Оние инвеститори на Волстрит што им веруваат на пазарите во развој конечно забележуваат подобри приноси по годините на пропуштени можности додека американските акции растеа до небо.
„Морган Стенли инвестмент менаџмент“ (Morgan Stanley Investment Management), „АКР Капитал менаџмент“ (AQR Capital Management), Банка на Америка (Bank of America Corp.) и „Франклин Темплтон“ (Franklin Templeton) се меѓу оние што се обложуваат дека ситуацијата конечно се врти во корист на акциите од пазарите во развој.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот на денот, во избор на дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“ од Скопје.
Родова еднаквост во енергетиката
Според податоците на Државниот завод за статистика за 2023 година, во секторот рударство 91 отсто од вработените биле мажи, а во секторот енергетика над 78 отсто од вработени се припадници на машки пол.
Состојбата со застапеноста на жените во енергетскиот сектор е уште полоша ако се земат предвид податоците за членовите во управувачките одбори на енергетските компании во земјава.
Имено, во АД ЕСМ во управниот одбор од шест члена нема ниту една жена, а во надзорниот одбор на шест мажи има една жена. Во МЕПСО состојбата е за нијанса подобра. Од седум члена во УО, една е жена, а во надзорниот одбор од шест члена – две се жени.
Кој е кој на нафтениот пазар во Македонија?
Вкупните увезени количества на нафтени деривати во Македонија лани изнесувале 1.313.693 тони, што е за 2,6 проценти помалку во однос на увезените количества на нафтени деривати во 2023 година (1.349.391 тони), покажуваат податоците од годишниот извештај за 2024. година.
Најголем увозник во 2024 година е „ОКТА Рафинерија на нафта“ АД Скопје којашто учествува со 73,1 проценти, потоа следува „Супертрејд“ со 10,3 проценти, „Лукоил Македонија“со 8 проценти, „ОМ Петрол“ со два процента, „ЕКС ФИС“ ( два процента), „Црна Река Петрол“ (1,1 процент), „Макпетрол“ АД Скопје (0,9 проценти) и останатите трговци со повеќе од три проценти учество во вкупниот увоз на нафтени деривати во 2024 година...
Дали „седумте величествени“ и понатаму се најсигурна инвестиција?
Во поголемиот дел од изминатата деценија неколку технолошки компании со висок раст го туркаа американскиот пазар на акции до рекордни височини и станаа темел на инвестициските портфолија. Но годинава тоа се урна.
И покрај тоа што индексот S&P 500 успеа да се врати во зелена зона за 2025 година по колебањата предизвикани од променливите трговски политики на претседателот Доналд Трамп, технолошките гиганти како „Епл“ (Apple Inc.), „Алфабет“ (Alphabet Inc.), „Амазон“ (Amazon.com Inc.) и „Тесла“ (Tesla Inc.) сè уште се во пад. Индексот на „Блумберг“ за „седумте величествени“ (Bloomberg Magnificent 7) - кој ги вклучува овие компании, како и „Мета“ (Meta Platforms Inc.), „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) и „Енвидија“ (Nvidia Corp.) - има послаби резултати од S&P 500, а ако тоа продолжи до 31 декември, ова ќе биде само втората година во последните 10 во која се случува тоа.
Британија ќе го регулира кредитирањето на принципот „купи сега, плати подоцна“
Велика Британија од следната година ќе воведе низа построги правила за заемодавците што нудат кредити со одложено плаќање според принципот „купи сега, плати подоцна“ (англ. buy-now, pay-later - BNPL), потег што ќе ја усогласи регулацијата на нивните понуди со другите кредитни производи.
Според правилата, таквите кредитори ќе бидат обврзани да ја проверат кредитната способност на купувачите пред да понудат заеми, додека корисниците на таа услуга ќе добијат побрз пристап до поврат на средства и право на жалба до финансискиот правобранител.
„Новите правила ќе ги заштитат купувачите од должнички замки“, наведе во соопштение Ема Рејнолдс, економска секретарка во Министерството за финансии, во кое се истакнува дека новите правила ќе стапат во сила од следната година.
Како се менува начинот на инвестирање во американскиот спорт
Група професионалци од светот на спортот, меѓу кои и сосопственикот на Далас Маверикс, Марк Кубан, отвораат фонд за приватен капитал вреден 750 милиони долари со цел инвестирање во малцински удели во американски професионални спортски тимови.
Фондот, под името ХСП (Harbinger Sports Partners) ќе биде фокусиран на стекнување удели до пет проценти, се наведува во соопштението. Тие планираат да инвестираат помеѓу 50 и 150 милиони долари по трансакција, а излезот од инвестициите ќе се реализира преку секундарни продажби во период од седум до десет години.