Граѓаните на Тетово добија препорака да не излегуваат оддома и да не ги отвораат прозорците по пожарот во магацин за бои и лакови во тетовското село Фалише. Изгореле 100 тони хемикалии – јаглероден моноксид, јаглероден диоксид, диоксини и други штетни материи. За некои од нив лекарите велат дека се потребни дури седум години за да се разградат во организмот. Допрва ќе се проверува дали се загадени и водата и почвата.
А загадувањето допрва почнува. Синоптичарите велат дека следниот викенд ќе биде првиот зимски и температурите ќе паднат под нулата. Значи дека греењето на домовите ќе се интензивира. Од потрошените дрва ќе страда воздухот, од потрошената струја ќе страдаме сите. Колку ќе плаќаме за енергентот од Нова година ќе пресметува австриската ЕВН, од регулаторот што досега ја утврдуваше цената велат дека сега само ќе ја проверуваат пресметката. Во меѓувреме, власта најавува дека тргнува во процес на затворање на најголемите загадувачи, рудниците на јаглен, од кои најмногу трошиме струја. Енергетичарите велат дека е рано за тоа, немаме како да ја замениме струјата од јаглен.
Но јасно е дека в година ќе има избори, и тоа двојни, па секакви чуда се можни. Растот на просечната плата во вакви услови не е чудо, туку нормална статистичка појава. За идната година се најавува уште посилен раст на сите плати. А експертите велат дека ни треба токму тоа за да влеземе во инфлаторна спирала, затоа што инфлацијата сè уште не го кажала последниот збор. А ниту централните банки, кои сега само паузираат во зголемувањето на трошоците за задолжување. Шефицата на ЕЦБ побара јасни назнаки за тоа како ќе се движат фискалните политики. Кај нас се знае како ќе се движат – ќе растат трошоците на државата, ќе се покриваат со задолжувања.
Чудна приказна ја обележи неделата и на глобално ниво. Сем Алтман, таткото на ЧетГПТ, доби отказ, па по пет дена се врати во стартапот, откако другите вработени се заканија дека и тие ќе си одат. Алтман не се симнува од насловните страници, се пресметува кој доби и кој изгуби од перипетиите неделава.
Неделава „Блумберг Адрија“ ви донесе и интересни ексклузивни содржини. Во интервју, волкот од Волстрит ни кажа дека некои работи би ги направил поинаку. Го најдовме и Македонецот што ги прави ексклузивните патики за Роналдо и за редица други светски ѕвезди. Побаравме каков автомобил може да купите за 20.000 евра.
Нов автомобил со еколошки мотор е еден од чекорите за почист воздух во градов. Во Скопје нема изгорени бои и лакови, но воздухот веќе почна да мириса како што си мириса секоја зима. Препораката за неизлегување оддома ќе важи за следната недела. Се затвора градот за да се одржи министерскиот состанок на ОБСЕ. Администрацијата, училиштата и факултетите нема да работат на 29 и 30 ноември. Исто како некогаш, само што овој пат нема пионери.