Геополитичките тензии растат. Израел го нападна Иран, ги уби највисоките ирански генерали, а официјален Техеран најави одмазда. Пазарите реагираа на ризикот од поширока војна на Блискиот Исток, акциите и биткоинот паѓаат, цената на нафтата силно порасна достигнувајќи највисоко ниво во последните три години, поскапува и златото. Аналитичарите велат дека овој судир ќе покаже дали доларот има статус на прибежиште.
Неделава ја обележи и падот на авионот на „Ер Индија“ во кој загинаа над 200 луѓе, а само едно лице преживеа. По страшната вест паднаа и акциите на „Боинг“, производителот на авионот што се урна.
Продолжува и тензијата со царините. Претседателот Доналд Трамп изјави дека има намера да испрати писма до трговските партнери во следните една до две недели во кои ќе ги утврди едностраните царински стапки, пред крајниот рок на 9 јули за повторно воведување повисоки царини за десетици економии. Претседателката на ЕЦБ, без да именува некого, изјави дека насилничкото однесување во трговијата не е одржливо.
Прочитајте повеќе:
Грција повторно во центарот на вниманието – овој пат како ѕвезда, а не како пациент во Европа
Пресметавме колку би можеле да загубите од вашите заштеди во долари
Во земјава инфлацијата повторно забрзува. Како завршија мерките на државата за замрзнување на маржите, така инфлацијата тргна нагоре. Народна банка и со новиот гувернер останува внимателна и ги задржува каматните стапки на исто ниво.
Пишувавме за иницијативата цената на водата да ја утврдува Регулаторната комисија. Во моментов цената на водата е политичко прашање, а загубите на ресурсот надминаа 63 отсто. Прашањето станува многу повеќе од политика – ќе плаќаме поскапа вода или ќе дозволиме да останеме без неа?
Ја анализиравме и новата фискална стратегија која предвидува континуиран раст на бруто-домашниот производ, намалување на невработеноста и раст на просечната плата. Пишувавме и за „белата чума“ – за една деценија бројот на новороденчиња се намалил за 7.000.
Прочитајте повеќе:
Статистички, полесно купуваме стан во 2025 одошто во 2010 година. Но само статистички...
Колку заработуваат македонските спортски клубови?
Вештачката интелигенција останува во нашиот фокус. Пишувавме за Марк Закерберг кој лично вработува нов тим за вештачка „суперинтелигенција“, а неговата компанија „Мета“ ангажира врвни истражувачи за ВИ од „Гугл“ и „Сесами“. Анализиравме и што значи ВИ за потрошувачката на струја. Податоците покажуваат дека нејзиниот подем ја менува енергетската мапа на светот.
Неделава спласна судирот меѓу Маск и Трамп. Маск жали за сѐ што кажа, вели дека отишол предалеку.
Неделава Франција ја почна постапката за забрана на реклами за „Шејн“ и „Тему“, воведува данок и санкции за инфлуенсери. Целта е да се намали еколошкиот отпечаток на текстилната индустрија, да се ограничи прекумерната потрошувачка и да се заштитат домашните модни брендови кои сè потешко им конкурираат на екстремно евтините увозни производи.
Во моментов нема коментари за веста. Биди прв да коментира...