Во брзото дигитално време, платформите за социјални мрежи како Тикток го револуционизираа начинот на кој се забавуваме и ја изразуваме креативноста. Со моќта на своите алгоритми и привлечен формат на кратки видеа, Тикток стана глобален феномен, особено меѓу децата и адолесцентите.
„Љубопитноста на децата нема граници, таа е во нивната биологија и кога тие ќе почнат да ја истражуваат технологијата, ги откриваат платформите, кои најпрво не ги разбираат, па бараат содржина што им предизвикува возбудувачки емоции на нешто интересно. Со текот на развојот, таа содржина добива смисла и значење. Тоа значи дека и интересното добива смисла и значење. А колку повеќе нешто е интересно, толку повеќе сакаат да го гледаат“, објaснува Дора Попова Узуновски, психолог, гешталт-терапевтка и магистерка на психолошки науки.
Но, под занимливата површина на платформата често се крие и помрачна реалност: ширење ризични предизвици што го загрозуваат менталното и физичкото здравје на младите корисници.
Прочитај повеќе
Тикток ја повлече апликацијата која поттикнуваше подолго седење пред екран
Апликацијата го наградуваше времето поминато пред екран
05.08.2024
Крај на слободниот интернет?
ОД корисниците на Тикток во САД, групата од 18 и 19 години е најбројна
28.04.2024
Австралија ќе ги забрани социјалните мрежи за деца под 16 години
Иницијативата е дел од напорите за заштита на менталното здравје на младите.
07.11.2024
Животот по смртта на социјалните мрежи: Што се случува со вашите профили?
Иако не знаеме што се случува по смртта, живот по смртта сигурно постои - барем кога станува збор за социјалните мрежи.
31.10.2024
Фејсбук, Тикток, Онлифенс - фрчат злоупотреби на личните податоци на Македонци
Најголем број општини немаат определено офицер за заштита на личните податоци.
19.06.2024
Малолетници во болница со сериозни повреди
Нашата јавност стана и директен сведок на тоа откако поради тикток-предизвикот наречен „Супермен“ дузина малолетници завршија во болница со сериозни повреди.
Изминатиов викенд беа регистрирани двата најнови случаи во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ во Скопје. Петнаесетгодишна девојка заврши со скршеница на два слабински пршлена, додека 13-годишно девојче со скршеници на подлактиците. Доктор Небојша Настов, директор на болницата, предупреди дека овој предизвик може да остави трајни последици.
Социјалните мрежи се полни со „заразни“ видеосодржини, кои често се претвораат во трендови, како на пример „Супермен“, што бара детето да скокне врз рацете на врсниците, кои потоа го фрлаат во воздух, по што треба да се приземји на нозе. Сепак, ризичната игра често завршува со повреди на рацете, нозете и главата.
Предизвикот обично се прифаќа додека децата се на училиште, за време на одморите или меѓу часовите, па докторите и педагозите ја алармираа јавноста во однос на негативниот тренд. Од почетокот на месецот, 11 деца на возраст од 10 до 16 години, сите од Скопје, беа примени во болница, од кои две со скршеници на рацете.
Овој случај ја потенцира опасноста од учеството во ризични предизвици промовирани преку социјалните мрежи бидејќи тие можат да доведат дури и до долгорочни последици.
Социјалните мрежи, иако можат да бидат средство за забава и креативност, носат и ризици што често се потценуваат од страна на младите, а Попова Узуновски во овој контекст вели дека треба да се земе предвид и „бељата“, која е дел од пубертетот како развојна фаза кај децата.
„’Предизвици’ од ваков тип постоеле секогаш, но немаше социјални мрежи и јавното мислење не беше толку достапно. Сè што треба да се направи е последиците од бељата да бидат минимални на таа возраст. Природно, децата немаат толку развиено апстрактно причинско-последично мислење до 12-та година за да можат да го разберат значењето на последиците. А по таа возраст, тоа се формира сè до адолесценцијата“, објаснува нашата соговорничка.
Од каде произлегува привлечноста на тикток-предизвиците
Предизвиците на Тикток се дизајнирани да бидат привлечни. Тие често вклучуваат корисници што имитираат одредена акција, танц или тренд за да добијат лајкови, следбеници и краткотрајна интернет-слава. За децата и тинејџерите, кои природно се привлечени кон социјална валидација, овие предизвици можат да бидат неодоливи. Заедничкиот аспект - „сите го прават тоа“ - создава чувство на припадност. Сепак, овој наизглед безопасен тренд може да се претвори во опасна територија кога предизвиците вклучуваат ризични и несоодветни акции.
Додека едни предизвици се безопасни и дури поттикнуваат креативност, други се покажаа како алармантно штетни. Привлечноста на виралната слава често ги заслепува младите корисници за потенцијалните последици од нивните акции.
Во минатото предизвици како „Блекаут челинџ“ (Blackout Challenge), кој вклучува ограничување на протокот на воздух (давење) за да се постигне краткотрајна еуфорична состојба, доведоа до смртни случаи. Децата често не ги разбираат ризиците.
