Цената на нафтата вчера благо се намали откако скокна за повеќе од четири проценти во средата додека трговците ги следеа тензиите на Блискиот Исток и најновите чекори во американската трговска политика. Брент нафтата падна кон 69 долари за барел откако претходниот ден забележа најголем пораст од октомври, додека цената на ВТИ (West Texas Intermediate) се движеше под 68 долари.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од редакцијата на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Се крчка иницијатива Регулаторната комисија да ја утврдува и цената на водата
Претпријатијата тонат во долгови, а водата ја снемува. Состојбата се влошува од година во година. Единственото решение е Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да ја утврдува конечната цена, не само за струјата, туку и за водата. За ова решение постои согласност и кај јавните претпријатија кои стопанисуваат со водата во земјава и кај Регулаторната комисија. Иницијативата наскоро ќе биде ставена на хартија и ќе може да почне постапката за измена на законите.
„Потребна е само политичка волја. Треба да се сменат два закони. Едниот е Законот за утврдување на цени на водни услуги, а другиот е Законот за локална самоуправа кој е системски закони и кој се менува со двотретинско мнозинство“, вели во изјава за „Блумберг Адрија“ претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимоски.
Светот потклекнува додека отчукува часовникот на Трамп за царините
Истекуваат последните недели од 90-дневната пауза за таканаречените реципрочни царини за увоз на стоки во САД што ги воведе американскиот претседател Доналд Трамп, па по бурната реакција на пазарите ги стави на почек во очигледен обид да изврши притисок и да ги одоброволи засегнатите земји да се договорат за трговските политики по негов терк.
Се очекува на 9 јули, американските царински стапки драстично да се зголемат за многу земји доколку нема нови трговски договори или понатамошно одложување. Стоките од Европската Унија, на пример, се соочуваат со царини од 50 проценти, а високи давачки се предвидени и за земјите од регионот кои не се членки на ЕУ како што се Македонија (33 проценти), Србија (37 проценти) и БиХ(35 проценти).
„Боинг 787“ на „Ер Индија“ се урна и експлодираше веднаш по полетувањето
Авион на „Боинг“ (787) на „Ер Индија“ (Air India Ltd.), што патуваше од Ахмедабад во Индија до аеродромот Гетвик во Лондон вчера се урна кратко по полетувањето. Ова се смета за најсериозната несреќа во која е вклучен најнапредниот широкотрупен авион на американскиот производител на авиони. Авиокомпанијата соопшти дека летот AI171 бил „вклучен во инцидент“ и дека „Ер Индија“ „ги утврдува деталите“.
Снимките споделени на социјалните мрежи покажаа огромен облак од чад како го опфаќа местото на несреќата. Летот превезувал 242 патници и членови на екипажот, според новинската агенција АНИ. Меѓу нив, 169 се индиски државјани, 53 се британски државјани, еден е Канаѓанец и седуммина се Португалци, според „Ер Индија“, која соопшти дека повредените се префрлени во најблиските болници.
„Мета“ ангажира врвни истражувачи за ВИ од „Гугл“ и „Сесами“
„Мета платформс“ ангажираше врвни инженери од повеќе технолошки фирми, вклучувајќи ја и „Гугл“ на „Алфабет“, за формирање нов тим фокусиран на постигнување на понапредна форма на вештачка интелигенција наречена вештачка општа интелигенција.
Се очекува Џек Реј, главен истражувач во „Гугл дипмајнд“ (Google DeepMind), да се придружи на тимот за „суперинтелигенција“ на „Мета“, според повеќе лица запознаени со ова прашање, кои зборуваа под услов на анонимност бидејќи информациите не се јавни. „Мета“ го регрутираше и Јохан Шалквик, лидер за машинско учење во стартапот за гласовна вештачка интелигенција „Сесами еј-ај“ (Sesame AI Inc.), рекоа други лица.
Како спортот станува златна карта на светскиот туризам
Кога станува збор за индустрии со највисок мултипликатор, спортот и туризмот се совршен спој. Некогаш поврзан исклучиво со мега настани, спортот денес ги обликува стратегиите на националните туристички заедници, влегува во урбанистичките планови и станува носител на брендирањето на дестинациите.
Како што истакна Сајмон Чедвик, професор по спорт и геополитичка економија, „туризмот повеќе не е само нуспроизвод на спортот - тој стана стратешка алатка за територијално позиционирање и репутациски капитал на дестинациите“. Според „ИМАРК Груп“ (IMARC Group) и „ПВЦ“ (PwC), вредноста на пазарот на спортски туризам ќе надмине 1,8 билиони долари до 2030 година.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...