text size
Можно е многу наскоро во приватниот, втор, пензиски столб на пензискиот систем на државата да се воведе таканаречен модел на мултифондови, сличен на тој што постои во Хрватска и Словенија, но и во Словачка. Станува збор за модел што всушност значи дека инвестициската стратегија на приватните пензиски друштва може да се врзе за животниот циклус, па за помладите членови на фондовите средствата ќе се инвестираат во поризични хартии од вредност. Дарко Саздов, член на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), потврди на годишната берзанска конференција, која се одржа во Охрид, дека на воведувањето на овој модел работеле со Светската банка, а дополнително треба да биде одобрен. Саздов додаде и дека во иднина е можно да се дозволи мал процент од средствата да се инвестира во акции од брзорастечки економии, во недвижности и во некои деривативни инструменти. Тоа значи дека регулаторот МАПАС конeчно ќе прифати дел од забелешките на приватните пензиски друштва. Тие веќе извесен период ја заговараат оваа идеја.