Додека во многу земји во светот можноста за личен банкрот функционира на тој начин што на физичките лица што се презадолжени им обезбедува шанса за нов почеток со индивидуално приспособен план за раздолжување, кај нас и натаму останува невозможна опција.
Веќе долги години гласно се зборува за потребата од воведување личен стечај во македонското законодавство, па тоа го гледавме дури и како ветување во предизборни програми, а беше дел и од програмата за работа на претходната влада. Но не само што досега не резултираше со плод, туку надежите се целосно уништени со оглед на тоа што оваа можност нема да се земе предвид ниту со следните законски измени.
Од Министерството за економија и труд велат дека при изработката на новиот закон за инсолвентност, кој се планира да биде донесен во четвртиот квартал од годинава, се разгледувала и можноста за воведување личен стечај.
Прочитај повеќе

Кој ни наплаќа долгови, од каде му се нашите лични податоци и дали безбедно ги чува?
Чувањето на личните податоци од страна на институциите и компаниите е предизвик во дигиталната ера.
28.01.2025

Извршителите станаа полнолетни: Наплатиле над 1,9 милијарди евра за 18 години
Во минатата година извршителите завршиле 76.572 предмети.
04.06.2024

Анкета: Што ги тера македонските компании и граѓани засилено да бараат кредити?
Анкетата на Народната банка укажува дека во четвртиот квартал од минатата година има нетоолеснување на вкупните услови за одобрување корпоративни кредити, но послабо во споредба со претходниот квартал.
17.02.2025

Македонија има голем потенцијал за развој и пазарот за брзи кредити допрва ќе расте
Уделот на микрофинансирањето во финансискиот сектор изнесува само 1,1 отсто, па затоа друштвата за брзи кредити гледаат голем потенцијал за раст.
04.02.2025

Раст на кредитирањето: За што најмногу се задолжуваме?
Според намената на кредитите одобрени на физичките лица, во ноември, најзастапените категории − потрошувачките и станбените кредити бележат месечно зголемување од 0,7 и 1,2 проценти.
21.12.2024

Колку ќе поевтинат кредитите и дали се исплати рефинансирање?
Народната банка почна да ја олабавува монетарната политика, а јавноста очекува тоа да се види и преку поевтинување на кредитите.
17.12.2024
„По направената консултација со другите институции се заклучи дека сė уште не се сoздадени административно институционални, но пред сė општествено социјални услови за креирање на регулативата и особено нејзина адекватна примена во државата во областа на личен стечај“, велат од Министерството за економија и труд во одговор за „Блумберг Адрија“.
Во анонимен разговор и еден консултант ни потврди дека е потребна сериозна подготовка на соодветна инфраструктура за имплементација на вакво законско решение. Според него, потребни се не само технички туку и човечки капацитети што ќе бидат подготвени соодветно да одговорат на сите предизвици што ќе ги донесе процедурата за прогласување банкрот на физички лица.
Depositphotos
Прво системски решенија, па личен стечај
Користа е јасна, односно новата шанса што презадолжените би ја добиле со прогласување личен банкрот, но прво треба да се трасира патот дотаму. Некои граѓански активисти сметаат дека државата итно мора да направи соодветен правичен и функционален систем со јасни прописи и ревизија на долговите на граѓаните, кои најчесто се обременети со многу, како што велат, измислени и напумпани камати, провизии и други трошоци, кои често го надминуваат износот на главниот долг. Тоа, според нив, е апсурдно.
„За жал, во овој момент прво се потребни системски решенија, па дури потоа би се овозможиле услови за да се спроведе личен стечај. Тоа е карактеристика на високоразвиените западни држави“, вели Ана Глигорова од граѓанското здружение „Човекот над профитот“, посочувајќи дека на Македонија ѝ е потребно системско решение, како што имаат многу други земји. „Општествено можеби и сме подготвени и ќе се создадат услови, ама институционално имаме голем проблем“.
