Тоа на што предупредуваа експертите, се случи. Во неделата после полноќ половина Македонија остана без струја. МЕПСО соопшти дека причина за овој прекин се високите напони на 400 киловолтната мрежа во целиот регион. „Блумберг Адрија“ во повеќе наврати пишуваше дека се неопходни инвестиции во мрежата за да се види ефектот од инвестицискиот бум во обновливи извори на енергија.
Дали договорот за стратешко партнерство што деновиве ќе го потпишат македонската и британската влада, вреден над шест милијарди евра, ќе обезбеди пари за санација на енергетскиот систем?
Пасивен отказ – тивок убиец на продуктивноста
Не сте среќни на работното место, а не барате друга работа. Ова значи дека сте во пасивен, тивок отказ (quiet quitting). Појавата е честа главоболка на менаџерите за човечки ресурси во последно време. Истражувањата покажуваат зачудувачки резултати, вели во разговор за „Блумберг Адрија“ специјалистката за човечки ресурси, Викторија Дамчевска.
„Доста истражувања се направени за да се провери колкав е процентот на вработените кои се во пасивен отказ и процентите се движат од 40 до запрепастувачки 64 отсто од вработените. Ако на тоа се додадат и 18 отсто (според истражувањата на „Галуп“) на активно неангажираните вработени, навистина зачудува колку малку од вработените се ангажирани на работното место“, објаснува таа.
Личен стечај – во светот е практика, кај нас засега невозможно
Додека во многу земји во светот можноста за личен банкрот функционира на тој начин што на физичките лица што се презадолжени им обезбедува шанса за нов почеток со индивидуално приспособен план за раздолжување, кај нас и натаму останува невозможна опција.
Веќе долги години гласно се зборува за потребата од воведување личен стечај во македонското законодавство, па тоа го гледавме дури и како ветување во предизборни програми, а беше дел и од програмата за работа на претходната влада. Но не само што досега не резултираше со плод, туку надежите се целосно уништени со оглед на тоа што оваа можност нема да се земе предвид ниту со следните законски измени.
Преглед на берзите: Волстрит исцрпен по царинскиот мораториум
Најважните вести од берзата од изминатата недела пристигнаа на пазарите во понеделникот. САД и Кина ги објавија во заедничка изјава на маргините на состанокот во Женева. Дека привремено ќе ги намалат царините за своите производи, што ќе ги смири трговските тензии и ќе им даде на двете најголеми економии во светот уште три месеци да ги решат своите разлики.
Откако Кина и САД постигнаа договор за 90-дневно намалување на царините, кога се очекуваше дека ќе се согласат и за долгорочна стратегија, пазарите реагираа позитивно. Но, немаше прекумерни флуктуации, што е очекувано, објасни Гинтер Дојбер од Рајфајзен Банк Интернешнл. „Она што најмногу ме интересира е соработката на Кина“, рече тој за заднината на договорот, што го потсетува на играта на голема моќ што ја гледаме и во безбедносните прашања. „Мислам дека во заднина постои потенцијален договор за дополнителни купувања на американска стока“, додаде тој.
Трамп ќе разговара со Путин
Претседателот Доналд Трамп изјави дека денеска наутро ќе разговара телефонски со рускиот претседател Владимир Путин за запирање на војната во Украина. Трамп рече дека ќе разговара и со украинскиот претседател Володимир Зеленски, како и со „различни членки“ на НАТО алијансата.
„Се надевам дека ќе биде продуктивен ден, дека ќе има примирје и дека оваа многу насилна војна, војна што никогаш не требаше да се случи, ќе заврши. Нека Бог нè благослови сите!!!“, напиша Трамп на социјалната мрежа Трут.
Новото оружје на американската дипломатија
Раскинувањето на старите сојузи и превртувањето на коалицијата формирана по Втората светска војна беа незамисливи во времето на претходните американски претседатели поради неисцрпната потреба на САД за енергија. Сепак, Белата куќа на Трамп може да се потпре на сè поважен американски производ како геополитичка предност: течниот природен гас.
САД, кои за седум години станаа најголем производител на течен природен гас (ЛНГ) во светот, се подготвуваат да го зголемат производствениот капацитет за производство на овој гас за 60 проценти во првата половина од вториот мандат на Доналд Трамп, според прогнозата на „Блумберг НЕФ“. До крајот на деценијата, речиси секој трет танкер што носи гас оладен до течна состојба на многу ниски температури ќе доаѓа од САД. Тука лежи најголемата шанса на Трамп да го исполни своето предизборно ветување за енергетска доминација.