Првите исплати од европскиот План за раст нема да бидат извршени во првиот дел од оваа година. Според објаснувањето на прес-службата на Европската комисија (ЕК), плаќањата нема да се вршат пред средината на оваа година. Проблемот е во тоа што земјите од регионот треба да постигнат договор за заем со Европската унија, бидејќи едни финансиски средства се во форма на заеми, а други во форма на грантови.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Банките под притисок – јагма за парите од унгарскиот кредит
Фирмите бараат многу повеќе пари од тоа што банките можат да им дадат. Државата преку унгарскиот кредит стави на располагање 250 милиони евра за македонските компании. Интересот особено е зголемен откако беше проширена намената за овие кредити кои првично беа најавени само за инвестиции во производствени капацитети и обновливи извори на енергија.
Минатата недела привршуваа активностите за потпишување на рамковните договори меѓу „Развојната банка“ и деловните банки. Од „Развојната банка“ за „Блумберг Адрија“ велат дека очекуваат оваа постапка да заврши во кус рок со сите преостанати банки. Од банките информираат дека компаниите од претходно најавувале дека ќе поднесат барање за кредит, а сега се во постапка на собирање на потребната документација.
Анкета: Што ги тера македонските компании и граѓани засилено да бараат кредити?
Во четвртиот квартал на 2024 година има нето-зголемување на побарувачката за корпоративните кредити, посилно во споредба со претходниот квартал, покажува новата анкета за кредитна активност на Народната банка. Иако, нето-зголемувањето на побарувачката во четвртиот квартал е малку послабо од очекувањата за нето-зголемување наведени во претходната анкета, за првиот квартал од 2025 година, банките очекуваат поумерено нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата.
„Анализирано од аспект на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, може да се забележи дека факторите од групата поврзани со „потребите од финансирање“, односно факторите „инвестиции во основни средства“ и „инвестиции во залихи и обртен капитал“ придонесуваат за нето-зголемување на кредитната побарувачка“, наведуваат од Народната банка.
Преглед на пазарите: Европските берзи во светло на мировните преговори, враќањето на еврото и одличниот DAX
Настаните на берзата изминатава недела може да се сумираат во еден збор: геополитика. Веста дека Вашингтон има намера да започне разговори со Русија за ставање крај на војната во Украина ги засени податоците за инфлацијата во САД во средата и обновената царинска реторика на Доналд Трамп.
Американскиот претседател за новинарите во Белата куќа во средата вечерта изјави дека рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски изразиле желба за мир во одделни телефонски разговори и дека тој им наложил на своите претставници да започнат разговори за ставање крај на војната. Веста за можни мировни преговори беше особено позитивно прифатена од берзите на стариот континент.
Како да тргувате со агро-стоки ако сте мал инвеститор?
Ако сте производител на месо или шеќерни производи, острите скокови и нестабилноста на пазарите на суровини се веројатно непожелни. Сепак, за инвеститорите на пазарот на капитал, ваквите флуктуации можат да претставуваат можности за профит. Еден релативно јасен начин за стекнување изложеност - настрана од директно тргување со фјучерс договори - е да се инвестира во фондови со кои се тргува на берза (ЕТФ-ови) фокусирани на стоки.
Овие ЕТФ-ови ги распределуваат своите акции исклучиво на фјучерс договори. На пример, ЕТФ за говеда (Cattle ETF) е целосно инвестиран во фјучерс договори за живи говеда кои истекуваат во април 2025 година. Комбинираната пазарна капитализација на трите ЕТФ-ови прикажани на графиконите е приближно 18 милиони евра – таа не е изненадувачки мала, бидејќи тие се дизајнирани за малопродажни инвеститори, додека институционалните инвеститори и фирмите за управување со средства обично претпочитаат директна изложеност на фјучерс-пазарот.
Шармерска инвазија на Макрон во глобалната трка за вештачка интелигенција
Среде зенитот на американско-кинеската трка во развојот на вештачката интелигенција (AI), францускиот претседател Емануел Макрон успеа да се поврзе со индискиот премиер Нарендра Моди и на Самитот на вештачката интелигенција во Париз ненадејно ги претстави Европската унија и Франција како атрактивна почва за нов пробив во развојот на вештачката интелигенција.
Тој најави дека за овие цели приватни компании во наредните години ќе инвестираат 109 милијарди евра. Со своевидна инвазија на шарм, Макрон се обиде, од една страна, да ги импресионира присутните и целата јавност со претставување на неговите лажни снимки генерирани со вештачка интелигенција кои кружат на социјалните мрежи, а од друга страна, да не се налути, туку да испрати порака до „добриот пријател од другата страна на океанот“.