буџетот“.
Дури потоа Лекорну ќе предложи формирање нова влада. Во меѓувреме, актуелниот кабинет ќе продолжи да функционира како техничка влада.
Лекорну, кој има 39 години, е единствениот министер што непрекинато служи во владата откако Макрон стана претседател во 2017 година. Тој ја презеде функцијата откако пратениците – од крајната левица до крајната десница – се здружија за да го отстранат Франсоа Бајру од позицијата на гласањето за доверба што самиот тој го повика во обид да обезбеди поддршка за непопуларните буџетски кратења.
Бајру се залагаше за буџет со кој францускиот дефицит во 2026 година би се намалил на 4,6 отсто од БДП, од очекуваните 5,4 отсто годинава.
Финансискиот закон за 2026 година ќе биде еден од првите големи тестови за новиот премиер, кој, за да ја избегне истата судбина како своите претходници, ќе мора брзо да ги преработи фискалните планови за да добие барем премолчена поддршка од дел од политичките противници на Макрон.
Франција се бори да ја санира штетата од кризата
Долгот продолжува да расте во втората најголема економија во Европа
Bloomberg
Марин Ле Пен од Националното собрание во објава на социјалните мрежи во вторникот напиша дека Макрон го потрошил последниот куршум со назначувањето на Лекорну и дека новите парламентарни избори се неминовни. Социјалистичката партија, пак, во соопштение наведе дека ниту еден нејзин пратеник нема да учествува во пристапот на Макрон.
„Ова е шлаканица за парламентот“, изјави за БФМ ТВ (BFM TV) социјалистичкиот пратеник Филип Бран. „Ова е шлаканица за гласачите“.
Актуелната политичка криза доаѓа една година по несреќниот обид на Макрон со предвремени избори за да ја консолидира центристичката моќ во услови на растечка поддршка за крајната десница. Тоа доведе до поделба на парламентот во три спротивставени блока: Националното собрание, кое е најголема партија во Долниот дом, левичарски блок и ослабениот центар што го поддржува Макрон.
Оттогаш, францускиот CAC 40 – во кој се наоѓаат гиганти како „ЛВМХ Моет Хенеси Луј Витон“ (LVMH Moet Hennessy Louis Vuitton SE), „Ербас“ (Airbus SE) и „Лореал“ (L’Oreal SA) – падна за 3,2 отсто, во споредба со раст од 5,5 отсто кај Stoxx Europe 600 и 25 отсто кај германскиот DAX, без дивиденди.
В петок „Фич рејтингс“ (Fitch Ratings) треба да го ажурира својот извештај за кредитоспособноста на Франција.
Економијата покажа изненадувачка отпорност на политичките превирања во изминатите месеци, при што индикаторите укажуваат дека производството излегло од долгата стагнација, а растот во вториот квартал ги надминал очекувањата.
Сепак, анкетата на Банката на Франција спроведена околу најавата на Бајру за гласање доверба покажа нагло зголемување на неизвесноста меѓу бизнис-лидерите во споредба со скокот забележан откако Макрон го распушти парламентот.
Француските политички превирања ја загрижуваат бизнис-заедницата
Bloomberg
Лекорну, кој е поранешен член на партијата на десниот центар, Републиканци, е меѓу најгласните поддржувачи на напорите на Макрон да ја покаже воената моќ на Франција, што вклучува значително зголемување на буџетот за армијата и ветувања за активно ангажирање во заштитата на Украина.
Лекорну е исто така познат по тоа што има коректни односи со личности од француската крајна десница, вклучувајќи ја и Ле Пен. Лидерите на Националното собрание сè уште не дале знак дека би го поддржале новиот премиер, но претседателот на партијата, Жордан Бардела, не го отфрли веднаш Лекорну.
„Ќе го оценуваме новиот премиер – без илузии – според неговите постапки, неговата политика за буџетот на Франција и тоа дали ќе ги испочитува нашите црвени линии“, напиша Бардела на социјалните мрежи.