Олеснување на кредитните услови за компаниите и граѓаните и зголемување на побарувачката за кредити очекуваат македонските банки во второто тримесечје од годинава, покажува новата анкета за кредитна активност на Народната банка. Во првиот квартал на 2025 година, анкетата укажува на натамошно олеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, посилно во споредба со претходниот квартал.
„Сепак, најголемиот процент од банките (околу 82 проценти) укажуваат на непроменети кредитни услови“, велат од Народната банка.
Олеснувањето на условите за кредитирање на претпријатијата во првиот квартал е во согласност со очекувањата дадени од банките во претходната анкета за овој квартал. За вториот квартал од 2025 година, се очекува натамошно нето-олеснување на кредитните услови за одобрување корпоративни кредити. Анализирано од аспект на поединечните услови за кредитирање на претпријатијата, во првиот квартал од 2025 година банките укажуваат дека кај сите услови за кредитирање се забележува зголемено нето-олеснување.
Прочитај повеќе

Паѓаат каматите на кредитите, растат на депозитите
Во март просечната каматна стапка на вкупните кредити на корпоративниот сектор изнесува 4,77 проценти и е пониска за 0,05 п.п. на месечно ниво.
30.04.2025

Малите компании најзаинтересирани за парите од унгарскиот кредит
Почнува постапката за распределба на втората транша на парите од унгарскиот кредит.
01.04.2025

Конкуренцијата притиска: Банките во трка по клиенти
Откако Народната банка почна да ја олабавува монетарната политика во септември 2024 година, деловните банки следствено почнаа да ги намалуваат каматните стапки за кредитите.
07.03.2025

