text size
Македонија е една од земјите во регионов, а и во Европа, каде цената на становите е пониска ако се прави само ценовна споредба во бројки без да се земаат предвид другите економски показатели за платите, цените на трошоците. Сепак, за да купело едно македонско семејство стан од на пример 70 квадрати во 2021 година му требале во просек 74.200 евра. Ако овие пари ги префрлиме во просечни бруто плати по вработен излегува дека еден Македонец требал да издвои безмалку 9 годишни бруто плати, до денар, за да го купи овој стан. А ако ги издвои до денар, значи дека немал ништо за себе ниту пак има платени придонеси. Ситуацијата во 2022 година е уште полоша, затоа што во првите два квартали цената на становите е драстично зголемена. Истражување на Deloitte Property Index 2022, кое опфатило 23 земји, покажа дека на граѓаните од нашиот северен сосед Србија им требаат 11,5 просечни плати за да купат стан од 70 квадрати. Најевтина нова градба има Босна и Херцеговина (БиХ) со просечна цена од 974 евра за метар квадратен и е на врвот на листата на земји вклучени во споменатата анализа. Македонија не фигурира во анализата на Deloitte, но Bloomberg Adria ги извади просеците. Во 2021 година просечната бруто исплатена плата е 43.209 денари, а во 2022 година е повисока. Минатата година просечната цена на метар квадратен изнесува 1.060 евра за метар квадратен, а годинава е 1.240 евра. Овие податоци се од европската статистичка служба. Сепак овде ги обработуваме во контекст на истражувањето на Deloitte кое носи најнови податоци.