Трамп прогласи крај на примирјето со Иран откако САД извршија нов бран напади како одговор на иранските удари врз бродови во Ормускиот Теснец. На самитот на НАТО во Анкара, американскиот претседател рече: „Што се однесува до мене, тоа е само губење време“. Сепак, ниту Техеран ниту Вашингтон не се откажуваат од мировните преговори.
Што се однесува до самитот во Турција, сѐ се вртеше околу американскиот претседател. Тој се сретна со украинскиот претседател Зеленски и вети дека ќе му ја даде лиценцата за производство на ракетите „патриот“. Повторно ги критикуваше сојузниците дека не ѝ се нашле на Америка во војната против Иран. Најмногу го критикуваше шпанскиот премиер затоа што неговата земја и натаму одбива да ги зголеми трошоците за одбраната. Не го заборави ни Гренланд, покажа дека неговата опседнатост со островот не попуштила.
Соочени со сите критики на Трамп, сојузниците од НАТО разгледуваат можност да го прескокнат следниот годишен самит во 2027 година, во обид да ги намалат тензиите со американскиот претседател.
Во земјава инфлацијата забави на 3,4 отсто во однос на лани, а граѓаните се фрлија на трошење, анализиравме дали е тоа поттик за БДП, но и за инфлацијата во исто време. „Фич“ предупреди и дека повисоката цел за државното трошење претставува ризик за траекторијата на долгот.
Прочитајте повеќе:
Лани за малку едно, годинава послабо - сонот за ИПО во Македонија сѐ уште трае
Марга Хоек: Исполнувањето на целите за одржливост ќе им донесе на бизнисите билиони долари
На пазарите, обновените напади на Блискиот Исток ја зголемија цената на нафтата. Акциите ослабеа затоа што трговците го намалуваат ризикот пред викендот. Слабоста на „седумте величествени“ станува проблем за Волстрит затоа што тие го губат приматот, а ВИ поттикнува раст на други компании.
Анализиравме какви се сценаријата за биткоинот, доларот и еврото до крајот на 2026 година и какви се очекувањата за македонската и регионалните берзи во 2026 година. Проверивме кои компании во регионот Адрија најбрзо заработуваат милион евра и каде тројца експерти сега би вложиле 100.000 долари.
Европската автомобилска индустрија се соочува со сериозна криза, а проблемот е најголем кај „Фолксваген“, кој треба да ги намали трошоците во услови кога вработените најавија жесток отпор против отказите и затворањето фабрики.
За крај повторно Трамп, кој неделава го потресе и светот на фудбалот откако изјави дека на главниот американски играч му го поништил црвениот картон пред мечот со Белгија, што доведе до рекордно обложување во САД, но и лош резултат за Американците. Како и да е, и покрај сите контроверзии на првенството, ФИФА заработува и ќе излезе уште побогата.