Светот се обидува да се совземе откако претседателот на САД, Доналд Трамп преку ноќ реши да стави пауза од 90 денови на неговите новововедени царини кон повеќе држави вклучително и Македонија, но истовремено ги зголеми царините кон Кина. Првичната реакција на пазарите беше позитивна, но фјучерсите покажаа дека инвеститорите се уште се сомневаат во политиките на Трамп.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Што се случи? Каква смисла има царинската пауза на Трамп?
Со недели, претседателот Доналд Трамп напредуваше со плановите за воведување нови големи царини на увозот и покрај предупредувањата дека политиката може да предизвика економски хаос. На 9 април, по повеќедневниот пад на светските берзи, тој го промени курсот.
Во објава на социјалните мрежи, Трамп рече дека се паузирани сет тарифи за увоз од многу од најголемите трговски партнери на Америка. Објавата дојде само 13 часа по стапувањето на сила на обврските. Трамп посочи дека превирањата на финансиските пазари по спроведувањето на тарифите одиграле улога во неговата одлука. Анализиравме што се треба да знаете.
ЕУ воведува дигитални возачки дозволи, може ли и Македонија?
На крајот на минатиот месец Европската Унија (ЕУ) постигна согласност за воведување дигитални возачки дозволи во нејзините рамки, но со оглед на сложеноста на процесот, рокот за целосно воспоставување и употреба на дигиталната возачка дозвола е крајот на 2030 година. Оваа новина ќе треба да ја имплементираат и земјите кандидатки за членство со оглед на нивната обврска за приспособување на националното со законодавството на ЕУ.
Оттука, легитимно е прашањето дали Македонија има капацитет да ја воведе дигиталната возачка дозвола и кога може да се очекува нејзино издавање и примена во пракса. Од Министерството за дигитална трансформација велат дека веќе активно се работи на тоа поле преку проектот наречен „Супер ап ЕЛИ“ (Super App ELI), владина мобилна апликација, како дел од иницијативата „Дигитална Европа“.
Како најстарата рибарска мушичка во светот стана македонски бренд?
Приказната за вештачката мушичка за рибарење датира од 2-3 век п.н.е., а најстарото пишано сведоштво за нејзиното потекло во светот е познато под името Macedonian fly (македонска мушичка). До овој податок сосема случајно дошла Марија Милошевска, етнолог и етаблирана македонска дизајнерка, кога пред десетина години гледала емисија за рибарските мушички на „Нешнл џиографик“ (National geographic). За „Блумберг Адрија“ раскажува дека истражувањата ја однеле во праисторијата каде ловењето риба не било хоби и занимација, туку опстанок како најстар начин на доаѓање до храна.
Легендата за историјата на мушичарењето е следна: За да се надмудри пастрмката која го демне својот плен, човекот ја создал вештачката мушичка која првпат се спомнува од римскиот патеписец Клаудије Елијан (Claudius Aelianus 175 - 235 г.н.е). Во неговото дело De Natura Animalium тој прв ја опишува нејзината употреба.
Берзански преглед: Европските акции со најголем раст од 2020 година, златото сјае
Европските акции се отворија нагло повисоко, следејќи го релито на Волстрит доцна во средата, откако претседателот Доналд Трамп го паузираше најголемиот дел од неговите огромни зголемувања на царините. Сепак, фјучерсите на американските акции паднаа, што укажува на тоа дека еуфоријата веќе исчезнува.
Stoxx 600 порасна за повеќе од 7 проценти на отворено, што е најголем раст во текот на денот од 2020 година, а азиските акции напредуваа. Во САД, фјучерсите на S&P 500 се лизнаа за 0,6 проценти. Приносите на 10-годишните државни записи на САД се стабилни, доларот се повлече трет ден по ред, а златото се искачи. Промената во политиките на Трамп се случи кога обемот на распродажбата на државните трезори и деновите на зголемен финансиски стрес ги потресоа инвеститорите, како и по предупредувањето за рецесија од Џејми Дајмон, главниот извршен директор на „ЏП Морган“ (JPMorgan Chase & Co).
„Опен еј-ај“ тврди дека Маск игра безмилосно за превласт во вештачката интелигенција
„Опен еј-ај“ (OpenAI) го обвинува Илон Маск дека повеќе од една година води „немилосрдна“ кампања со цел да ѝ наштети на компанијата и го повика судот да му нареди да престане со тоа. Во судскиот поднесок од средата, компанијата што Маск и Сем Алтман заедно ја основаа пред десет години, наведува дека најбогатиот човек на светот користи правни тужби, објави на социјалните мрежи и напади во медиумите како оружје за да го саботира успехот на „Опен еј-ај“ - сè за да стекне предност за „Екс еј-ај“ (xAI), неговиот стартап за генеративна вештачка интелигенција.
„Маск ги презеде овие чекори за да го забави напредокот на 'Опен еј-ај' и да ја намали неговата способност ефикасно да се натпреварува на сè поконкурентното поле, но и за да обезбеди и задржи незаслужена предност за 'Екс еј-ај' - предност која е осмислена да ја поткопа конкуренцијата во поширока смисла, исклучиво во корист на компанијата на Маск, а на штета на јавниот интерес“, наведуваат адвокатите на „Опен еј-ај“ во поднесокот од 100 страници.