Феникс стана метеоѕвонче за екстремни горештини што ги кине нервите. Главниот град на Аризона неодамна регистрира тринеделен период на секојдневно соборување рекорди на топлина, при што термометрите на 28 септември достигнаа 47 Целзиусови степени.
„Сепак, дури и под прагот на соборување рекорди, Аризона почесто има потопли денови, кои траат малку подолго“, забележа Еринане Сафел, државен климатолог. Хроничната топлина од овој размер носи свои опасности, но не предизвикува толку големо внимание како екстремните температури што поставуваат рекорди. Феникс годинава имаше 92 дена што беа потопли од 35 степени, но не ја надминаа критичната граница од 43 Целзиусови степени.
Но повеќе денови што се многу топли не доживува само Феникс. Тампа, Флорида, забележа 132 дена годинава со над 32 степена, а Рали, Северна Каролина, имаше вкупно 111 дена со температури над 29 степени. Голем дел од САД доживеа „зомби-лето“ со ненормално високи температури, кои метеоролозите очекуваат да траат до крајот на октомври.
Прочитај повеќе
Пустошот што го остави Милтон укажува на мрачната иднина од климатските промени
Ураганот Милтон не остави само материјална штета, туку испрати и јасна порака за заканите кои доаѓаат во време на климатски промени.
11.10.2024
На Македонија ѝ требаат 6,4 милијарди долари за отпорност кон климатските промени
Поради климатските промени земјава до 2050 година би можела да се соочи со економски штети до четири проценти од БДП.
07.10.2024
Поголема потрошувачка на гориво ќе го спречи авиосообраќајот да ја испржи планетата
Причина за тоа е што за загревањето на планетата не придонесуваат најмногу емисиите на јаглерод диоксид од авионските мотори, туку кондензациските траги што се формираат за време на летот.
17.10.2024
Економијата на регионот Адриjа ја пржат климатските промени, одговорот ќе чини многу пари
Глобалното затоплување моментално е еден од најголемите предизвици на човештвото, а регионот Адрија се загрева многу повеќе и побрзо од просекот на остатокот од светот.
30.09.2024
Мајкл Блумберг: Неопходна е огромна посветеност во борбата со климатските промени
Имаме ветер во грбот, но и огромни пречки и невидени опасности што стојат пред нас, вели Мајкл Блумберг.
23.09.2024
Постојаните високи температури, кои не се рекордни, но се невообичаено високи, имаат здравствени и економски влијанија, иако истражувачите велат дека тие сè уште се недоволно проучени.
„Хроничната топлина не го добива потребното внимание. Знаете, тоа е тема што не е толку секси. Не добива наслови“, рече Мет Брерли, експерт за топлинска физиологија, кој спроведува истражување и ги советува австралиските служби за итни случаи, индустриските работници и спортистите, вклучувајќи ги и олимпијците.
За време на најтешките топлотни бранови на луѓето им се кажува да избегнуваат да бидат подолго време изложени на отворено, да се разладуваат, да пијат доволно течности и да внимаваат на симптомите на топлотен удар, како што се главоболка, гадење и конфузија. Но помалку невообичаените нивоа на топлина исто така може да имаат кумулативни ефекти што се тешки за телото.
„Немаме многу цврсти докази за физиолошката толеранција за повеќе денови - ако не и недели или месеци - на продолжена изложеност на оваа топлина“, призна Вивек Шандас, експерт за климатски промени од Државниот универзитет во Портланд. Но тој ја опиша хроничната топлина како еден вид „смрт од 1.000 исеченици“.
Телата треба да ја одбиваат топлината. Кога поминуваат часови или денови во кои телото не може да ја одбива топлината, срцето почнува да пумпа посилно. Метаболизмот се забрзува, напрегнувајќи го кардиоваскуларниот систем и потенцијално зголемувајќи ги шансите за срцев или мозочен удар. Крвта тече кон кожата и подалеку од критичните органи, што доведува до истекување на токсините од цревата, од кои телото се обидува да се ослободи. Дехидрацијата што не се лекува доволно долго може да ги оптовари бубрезите, понекогаш дури до откажување.
