Идната недела Регулаторната комисија за енергетика ќе носи одлука за цената на парното по која зимава ќе се греат скопјани. Цената ќе се формира врз основа на трошоците што ги направиле компаниите за набавка на гас од почетокот на оваа година до крајот на септември. Претседателот на Регулаторната комисија, Марко Бислимовски, вели дека нема да бидат дозволени ценовни шокови.
Прашањето е до кога. Првиот човек на НОМАГАС, Бајрам Реџепи, во изјава за Блумберг Адрија ТВ вели дека поради новите бугарски правила гасот ќе поскапи за 25 отсто. Бугарија пред две недели донесе одлука за зголемување на цената за пренос на руски гас. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека Владата ќе бара отштета и од Бугарија и од Европската Унија ако Софија не ја промени одлуката. Додека се искристализираат работите, земјава останува целосно зависна од Бугарија кога станува збор за овој енергент. Гасоводот кон Грција би требало да почне да се гради дури следната година, кон Србија е само најава.
Поскапиот гас нема да биде товар само за скопјани зимава туку и за компаниите, кои и така,според НБРМ, се соочуваат со сериозни предизвици, а ударот е најтежок за најмалите.
Недостигот од кредити е еден од предизвиците. ЕЦБ вчера реши да паузира, но уште сега е јасно дека каматите долго време ќе останат високи, што значи дека и кредитната активност ќе забави, а ќе растат и ризиците за неможност за отплата на кредитите.
Одлуката на ЕЦБ беше очекувана и затоа што инфлацијата се намалува, но и затоа што, по Германија, и еврозоната влегува во рецесија. Што може во ваква ситуација да влијае позитивно на економската активност? Во новиот број на „Блумберг бизнисвик Адрија“ анализираме дали војната може да биде тоа. Земјава не може да се потпре на воена индустрија затоа што таа е неразвиена, иако некогаш тука имаше гиганти што произведуваа и ракети и зољи.
Земјава не може да се потпре ниту на туризмот, иако прогнозите за годинава беа розови и се очекуваше повторување на бројките од пред корона-кризата.
И за крај, уште едно разочарување – не можеме да се потпреме ниту на лековите за слабеење. Иако се изгор скапи, резултатите што ги нудат се оскудни, а можат да бидат и фатални. Докторите си остануваат на своето – јадете помалку, вежбајте повеќе.