Инфлацијата во еврозоната се забрза минатиот месец, поддржувајќи го постепениот пристап на Европската централна банка за намалување на каматните стапки, без целосно да ги исфрли од колосек. Потрошувачките цени во декември 2024 година се зголемија за 2,4 проценти во однос на истиот месец претходната година и во однос на 2,2 проценти во ноември и се совпаѓаат со просечната проценка во анкетата на „Блумберг“. Зголемувањето во голема мера беше поттикнато од трошоците за енергија, кои се искачија за прв пат од јули, објави Евростат.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Над половина од возилата за превоз на стока во Македонија се „црни возила“
Иако годината на ковид (2020) за голем дел од бизнисот беше најтешка, полна со проблеми, предизвици и неизвесност, за транспортниот сектор тоа е годината што измина, 2024-та. Правејќи осврт на состојбите во транспортот во годината што веќе е зад нас, засегнатите вршители на таа дејност ќе речат дека по ковидот, 2024-та е најтешката година за вршење превоз поради повеќе причини што им го отежнуваат работењето.
Покрај стандардните проблеми со кои се соочуваат сите сектори генерално, како недостиг од работна сила и зголемени трошоци (во случајов поскапени патарини и гориво), овој сектор се соочува со намален обем на работа и ограничен пристап на транспортниот пазар со мал број меѓународни транспортни дозволи.
Прогноза 2025: Не очекуваат уште погорчливи цени на какаото и на кафето
Климатските промени и неповолните временски услови се ризици кои придонесуваат за одржување на високи цени на какаото. Предвидуваме дека цените на какаото ќе останат над 12.000 долари за тон во 2025 година, продолжувајќи го притисокот на глобалната индустрија на чоколадни кондиторски производи. Какаото бара висока температура, изобилство вода и влажност на воздухот, што го ограничува неговото одгледување во одредени региони, првенствено Западна Африка, Централна и Јужна Америка, често во шумски области.
И покрај високите цени, чоколадото останува нееластично добро, што значи дека побарувачката не е значително засегната, што е видливо од продажбата на големите производители на чоколадо, како што е „Бери Колибаут“ (BarryCallebaut). За поддршка на поголемо производство и потенцијално пониски цени, клучна улога може да има олабавувањето на државните контролни механизми на цените во Гана и во Брегот на Слоновата коска.
Дали е реален „јануарскиот ефект“ на берзите?
Со децении, популарната теорија тврди дека американските акции имаат тенденција да растат повеќе во јануари отколку во другите месеци. Постоењето на овој феномен, познат како „јануарски ефект“, некогаш се чинеше дека е непобитнo бидејќи студиите покажаа добивки неколку пати поголеми во јануари отколку во просечен месец. Ефектот беше најизразен кај акциите на малите компании од 1940 до средината на 1970-тите. Но, се чинеше дека се намали околу 2000 година и оттогаш не е толку сигурен.
Откривањето на јануарската пазарна аномалија нашироко му се припишува на Сидни Вахтел, инвестициски банкар кој раководел со истоимената финансиска фирма и ги идентификувал перформансите во јануари во 1942 година. Користејќи податоци од околу две децении, тој забележал во објавен труд дека помалите акции, кои обично се тргуваат во помали количини од акциите на големите компании, имаат тенденција да растат и значително да ги надминат нивните поголеми врсници во јануари.
Крипто ЕТФ-ови: Дали ни претстои експлозија на нови фондови во 2025 година?
Оваа недела се навршува една година откако фондовите што се тргуваат преку берза (ЕТФ) кои директно инвестираат во биткоин почнаа да се тргуваат во САД. Ова се случи на 11 јануари 2024 година, ден откако Комисијата за хартии од вредност на САД (SEC) даде зелено светло за фондовите. Според најновите податоци, сите 12 спот биткоин ЕТФ-ови собрале околу 35 милијарди долари нето-приливи од почетокот на тргувањето.
Според „Блумберг“, вкупните средства под управување на сите спот биткоин ЕТФ-ови моментално изнесуваат околу 111,5 милијарди долари. Според аналитичарот на „Илирика“, Домен Крегар, ваквите ЕТФ-ови имале големо влијание врз растот на цените на криптовалутите, главно поради позитивниот психолошки ефект врз инвеститорите и потенцијалните нови инвеститори. Фондовите го вратија оптимизмот на пазарот за иднината на криптовалутите, бидејќи ЕТФ-ови беа воспоставени од речиси сите големи финансиски институции, вели Крегар.
Општата вештачка интелигенција ќе исплива за време на владеењето на Доналд Трамп
Во 2015 година, „Опен еј-ај“ (OpenAI) беше основана со амбициозна цел да развие општа вештачка интелигенција (од англиски: artificial general intelligence - AGI), технологија која може да извршува задачи на ниво на човечка интелектуална способност. Во тоа време, малкумина веруваа дека АГИ е можно, но Сем Алтман, заедно со Илја Сутскевер и другите пионери, опстојуваа. Како што подоцна напиша на неговиот блог „Рифлекшнс“ (Reflections), Алтман веруваше дека АГИ ќе биде „една од најважните технологии во историјата на човештвото“.
И покрај ограничените ресурси и првичниот скептицизам, тие се фокусираа на длабоко учење како основа за развој на вештачка интелигенција. Нивната визија почна да се остварува во ноември 2022 година, кога лансирањето на ЧетГПТ (ChatGPT) предизвика глобална револуција. ЧетГПТ стана глобален феномен во првите месеци, добивајќи над 100 милиони корисници.