„Дали луѓето реагираат различно, да речеме, на една недела или повеќе од 35 Целзиусови степени, во споредба со два дена од 40 степени, е прашање без многу истражувачко внимание досега“, рече Шандас.
Шандас предлага нов начин за мерење на потенцијално штетната изложеност на топлина, во единици степен-часови. Имањето заедничка метрика ќе им овозможи на луѓето и заедниците да откријат прагови кога кумулативната изложеност на постојана топлина што не соборува рекорди почнува негативно да влијае на здравјето.
„Се обидуваме да му дадеме поголемо значење на разговорот за времетраењето на потоплите денови, бидејќи во моментов фокусот е само на тоа колку е жешко“, рече тој.
Како што растечките температури, вклучувајќи и постојано повисоки, стануваа главен фокус за климатските научници, експертите за јавно здравје, персоналот за итни случаи и Обединетите нации направија разлика помеѓу екстремните топлотни скокови и „бавниот почеток“ на пораст на температурите што предизвикуваат загуби на економијата и општеството.
Сафел рече дека во Аризона хроничната топлина најзначително се појавува ноќе, кога на луѓето физиолошки им е потребен одмор од топлината. Температурите во Феникс годинава останаа над 32 Целзиусови степени дури 39 ноќи.
Истото тоа важи и на места што не се познати по жештината, смета Кети Дело, државен климатолог во Северна Каролина. „Жештината на државата не е секогаш рекордна, но е немилосрдна“, рече таа.
„Ноќните температури се толку шокантно различни од тоа какви беа пред една генерација, што графиконот што ја прикажува промената е навистина графикон што може да го покажете пред луѓето и да кажете: ’Еве го влијанието од климата’“, рече Дело.
Шандас спроведува истражување за тоа како градовите се ладат ноќе, блок по блок, зграда по зграда, и вели дека сè уште има потреба од подобри и пообемни податоци.
„Работниците на отворено што имаат мало или немаат никакво ладење дома може да бидат особено изложени на ризик од зголемување на ноќните температури“, рече Бренда Џеклич, научник за здравствени истражувања во американскиот Национален институт за безбедност и здравје при работа. На работниците им треба време да се аклиматизираат на жешките услови, без разлика дали се нови на работа или штотуку се враќаат од една или две недели одмор од некаде каде што е поладно. Неуспехот да им се дозволи на луѓето да се приспособат на повисоки температури кога започнуваат со работа или се враќаат на работа може да биде водечки фактор за смртни случаи на работното место поврзани со топлина.
Сингапур минатата година издаде упатства за работа на отворено во специфични услови, од натпросечна до ретка „температура на влажен термометар“ - мерење што комбинира топлина, влажност, ветер и сончево време. На пример, при влажна температура од околу 31 степен, работодавците мора да им дадат на работниците соодветен одмор под сенка; на 32 степена тие мора да обезбедат паузи за одмор од најмалку 10 минути на секој час за работниците што вршат тешка физичка работа. А при поголема влажност и температура од 33 степени, паузите мора да ги зголемат на 15 минути, работодавците треба да им обезбедат на работниците соодветни пијалаци за континуирана хидратација и да воспостават план за реакција при итни случаи.
Шандас вели дека треба да има поконзистентна комуникација од властите со јавноста во текот на топлотната сезона, не само во итни случаи: „Одговорот за итни случаи нема капацитет да допре до сите низ регионот со подолга одржлива хронична топлина“, вели Шандас.
Како последица на растечките температури, како просечните, така и екстремните, градовите во Аризона исто така спроведуваат експерименти за тоа како да реагираат.
„Треба да размислуваме, не за топлотните бранови и топлината како краткорочна катастрофа, туку за топлотна сезона“, вели Сара Мероу, експертка за урбана отпорност во Државниот универзитет во Аризона.