Планираните царини на американскиот претседател Доналд Трамп за увоз на автомобили ќе им наштетат на автопроизводителите во светот и ќе ги зголемат цените за американските потрошувачи. Меѓу многуте губитници, се издвојува еден победник: „Тесла“ (Tesla Inc.) на Илон Маск.
Производителот на електрични возила има големи фабрики во Калифорнија и во Тексас што ги произведуваат сите автомобили што компанијата ги продава во САД, изолирајќи го на тој начин сопственикот во поголем степен од новите давачки на Трамп за увоз на автомобили и клучни компоненти. Главните конкуренти, почнувајќи од јужнокорејската компанија „Хјундаи“ (Hyundai Motor Co.) до германскиот автомобилски гигант „Фолксваген“ (Volkswagen AG), како и американската компанија „Џенерал моторс“ (General Motors Co.), наскоро ќе се соочат со значително поголеми трошоци.
„Има многу малку победници“, рече во телефонско интервју Сем Фиорани, потпретседател за глобално прогнозирање за возила за „Автофоркаст солушнс“ (AutoForecast Solutions). „Потрошувачите ќе бидат губитници бидејќи ќе имаат помал избор и повисоки цени“.
Прочитај повеќе

Трамп може да воведе царини за увоз на бакар за неколку недели
Американските царини за увоз на бакар би можеле да бидат воведени многу порано отколку што се очекуваше.
26.03.2025

Трамп преку „секундарни царини“ создава ново трговско оружје
Американскиот претседател се закани со „секундарни царини“ за земјите што купуваат нафта од Венецуела.
25.03.2025

Дали Трамп подготвува уште поселективен пристап? Белата куќа очекува царини од трилиони долари
Одредени земји ќе бидат изземени, во рамките на таканаречените реципрочни царински давачки
23.03.2025

Трамп вели дека Индија нема да се спаси од најавените царини
Доналд Трамп рече дека Индија ќе биде погодена од дел од царините што ќе стапат во сила на 2 април и покрај тоа што официјалните лица во Њу Делхи брзаат да го смират Вашингтон за да ги намали трговските бариери.
20.03.2025

Трамп смета дека Фед треба да ги намали каматите додека расте притисокот од царините
„МНОГУ ќе биде подобро Фед да ги НАМАЛИ СТАПКИТЕ бидејќи американските царини почнуваат да го трасираат (олеснуваат!) нивниот пат во економијата“, наведе Трамп во објава на социјалните мрежи.
20.03.2025

