Вкупниот број македонски државјани регистрирани како странци кои живеат во Германија заклучно со декември минатата година изнесувал 156.845 лица, што е двојно повеќе отколку пред десет години кога во оваа земја имало околу 77.000 лица од Македонија, покажуваат податоците на германскиот Федерален завод за статистика. Само во изминативе пет години (од 2019 до 2023 година) бројот на македонски граѓани евидентирани како странци во Германија се зголемил за повеќе од 41.000 лица.
Ако се земе предвид дека Германија има хроничен недостиг од работници и поради тоа континуирано ги олабавува условите за вработување на странски државјани извесно е дека бројот на македонски граѓни кои ќе заминат на работа во оваа земја ќе продолжи да се зголемува. Ваквите трендови негативно се одразуваат на македонскиот пазар на труд, каде што веќе подолг период има недостиг на работна сила во различни дејности.
Билет во еден правец
Прочитај повеќе
Со „карта на можности“ до работа во Германија дури и без познавање на јазикот
Картата на можности нуди полесен влез на германскиот пазар на труд за граѓаните од држави кои не се дел од ЕУ
09.12.2024
Вечен проблем на пазарот на труд: невработените налево, работодавачите надесно
Статистика преброи 98 илјади невработени и 10 илјади слободни работни места. Јазот меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд е вечен проблем
07.12.2024
Како да најдете добра работа во Македонија?
На Саемот за вработување учествуваа 25 компании и 130 невработени.
05.12.2024
Кој и како лови работници во Македонија?
Македонија и генерално регионот заостануваат во хедхантингот, но индустријата значајно забрзува.
12.11.2024
Германската статистика многу прецизно ги детектира миграциските текови меѓу Македонија и Германија. Во текот на минатата година се регистрирани 22.514 пристигнувања на македонски граѓани во Германија, а само 12.098 заминувања. Таканаречениот миграциски баланс е позитивен и изнесува 10.416.
Од Федералниот завод за статистика на Германија објаснуваат дека статистиката за миграција го покажува не само бројот на пристигнувања и заминувања, туку и разликата помеѓу пристигнувања и заминувања во форма на нето миграција.
„Позитивната нето миграција значи дека повеќе луѓе се доселиле отколку што се иселиле, што е нето имиграција. Негативна нето миграција значи нето емиграција“, се наведува во образложението на германскиот завод.
Оттаму објаснуваат дека статистиката за миграција се заснова на целосно пребројување и ги опфаќа сите регистрирани пристигнувања и заминувања преку општинските или федералните граници кои вклучуваат трансфер на живеалиште. Статистичка единица е потегот на миграцијата, а не лицето мигрант.
„Општо земено, бројот на преселби е поголем од оној на лицата мигранти бидејќи едно лице може да се пресели повеќе од еднаш во текот на годината“, нагласуваат оттаму.
Статистиката за миграција ги опфаќа сите регистрации, дерегистрации и промени во статусот на домување забележани од локалните органи за регистрација во согласност со федералниот закон за регистрација.
„Ослободување од обврската за регистрација постои за лица кои се преселуваат во живеалиште на помалку од шест месеци ако истовремено имаат друго регистрирано живеалиште во Германија и за лица кои се движат од странство на помалку од три месеци. Овие случаи, следствено, не се вклучени во статистиката“, нагласуваат од заводот.
Отворена врата за работници од странство
Гермaнската Влада годинава широко ги отвори портите за влез на работници од Македонија и регионот. Како што се вели во соопштението на Федералниот завод за миграции и бегалци дури и „без професионална квалификација која е формално признаена во Германија, можно е да се имигрира во Германија за работа врз основа на професионално искуство“.
Станува збор за таканаречениот аранжман за Западен Балкан кој овозможува граѓаните од Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Србија да добијат дозвола за престој за вработување без признаена квалификација.
„Најважен предуслов за издавање на оваа виза е презентирање на конкретна понуда за работа или договор за вработување“, се наведува во соопштението.
„Блумберг Адрија“ веќе објави дека од 1 јуни годинава, Германија го удвои бројот на годишни работни визи за земјите од Западен Балкан на 50.000. Овие мерки, заедно со воведувањето на картата на можности, отворија повеќе шанси за граѓаните на Македонија да се вклучат на германскиот пазар на труд. Со повеќе од милион отворени работни места и недостаток на квалификувана работна сила, особено во секторите здравство, инженерство, ИТ и трговија, Германија во јуни годинава ја воведе „Ченскарте“ (Chancenkarte), или т.н. карта на можности. Оваа нова програма им овозможува на квалификуваните работници од земји кои не се членки на ЕУ да престојуваат во Германија до една година додека бараат работа. Според информациите од порталот Germany-Visa.org, карта на можности е дозвола за престој што им овозможува на граѓаните на земјите надвор од ЕУ да престојуваат во Германија до една година за да најдат работа. За разлика од шестмесечната виза за барање работа, оваа дозвола овозможува подолг престој и можност за работа со скратено работно време или пробни работни места (до 20 часа неделно).
Дополнително важно е да се напомене дека за да се добие виза за работа потребно е минимум Б1 ниво на познавање на германски јазик, додека за да се добие нововоспоставената карта на можности не е задолжително познавање на германскиот, туку како алтернатива се бара англискиот јазик. Поточно, кандидатот е доволно да има А1 ниво на знаење на германски или Б2 ниво на познавање на англиски јазик.
Македонија останува без работници
Веќе пишувавме дека на европско тло се развива своевидна трка по работници, во која Македонија веројатно ќе заврши на некое од последните места бидејќи не може да им конкурира на повеќе европски земји кога станува збор за висината на платите и животниот стандард. Податоците на „Евростат“ покажуваат дека стапката на слободни работни места во Европската Унија изнесувала 2,4 проценти заклучно со вториот квартал од 2024 година и е на повисоко ниво од македонската, која во истиот период изнесувала 1,95 процент. Тие се показател дека дел од работодавците од нашата и од европските земји се мачат да најдат работници, меѓутоа и дека на пазарот на трудот во Европа има голем простор за апсорпција на работна сила од Македонија. Поради лошите демографски трендови, станува јасно дека трката допрва ќе се разгорува и дека ќе прерасне во спринт кога станува збор за одредени дејности во кои недостигот од работници е најизразен.
Според податоците на македонскиот Државен завод за статистика, во второто тримесечје од 2024 година највисока стапка на слободни работни места од 3,68 проценти имало во секторот објекти за сместување и сервисни дејности со храна. Потоа следуваат градежништвото (3,42 проценти), трговијата (3,35 проценти) и административните и помошни услужни активности (3,20 проценти).
Статистиката открива дека со недостиг од работници се мачат и малите и големите деловни субјекти, а тој е најизразен кај компаниите што имаат од 10 до 49 работници, кои имаат највисока стапка на слободни работни места, која изнесува 2,69 проценти.