Ана Глигорова, граѓанско здружение „Човекот над профитот“
Приватна архива
Глигорова, како активистка од невладиниот сектор, со години дејствува во јавноста, меѓу другото, обидувајќи се да издејствува правичност во системот за присилна наплата. Таа се согласува дека е потребно да се воведе можноста за личен банкрот, но претходно има други приоритетни проблеми за кои смета дека е неопходно да се решат.
„Ако сакаме во ЕУ, мора да научиме многу, меѓу другото, и за личниот банкрот“, вели Глигорова. За да се обезбеди тоа, прво мора да се создаде атмосфера на максимална правичност во системот. И затоа, таа смета дека во овој момент личниот банкрот не е клучното што треба да се направи. Напумпаните измислени долгови се првиот проблем на списокот што треба да се реши.
„Многу поважно е да се дозволи застарување на долговите, да се реши проблемот со висината на долговите, да се направи ревизија на тоа што сѐ им се наплаќа на граѓаните од страна на банките, извршителите и лихварите, но и да се испита како може по многу време да се препродаваат долгови на компании за наплата. Значи, прво мора да се реши проблемот со глобата, а потоа природно ќе си дојде потребата за воведување личен стечај“, вели Глигорова.
Според неа, нереално е да се споредуваме со западните земји, каде што системот поинаку и навистина функционира, каде што долгот колку и да изнесува е реален, додека кај нас станува збор за напумпани, виртуелни, нереални долгови. Оттука, секој обид за прогласување личен банкрот е бесмислен бидејќи станува збор за виртуелни долгови. Таа потенцира дека декларативно е за воведување личен банкрот, ама дури откако ќе се решат базичните проблеми за прво да се создадат соодветни услови.
Некои синдикалци сепак гледаат спас во личниот банкрот
За потребата од личен стечај долго алармираат и некои синдикални организации, чиј глас особено се засили по воведувањето на присилната наплата, со што се овозможија високи камати за задоцнето плаќање долгови и драстични износи за извршни постапки. Тие долго ја следат состојбата со извршителите и искуствата на граѓаните, па сметаат дека веќе е време во Македонија да се донесе закон за личен стечај бидејќи презадолжените граѓани со текот на времето влегуваат во т.н. должничко ропство од кое долго не можат да се извлечат поради големите камати.
Ilustracija (Depositphotos)
Според Марјан Ристески, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), личниот стечај е убава можност за раздолжување на презадолжените граѓани и затоа треба да се донесе. КСОМ со години се залага за тоа, со оглед на фактот што иницијативата за овозможување банкрот за физички лица постои веќе петнаесетина години.
„Уставниот суд еднаш донесе одлука за застарување на долгови постари од десет години, а потоа ја повлече таквата одлука. Кога веќе го немаме тоа како опција, неопходно е да се дозволи барем личен стечај. Има многу граѓани што се презадолжени и целиот живот треба да отплаќаат долгови, кои поради големите камати е тешко да се намират во пократок временски период. Освен тоа, има граѓани што имаат неколку предмети за присилна наплата и ако еден извршител постапува, следните чекаат на ред и каматата за времето на чекање толку се зголемува што никако да се излезе од тој магичен круг, па дури се случува долговите да се пренесат и на следната генерација“, вели Ристески.
За него е нејасно како само во Македонија не може да се скрои законска рамка што ќе ја уредува оваа материја, која во практика одлично функционира во многу други држави.
„Примерите од некои држави покажуваат дека на пример се прави план за отплата на долговите на две, три, па дури и пет години, период во кој должникот располага со минимум од приходите, колку за да го преживее месецот, а со остатокот се отплаќаат долговите и ако за планираниот период не се отплати сиот долг, преостанатиот се брише“, посочува Ристески.
Што значи личен стечај?