Ќе забрза ли падот на каматите - Еуриборот на најниско ниво од 2022 година
ЕЦБ в четврток ќе ја намали каматата, а потоа ќе следува пауза.
05.03.2025
„Притоа, сите групи фактори коишто имаат влијание врз промената на условите за кредитирање на корпоративниот сектор придонесуваат за нето-олеснување на кредитните услови во овој сектор, при што за првпат по подолг временски период е забележано позначително олеснување на условите за кредитирање на корпоративниот сектор кај трошоците поврзани со капиталната позиција на банките, а со слично влијание е и новововедениот фактор, толеранција на ризикот“, наведуваат од Народната банка.
Од аспект на влијанието на монетарната политика врз условите за кредитирање на корпоративниот сектор во првиот квартал од 2025 година, 69,4 проценти од банките укажуваат на нејзино незначително влијание (66,9 проценти во претходната анкета), додека 18,4 проценти од банките укажуваат дека промените во монетарната политика делумно влијаеле врз нивната каматна политика (20,2 проценти во последниот квартал од 2024 година), а само 12,3 проценти од банките одговориле дека промените во монетарната политика не влијаеле врз нивната каматна политика (12,9 проценти во претходната анкета).
Александар Димитриоски/Bloomberg Adria
Што ги тера компаниите да бараат кредити?
Во првиот квартал на 2025 година, анкетата укажува на нето-зголемување на побарувачката на корпоративните кредити, многу посилно во споредба со последниот квартал од 2024 година. Нето-зголемувањето на побарувачката во првиот квартал е посилно од очекувањата за нето-зголемување наведени во претходната анкета. За вториот квартал од 2025 година, банките очекуваат натамошно нето-зголемување на кредитната побарувачка од страна на претпријатијата.
Анализирано од аспект на факторите коишто влијаат врз побарувачката на корпоративните кредити, може да се забележи дека сите фактори од групата поврзани со „потребите од финансирање“ придонесуваат за нето-зголемување на кредитната побарувачка. Од друга страна, од групата „употреба на алтернативно финансирање“, факторите „кредити од останатите банки“, „интерно финансирање“ и „кредити од небанкарскиот сектор“ придонесуваат за нето-намалување на кредитната побарувачка, додека факторите „издавање сопствени хартии од вредност“ и „издавање должнички хартии од вредност“ укажуваат на нето-зголемување на побарувачката на корпоративни кредити.
Анализирано од аспект на поглавните економски сектори, може да се забележи нетозголемување на побарувачката кај сите економски сектори во изминатите три месеци, при очекувања за нето-зголемување и во наредните три месеци, при значително послаби очекувања кај преработувачката индустрија.
Какви се трендовите кај кредитирањето на населението?
Во текот на првиот квартал од 2025 година, банките укажуваат на посилно олеснување на вкупните кредитни услови кај домаќинствата, во споредба со четвртиот квартал од 2024 година. Нето-олеснувањето на кредитните услови во првиот квартал од 2025 година е во рамките на очекувањата, но малку послабо во споредба со очекувањата на банките дадени во претходната анкета за овој квартал. За вториот квартал од 2025 година, банките очекуваат натамошно, но поумерено нето-олеснување на кредитните услови кај вкупните кредити на домаќинствата.
Depositphotos
Анализирано од аспект на поединечните кредитни услови, се забележува засилено нето-олеснување кај каматните стапки и каматната маргина на станбените и потрошувачките кредити. Кај станбените кредити, банките одговориле дека провизиите и натаму придонесуваат за нето-олеснување, многу посилно во однос на претходната анкета. Кај останатите услови за кредитирање, и кај станбените и кај потрошувачките кредити нема позначајни промени во однос на претходниот квартал, освен кај достасувањето на заемите кај потрошувачките кредити, каде што се бележи мало нето-заострување на условите за кредитирање.
Конкуренцијата ги тера банките да ги олеснуваат кредитните услови
Во однос на факторите коишто предизвикуваат промена на условите за одобрување кредити на домаќинствата, банките укажуваат дека „конкуренцијата од другите банки“ заедно со „конкуренцијата од небанкарскиот сектор“ се главните фактори коишто придонесуваат за нето-олеснување на кредитните услови кај станбените и кај потрошувачките кредити. „Трошоците на финансиските средства и ограничувањата на билансот на состојба“ придонесуваат за поумерено нето-олеснување на условите кај станбените кредити, наспроти нето-заострувањето кај потрошувачките кредити. Повеќето фактори од групата „согледување на ризикот“ придонесуваат за нето-олеснување на условите за кредитирање кај станбените и кај потрошувачките кредити. Исклучок е факторот „кредитна способност на потрошувачите“, којшто придонесува за нетозаострување на кредитните услови кај двата вида кредити и факторот „толеранција на ризик“, којшто кај потрошувачките кредити придонесува за нето-заострување на кредитните услови, додека кај станбените кредити придонесува за нето-олеснување.
Depositphotos
Од аспект на влијанието на промените на монетарната политика врз каматната политика на банките при одобрувањето кредити на домаќинствата, околу 36 проценти укажале дека промените во монетарната политика делумно влијаеле врз нивната каматна политика (24,2 проценти во претходната анкета). Истовремено, 38,4 проценти од банките укажале дека промените во монетарната политика незначително влијаеле врз нивната каматна политика во овој период (29,1 проценти во претходната анкета), додека 25,8 проценти од банките одговориле дека промените во монетарната политика не влијаеле врз каматната политика на банките (46,6 проценти во претходната анкета).
„Гледано од аспект на учеството на нефункционалните кредити на домаќинствата и факторите преку коишто тие влијаат врз кредитните услови, може да се забележи дека тие придонесуваат за нето-заострување на кредитните услови на домаќинствата во изминатите и во наредните три месеци“, пишува во анкетата.
Засилена побарувачка
Во првиот квартал од 2025 година, анкетата укажува на засилено нето-зголемување на побарувачката на вкупните кредити на секторот „домаќинства“ во споредба со четвртиот квартал од 2024 година. Нето-зголемувањето на побарувачката на вкупните кредити на домаќинствата во овој квартал е во согласност со очекувањата на банките дадени во претходната анкета, но значително посилно. Во вториот квартал од 2025 година, банките очекуваат поизразено нето-зголемување на побарувачката на вкупните кредити од страна на домаќинствата.
Фактори коишто во првиот квартал од годината придонесуваат за засилено нетозголемување на побарувачката на станбените кредити се: „перспективите на пазарот за станбена изградба“, а послабо влијаат факторите „доверба на потрошувачите“, „трошоци на потрошувачите коишто не се поврзани со домувањето“ и „инвестиции во еколошки проекти“, додека сите останати фактори придонесуваат за нето-намалување на кредитната побарувачка кај станбените кредити.
Од факторите коишто се поврзани со побарувачката на потрошувачките кредити, може да се истакне дека „трошоците за трајни добра“, „довербата на потрошувачите“, „инвестициите во еколошки проекти“ и „кредитите од останатите банки“ придонесуваат за нето-зголемување на побарувачката, додека останатите фактори, како „заштеди на домаќинствата“, „кредити од небанкарскиот сектор“ и „останати извори на финансирање“ придонесуваат за нето-намалување на побарувачката.