Покрај тоа, неуспешното завршување на некој онлајн предизвик може да доведе до сајбер-малтретирање, социјална анксиозност и намалена самодоверба кај децата. Притисокот да се следат трендовите може да направи децата да се чувствуваат изолирано ако одлучат да не учествуваат.
Постојаното изложување на вакви предизвици го нормализира несoвесното однесување. Младите умови, кои сè уште ги развиваат критичките вештини за размислување, може да не успеат да направат разлика меѓу онлајн трендовите и реалните последици.
„Агресивните содржини секогаш се штетни. Направени се илјадници истражувања на оваа тема и резултатот е секогаш ист. Долго време поминато пред екран со агресивна содржина значително ја зголемува агресијата кај личноста“, вели во овој контекст Попова Узуновски.
Улогата на алгоритмите на социјалните мрежи
Алгоритамот на апликациите како Тикток го засилува проблемот. Давајќи им приоритет на содржини што го задржуваат вниманието на апликацијата, платформата ненамерно промовира екстремни предизвици. Колку е поекстремен или поопасен предизвикот толку е поверојатно да биде поистакнат меѓу предложените содржини, создавајќи маѓепсан круг за ризично однесување.
„За жал, алгоритамот на социјалните мрежи не е ориентиран кон безбедна содржина. Вистината е дека колку е понегативна и интензивна содржината толку е погледана. Ова важи за сите социјални мрежи“, нагласува психологот Попова Узуновски, која нагласува дека одговорноста лежи кај главните креатори на платформите што го поставиле алгоритамот токму на таков начин.
Влијанието на прекумерното време пред екран
Прекумерното седење пред екран (screen time) го влошува проблемот, бидејќи децата стануваат поизложени на штетна содржина колку подолго остануваат онлајн.
Долготрајнoто седење на социјалните мрежи ја зголемува веројатноста тие да се сретнат со ризичните предизвици. Исто така, тоа го намалува времето поминато на поздрави активности како физички вежби, социјална интеракција и образовни задачи, кои се од суштинско значење за балансиран развој.
„Клучни показатели дека детето минува премногу време пред екран би биле недостиг од заинтересираност за светот и реалноста околу него, преферирање задоволство пред екран наместо реална дружба“, вели психологот и нагласува дека родителите не треба да дозволат да се дојде до тој степен.
Ограничувањето на времето пред екран и поттикнувањето на различни офлајн активности може да помогне во ублажувањето на овие ризици.
„Препорачливо е детето до две години воопшто да не биде изложено на екран. Потоа до пет години е доволно по половина до еден час во денот. Над пет години веќе може по два-три часа, но исто така е важно дали одеднаш детето ќе ги искористи часовите или ќе бидат расцепкани во текот на денот“.
Одговорноста на возрасните и на општеството
Родителите, наставниците и креаторите на политиките имаат клучна улога во ублажувањето на негативните ефекти од предизвиците на социјалните мрежи. Отворената комуникација за ризиците поврзани со социјалните медиуми е од суштинско значење.
„Тоа што може да го прават наставниците и родителите е да ги стимулираат просоцијалното однесување и емпатијата, наместо да се фокусираат на превенцијата на негативното. Но прво тие треба да бидат примерот. Децата имаат многу добар сенс да уловат лицемерство. Тие нема да го прават тоа што им го зборувате, ќе го прават она што им го покажувате. Кога се фокусираме на превенција од негативното, тоа се доживува како забрана, а забранетото овошје е најпривлечно. Кога се фокусираме на просоцијалното однесување, повеќе забораваме на постоењето на негативното“, истакнува Попова Узуновски.
Родителите треба да ја следат онлајн активноста на своите деца и да создадат средина во која младите корисници ќе се чувствуваат удобно да разговараат за своите дигитални искуства.
Училиштата можат да вклучат медиумска писменост во наставната програма, учејќи ги учениците критички да ги оценуваат онлајн трендовите и да донесуваат информирани одлуки, но, од друга страна, нашата соговорничка вели дека еднакво е важна и едукацијата на возрасните за социјалните мрежи.
„Се плашам дека генерално постои дигитална неписменост во нашето општество и дека децата знаат многу повеќе од возрасните да ги користат социјалните мрежи. Голем дел возрасни уште не го разбираат значењето на мрежите и како тие вистински се употребуваат. Така што, решението прво го адресирам и во едукацијата на возрасните за социјалните мрежи, а потоа на децата“, посочува таа.
Дополнително, платформите за социјални мрежи мора да бидат одговорни. Спроведувањето построги политики за модерирање на содржината и проактивното отстранување на опасните трендови може значително да придонесе за безбедноста на корисниците. Кампањите што ги истакнуваат опасностите од ризичните предизвици и промовираат позитивни, креативни алтернативи можат да помогнат во промена на наративот.
Тикток и другите платформи за социјални мрежи во својата суштина не се штетни. Тие нудат огромен потенцијал за креативност, поврзување и учење. Сепак, темната страна на виралните предизвици ја нагласува потребата за колективен напор за заштита на благосостојбата на помладите корисници.
Со поттикнување култура на свесност и одговорност, можеме да осигуриме дека социјалните медиуми ќе станат алатка за надградба, а не платформа на ризици.