Личниот стечај или банкрот на физички лица не значи дека на граѓаните им се простуваат долговите, туку се прави репрограмирање на вкупните долгови со конкретен план за отплата, иако во некои земји постои можност за простување дел од долговите во конкретно опишани ситуации. Со личен стечај граѓаните на извесен начин се заштитуваат од целосна финансиска пропаст и од скапа присилна наплата. Според искуствата од земјите во кои ова функционира, доколку физичкото лице побара да оди во стечај, слично како и кога станува збор за компании, обично тоа значи дека стечаен управник треба да ја констатира моменталната финансиска и имотна состојба на лицето, па во согласност со законските прописи да се пристапи, на пример, прво кон заплена и продажба на имотот (движен и недвижен, освен неопходното за живеење) со цел раздолжување кон доверителите, па ако е потребно и кон креирање конкретен план за натамошна брза и ефикасна отплата на преостанатиот долг кон сите доверители. Целта е физичкото лице да излезе од процесот „чисто“, без долгови, додека во меѓувреме веќе започнало од почеток.
Во некои земји се одредува финансиски минимум со кој физичкото лице може да располага за време на периодот за отплата на долгови, додека некаде тоа се ограничува на пример на третина од приходите, независно од нивната висина. Притоа, за секој поголем трошок, како нова облека или одмор, најчесто се бара одобрување од стечајниот управник.
Предностите на личниот стечај се во тоа што на должникот му се овозможува нов финансиски почеток со елиминирање необезбеден долг што повеќе не може да го отплаќа, се запира присилната наплата од страна на доверителите (вклучувајќи тужби, заплени и задржување плати) за време на процесот на банкрот, а некои основни средства, како што се домот и автомобилот, може да бидат ослободени од ликвидација. Недостатоците при банкрот на физички лица се што тоа влијае на кредитната способност најчесто од седум до десет години по реализирањето на целокупниот план за отплата на долговите, што го отежнува евентуалното ново идно задолжување за какви било цели. Потоа, се губат сите неослободени средства, при што особено е важно да се знае дека одредени долгови, како што се издршка за деца и неплатени даноци, не се ослободуваат при банкрот. |
Како функционира личниот стечај во поразвиените земји?
Личниот стечај функционира во многу европски држави, но и во некои земји од регионот, како Црна Гора, Хрватска и Словенија.
Во Словенија, на пример, банкрот на физички лица се воведе во 2008 година и оттогаш практиката покажува дека годишно личен банкрот бараат во просек околу 1.000 луѓе.
Во Хрватска законот е донесен во 2015 година, кога околу 15.000 граѓани прогласија личен банкрот. Според тамошното законодавство, условот е најмалку три месеци да не се во состојба да ги намират своите долгови повисоки 4.000 евра. Притоа, освен што му се запленува и продава сиот вреден имот со цел раздолжување, законот дозволува стечајниот управник и да го пресели должникот во помал стан и да преземе други слични дејства додека не се отплати долгот. Се одредува и финансиски минимум што ќе му биде дозволен на должникот за нормално функционирање во периодот на отплата на долговите. Притоа, процесот не мора задолжително да го води стечаен управник, туку тоа може да бидат и адвокати, овластени ревизори и даночни советници. Со таквото законско решение се надминува проблемот со недостиг од стечајни управници, нешто што кај нас е посочено како една од причините против носењето таков закон.
Сепак, практиката покажа дека има потреба од законски измени, па во 2019 година се воведе поедноставна опција за стечај за помалку задолжените граѓани. Во согласност со новиот закон, Фина (Хрватска финансиска агенција) испраќа барање до сите граѓани што имаат долг до 2.650 евра и се блокирани континуирано повеќе од три години дали се согласуваат на банкрот. Ако одговорот е позитивен, потоа Фина поднесува предлог до надлежниот општински суд за спроведување едноставна постапка за стечај на потрошувачите. Досега, според податоците од крајот на минатата година, поведена е стечајна постапка врз имотот на над 212 илјади потрошувачи. Се проценува дека тоа е приближно седум проценти од возрасната популација на Хрватска денес.
Depositphotos
Во Австрија има државни советодавни агенции што им помагаат на граѓаните во постапката за личен банкрот и бесплатно ги застапуваат пред суд. Но има и приватни центри што ја спроведуваат постапката и нудат репрограмирање на долговите.
На Белгијците им се нудат повеќе опции. Можат да бараат од банките продолжување на рокот за отплата на долгот или привремено стопирање на ратите. Социјалните служби се тие што даваат совет во врска со долговите. Граѓанинот може да побара вонсудска спогодба за реструктурирање на долгот или да оди во судска постапка за банкрот.