„Тесла“ е „најмалку изложена“ на новите давачки поради домашните производствени операции, напиша аналитичарот на „ЦФРА рисрч“ (CFRA Research) Гарет Нелсон во овонеделната анализа. Самата компанија „Тесла“ неделава се пофали со своите американски акредитиви, наведувајќи во објава на социјалната мрежа X дека нејзините модели „се најмногу произведени во Америка“.
„Форд“ (Ford Motor Co.) исто така може да се соочи со помало влијание од некои од ривалите бидејќи околу 80 проценти од автомобилите што ги продава во САД се произведуваат таму.
Покрај сите веќе важечки давачки, почнувајќи од следната недела се воведуваат и нови царини од 25 отсто што ќе важат за сите увезени патнички возила и лесни камиони, како и за клучните делови, како мотори, менувачи и електрични компоненти. Давачките ќе се применуваат само на уделот на возила и делови што не се произведени во САД, односно што се увезени според договорот за слободна трговија со Канада и со Мексико.
Увоз на автомобили и на делови за возилата во САД
Bloomberg Mercury
Тоа треба да го ублажи ударот за возилата чии синџири за снабдување се распространети низ континентот. Царините за делови од Канада и од Мексико, кои се во согласност со трговскиот договор, исто така нема да стапат во сила додека САД не воспостават процес за наплата на тие давачки.
Соседите на САД би можеле да го искористат тој прозорец за да се обидат да ја спречат целосната имплементација.
Сепак, овој потег во извесна мера е против договорот за слободна трговија на континентот, за кој Трамп повторно преговараше за време на неговиот прв мандат, што доведе до тесно интегриран синџир на снабдување што ја опфаќа Северна Америка. Канадскиот премиер Марк Карни ги нарече царините „директен напад“.
Со најголем притисок ќе се соочат странските марки што силно се потпираат на увезени возила. Јужнокорејскиот автомобилски гигант „Хјундаи“ ризикува да биде меѓу најтешко погодените. Иако производителот на автомобили и неговата филијала „Киа“ (Kia) имаат фабрики во Алабама и во Џорџија - а неделава објавија план за проширување на САД вреден 21 милијарда долари - производителот минатата година увезе повеќе од еден милион возила во САД, што претставува повеќе од половина од неговата продажба во земјата, според бројките на „Глобал дата“ (Global Data).
„’Хјундаи’ останува посветен на долгорочниот раст на американската автомобилска индустрија преку локализирано производство и иновации“, се наведува во соопштението на компанијата, истакнувајќи дека вработува 570.000 луѓе во САД.
Германија и Јужна Кореја се меѓу најголемите извозници на возила и автомобилски делови во САД
Bloomberg Mercury
„Хјундаи“ и „Киа“ можеби ќе треба да плаќаат и до седум милијарди долари секоја година за царини кон САД доколку се спроведат најавените давачки од 25 проценти, проценува Хјук Џин Јун, аналитичар од Сеул во „СК секјуритис“ (SK Securities Co). Тоа претставува речиси 40 проценти од вкупната оперативна добивка што двата производитела на автомобили ја заработија во 2024 година.
И покрај тоа што има четири фабрики за склопување во Кентаки, Индијана, Мисисипи и во Тексас, плус фабрики за мотори во Западна Вирџинија и во Алабама, „Тојота“ (Toyota Motor Corp.), најголемиот светски производител на автомобили, увезува околу половина од тоа што го продава во САД. Претставник на компанијата рече дека операциите на „Тојота“ во Мексико се 100 проценти усогласени со договорот за слободна трговија (USMCA).
Царините би можеле да го намалат проценетиот оперативен профит на „Тојота“ за фискалната 2026 година за шест отсто, според аналитичарите на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs) од Јапонија. Според нивната забелешка, „Нисан“ (Nissan Motor Co.) веројатно ќе биде најтешко погоден меѓу големите јапонски производители на автомобили, со процена дека оперативната добивка на оваа компанија веројатно ќе биде намалена за 56 проценти.
„Субару“ (Subaru) размислува како да го минимизира влијанието од царините, рече утрово портпаролот на компанијата, без да елаборира кои конкретни мерки ги разгледуваат. Според анализата на „Голдман Сакс“, „Субару“ може да забележи пад на оперативниот профит во 2026 година за 23 проценти.
Во целата приказна не се поштедени ниту производителите на автомобили во Детроит. „Џенерал моторс“ увезува пикапи „шевролет силверадо“ (Chevrolet Silverado) од погоните во Мексико и Канада, а од Јужна Кореја компактниот теренец „чеви тракс“ (Chevy Trax SUV) и својот семеен автомобил, теренецот „кросовер шевролет еквинокс“ (Chevrolet Equinox crossover SUV). Минатата година „Џенерал моторс“ продаде повеќе од 200.000 возила „рксинокс“ и „тракс“, кои се меѓу најевтините возила на компанијата. Производителот на автомобили исто така прави електрични верзии на „еквинокс“ и „блејзер“ (Blazer) во Мексико.
„Стелантис“ (Stellantis NV) ги произведува „џип компас“ (Jeep Compass) и „вагонир ес СУВ“ (Wagoneer S SUV) во Мексико. Компанијата ги увезува своите мини-комбиња „крајслер пацифик“ (Chrysler Pacific) од Канада и компактните „доџ хорнет“ (Dodge Hornet) и „фиат 500“ (Fiat 500) од Италија.
И иако „Форд“ повеќе се потпира на САД од своите конкуренти, компанијата се соочува со сопствена болка. Производителот на автомобили го изработува својот мал пикап „маверик“ (Maverick) во Мексико, како и компактниот теренец „бронко спорт“ (Bronco Sport) и електричното возило „мустанг меч“ (Mustang Mach-E).
Маск вели дека „Тесла“ нема да остане целосно неповредена. Во средата на социјалната мрежа X тој напиша дека царините имаат „значително“ влијание врз компанијата. Во подоцнежна објава на истата социјална мрежа Маск додаде дека царините ќе имаат „нетривијален“ ефект врз цените на увезените делови за автомобили што ги користи „Тесла“.
Помеѓу 60 и 75 проценти од компонентите што ги користи „Тесла“, во зависност од моделот, се произведени во САД, според пријавата од 2024 година од американската Национална управа за безбедност на сообраќајот на патиштата, а најголем дел од преостанатите делови е набавен од Мексико. Но со непрецизна вредност на увезените делови не е познато колкаво би било финансиското влијание врз „Тесла“.
Трамп инсистираше да нема конфликт на интереси и покрај истакнатата улога на главниот извршен директор на „Тесла“ во администрацијата.
„Никогаш не ми побара услуга во бизнисот“, рече Трамп на настанот во Овалната соба во средата, додека го потпишуваше указот со кој се воведуваат царините за автомобилите.