Неверојатно враќање на Доналд Трамп во Белата куќа одекна во светската јавност чии очи во текот на вчерашниот ден беа фокусирани на претседателските избори во САД. Првите вести за големото водство на Трамп имаа силно влијание на пазарите на капитал. Биткоинот ја надмина границата од 75.000 долари, зајакна доларот, падна златото, а инвеститорите кои што преферираат обложување на валутите од немајкаде се свртеа кон турската лира.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редкација на „Блумберг Адрија“. Не се остварија прогнозите за одолговлекување на изборните резултати во САД и црните сценарија за можна политичка дестибилизација на најголемата економска сила во светот. Сонцето денеска повторно изгреа на Исток, а ако се земат претходните искуства од првиот претседателски мандат на Доналд Трамп, неговата вчерашна победа нема да има никакви директни влијанија врз регионот Адрија. Веројатно би можело да се очекува забрзана реализација на најавите за инвестиции од страна на неговото семејство во регионот. Сепак, индиректни односно геополитички влијанија секако се можни, но нашите претприемачи веќе покажаа дека можат да преживеат пеколни денови какви што беа оние за време на пандемијата од ковид и енергетската криза.
Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Институцијата деловен ручек или каде да се јаде добро на Балканот?
Постојат различни дилеми за тоа каде е создадена првата кафеана на европско тло. Се верува дека првата била отворена во Венеција во 1645 година, иако Англичаните би рекле дека првата била отворена во Оксфорд. Различни извори наведуваат дека првата кафетерија постоела во Париз во 1672 година. Во Виена, пак, првата кафеана била отворена во 1683 година благодарение на Фрањо Ѓура Колчиќ од Сомбор, кој учествувал во одбраната на Виена и нашол резерви со сурови зрна кафе запленети од Турците.
Тоа било инспирација за името на местото „Кај зрната зелен грав“, бидејќи зрната кафе беа зеленикави и слични на грав. „Првата светилка во Белград се вклучила во кафеаната ’Пролет’. Во поранешната кафеана ’Три листа тутун’, на аголот од булеварот Крал Александар и улицата Кнез Милош, заѕвонил првиот телефон во градот. А и Белградската берза почнала да работи во ’Граѓанското казино’“, објаснува д-р Видоје Голубовиќ, автор на книгата „Кафеани и меани во Стар Белград“.
Зошто компаниите откупуваат сопствени акции
На берзите во регионот Адриjа лани е остварен промет од 1,7 милијарда евра. Најмногу се истакна Бањалучката берза, на која е забележано речиси третина од вкупниот промет - 538 милиони евра. Следуваат Загрепската берза и Љубљанската берза, каде што инвеститорите оствариле промет од 372 односно 330 милиони евра. Тие три берзи заедно сочинуваа 71 процент од минатогодишниот промет во регионот.
На средината на годинава ситуацијата малку се промени. Од трите најуспешни берзи лани, на прво место се издвои Љубљанската, со промет од 239 милиони евра, додека Бањалучката имаше 16 милиони евра помалку. Загрепската берза оствари промет од 204 милиони евра, покажуваат објавените извештаи достапни на нивната официјална веб-страница. Повеќе десетици милиони евра промет оствариле и компаниите котирани на горенаведените берзи што се впуштиле во откуп на сопствени акции.
НЛБ влегува на автопазарот: Купува веб-платформа за продажба на возила
Групацијата НЛБ преку својата новоформирана компанија „НЛБ Каригоу“ ја купува словенечката веб-платформата „доберавто.си“ (DoberAvto.si) во сопственост на Автомото сојузот на Словенија (Avto-moto zveza Slovenije - AMZS). Групацијата за целите на оваа трансакција минатиот месец ја основала „НЛБ Каригоу“ како друштво за управување со интернет платформи и склучила договор за пренос на бизнисот со АМЗС.
АМЗС е друштво за вршење на услуги во областа на мобилноста и основната дејност на е давање услуги за членовите на сојузот и други возачи и во помала мера продажба на стоки. НЛБ е една од најголемите финансиски групации во Словенија и во регионот, а во Македонија моментално има три поврзани друштва: „НЛБ Банка“ АД Скопје, лизинг компанијата „НЛБ ЛЕАСЕ&ГО“ ДОО Скопје и друштвото за управување со отворени и затворени инвестициски фондови „НЛБ Фондови“ АД Скопје.
„Енвидија“ го надмина „Епл“ и стана највредна компанија во светот
„Енвидија“ (Nvidia) стана најголема компанија во светот, надминувајќи го „Епл“ (Apple) и нагласувајќи колку стана доминантна вештачката интелигенција на Волстрит. Акциите пораснаа за 2,9 отсто, на 139,93 долари, што резултира со пазарна капитализација од 3,43 трилиони долари, пред „Епл“ со 3,38 трилиони. „Мајкрософт“, која „Енвидија“ ја надмина минатиот месец, има пазарна капитализација од 3,06 трилиони. „Енвидија“ порасна повеќе од 850 отсто од крајот на 2022 година.
„Во текот на последните неколку квартали се чини дека луѓето главно се грижат за бројките за инфлација, бројките за работни места и бројките на 'Енвидија'“, рече Фал Аинина, директор на истражување во „Џејмс инвестмент рисрч“. „Надминувањето на 'Епл' во пазарната капитализација не само што покажува дека е најголемиот добитник во циклусот на инфраструктура за вештачка интелигенција туку и сугерира дека луѓето очекуваат да продолжи бумот на вештачката интелигенција“.
Проблемите со возилата ја уништија маржата на БМВ
Главното мерило за профитабилност на БМВ (BMW AG) во третиот квартал падна на најниско ниво во последниве над четири години бидејќи скапото повлекување и слабата побарувачка во Кина влијаеја на заработката. Маржата на компанијата за производство на автомобили пред камати и даноци падна на 2,3 проценти, што е далеку под целта за 2024 година од најмалку шест отсто и е најниска од вториот квартал на 2020 година, кога пандемијата на коронавирусот буквално ја уништи трговијата.
БМВ во септември ја повлече својата прогноза за годинава, откако неисправниот систем за сопирање, испорачан од „Континентал“ (Continental AG), го принуди да повлече дури 1,5 милион возила. Компанијата издвои средства од речиси една милијарда евра (1,1 милијарда долари) за да ги поправи дефектите и мораше привремено да ги запре испораките на стотици илјади возила со повисоки цени.