Во Чешка судот одлучува дали ќе има банкрот или ќе му се прости дел од долговите на физичкото лице што бара стечај. При настапување на личен банкрот, имотот се запленува и се дели меѓу кредиторите или судот одлучува дека може да се прости долгот, што е можно само кон физички лица што не се бизнисмени. Притоа, должникот мора да гарантира дека ќе плати 30 отсто од вкупниот долг во рок од пет години.
Едно лице во Русија може да декларира банкрот ако има обврски од речиси девет илјади долари и не може да ги плати во рок од три месеци. Се оценува дека на тој начин им се овозможува на инсолвентните должници да го одложат плаќањето на максимум три години.
Во Германија граѓаните што се одлучиле на личен банкрот мора да се обидат вонсудски да се спогодат со кредиторите и да се согласат на шестгодишен план, при што мора да работат. За време на тој период голем дел од приходот оди за враќање на долгот.
Depositphotos
Еден од истакнатите примери за личен банкрот, полн со многу контроверзии, е тој на шесткратниот гранслем-шампион, тенисерот Борис Бекер. Германецот, кој живее во Лондон, прогласи банкрот во јуни 2017 година, со вкупен долг кон доверителите од речиси 50 милиони фунти. Иако наредбите за банкрот во Англија завршуваат по една година, судијата во 2018 година го суспендира автоматското отфрлање на наредбата бидејќи Бекер „не ги исполнуваше своите обврски“. По речиси седум години период на враќање долгови, лани неговиот банкрот официјално заврши, откако германската тениска ѕвезда се согласи на спогодба со некои од своите доверители, по што британски судија утврди дека тој направил „сè што можел да направи разумно“ за да ги исполни своите финансиски обврски. За периодот на личен стечај, Бекер успеа да врати само дел од долговите, останувајќи должен уште околу 42 милиони фунти. Притоа, во 2022 година Бекер доби казна затвор од две и пол години откако се утврди дека тој криел имот и средства во вкупна вредност од 2,5 милиони фунти, со цел да не влезат во стечајната маса. Според судијата, единствено „нерешено прашање“ останува локацијата на некои од трофеите на Бекер, кои наводно се исчезнати. |
Колку се задолжени Македонците?
Задолжувањето на граѓаните постојано расте и сѐ почесто слушаме за граѓани што веќе не можат да си ги плаќаат ратите од кредитите, сметките за комуналии и други долгови.
Последниот извештај на Народната банка, кој се однесува на март, покажува дека граѓаните вкупно по основ на кредити, кредитни картички и негативни салда се задолжени за 254,7 милијарди денари, односно 4,14 милијарди евра.
Народната банка заклучува дека кредитирањето на населението расте. Зголемувањето на кредитното задолжување на годишно ниво изнесува 9,6 проценти, а на месечно 1,1 отсто.
„Во март, гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, кај најзастапените категории ‒ потрошувачките и станбените кредити, е остварен месечен раст од еден и 1,6 отсто, при годишно зголемување од 9,2 и 13,9 проценти, соодветно. Овој месец автомобилските кредити забележаа пад на месечна основа од 1,1 отсто, додека на годишна основа се повисоки за 3,4 проценти. Во март кредитите одобрени на кредитни картички се намалени за 0,8 и девет отсто на месечно и на годишно ниво, соодветно. Негативните салда на тековните сметки во март се зголемени за 5,1 отсто на месечно ниво, при годишен пад од 2,4 проценти, додека кредитите одобрени врз други основи се намалени за 0,3 и 8,2 проценти на месечна и на годишна основа, соодветно“, пишува во извештајот на Народната банка.
Според кварталниот извештај, пак, каде што се анализира и состојбата со нефункционалните кредити, како такви се запишани кредити во вкупен износ од 24,2 милиони денари (над 393 илјади евра). Нефункционалните кредити најчесто се дефинираат како кредити кај кои има доцнење во отплатите од страна на клиентот, што најчесто е одредено како доцнење од најмалку 90 дена.